Како да се убие човек

Длабоко во шумата прекриена со дебел нанос снег, на мигови заборавав дека нашите во ровот се далеку зад мојот грб, а мините посеани којзнае каде во тој простор на ничија земја по која ја душкавме трагата на непријателот како ловечки кучиња дивеч. Ние тројца извидувачи, навикнати на молчење, газевме прилично раширени, во формација триаголник, што овозможуваше реакција ако еден западне во неволја.

Цијанид

Тој не учествува во кафеанските разговори, секогаш само молчи, во негово присуство кафеаната не мириса на чад, туку на невидлива опасност. Изгледа студено и грубо, ама плаче кога ќе види животно згазено на патот. Ни тоа не е лесно, да ти се посерам на таквиот живот.

Колекционер

Бог е, сепак, најголем колекционер. Нè реди горе како цепеници на палета да се исушиме од овоземската мувла. Пред небесната тријажа, секако.

Никогаш не сум рекол тато

„Ајде, Сараево!“, повика Мајсторот, вртејќи го воланот надесно за да влезе на колосекот. Среќко веќе долго беше буден и подготвен веднаш по излегувањето од автобусот да отрча во тоалет. Од малечок се навикна да трпи и да ги чека паузите за мочање. Мајсторот ноќеска виде дека сите патници спијат, па без пауза, само продолжи накај Сараево и така стигна пола саат порано.

Летото што го чекавме

„Не сум јас женско петле“, ми вели, додека одбива да го носи букетчето бели ради што го набрав по патот до Коњичкиот клуб. Беше пролет и сѐ мирисаше на новиот живот на природата. Ливадата низ која се провлече поплочената патека беше опсипана со жолти и бели цветови. Не берев глуварчиња, од течноста од нивните дршки ми остануваа дамки на рацете.

Кора од смрека

Треба да се пие пред војната. Му лизна ракијата низ грлото штом сирените прогласија воздушна опасност. Водителот на Дневникот пријатно порача да останеме мирни пред да се изгуби зад црното стакло.

Птици

Мерејќи ја распределбата на акустичната енергија според фреквенции, научниците открија намалување на интензитетот на природните звучни пејзажи. Тоа е, утврдија, поттикнато од промените во составот на птичјите заедници. Луѓето се одговорни за нивното изумирање, исто така. Последиците од намалувањето на бројот на птиците ќе се одразат на луѓето. Птиците, нагласуваат, нема да им го заборават тоа.

Треба нешто да направам со чевлите

Стојам со Маја на патечето под Ветерина. По малку ме чуди што среде градот постои патече, патче со изгазена мртва трева, баш како кај мене на село. Одењето низ високата трева во која можеби демне остар камен или сонце или живот или змија. Ќе касне за глуждот брзо и подмолно, ќе ти го прострела месото за секунда, непогрешливо и отровно, фатално. Ќе ти ебе мамата.

Универзално средство

Вторник е, девет часот и дваесет минути наутро. Пак доцни, помисли Горанка и си ги прекрсти нозете на честерфилдот. Никогаш не се впушташе во детали зошто троседот се викаше така – општо земено, ретко кога се впушташе во деталите за што било што го сочинуваше нејзиниот свет, просто не сум таков човек, сега јас да анализирам тука зошто и како, така е како што е, им објаснуваше на заинтересираните – ама умееше да го намириса тој квалитет веднаш по влегувањето во салонот за продажба на мебел.

Петровиќ

Старецот се вика Андреас Петров. Страда од Алцхајмер и дисоцијално нарушување. Тетка ми вели дека Петров страда од тага.

Фустан

Дома е тивко како во кадифена кутија. Старата се пакува за пат. Се движи бавно, стапалата ѝ се криви, на двете има глуждови со големина на шести прст. Таа тоа го вика коска. – Ја имам коскава – вели – па можам само во рамни обувки. А некогаш не знаев без потпетици да одам. Ниту ќе излезев од дома без обетки. Веќе долго ништо не носам, само саатот.

Отаде

Велосипедот со две помошни тркала остана во Германија. Кусо пред да се вратиме во Косово, мајка ми и татко ми одлучија да му го дадат на малиот син на Рио и Асунта. Ми рекоа дека сега, кога веќе имам шест години, треба да се научам без тоа. Без помошни тркала немаше зошто да излегувам во сокачето и да се посрамотувам пред маалските деца.

Кошмар

Го облекува капутот набрзина! Со намрштени веѓи и подзатворени очи, лицето уште повеќе му ја оддава нервозата. Помина една луда ноќ. Креветот не сакаше ниту да го погледне!

Тела од вода

Ако го гледаме внимателно она што се случува во мракот, ќе видиме на зглавјето од креветчето петгодишно девојче, налик на сите девојчиња, како шепоти, па потпевнува, па пак шепоти. Сувиот воздух од собата го дели со мајката и со пијаниот татко. Девојчето чувствува како големиот залак страв ѝ слегува низ грлото додека од устата молитвите ѝ излегуваат брзо како стрелба. Татко ѝ често не е дома, мама ѝ вели на сосетката дека пак отишол на боиштето. Кога ќе се врати, сенката му е поголема од него. Девојчето не го сака татко си.

Црното кутре

Откога исчезна, тука се создава јазолот на чудото. Сè кај тој човек беше чудно, од денот кога го донесоа тука заедно со жената. Крупен како мечка, со главата впикана меѓу плешките и со многу убави очи, широки до слепоочниците, исцртани. Косите некогаш во огнена боја, сега пеплосани, сиви. Не се знае кој беше повеќе одговорен за ова гаснење, дали прашината, пржењето на сонце, ињето наталожено со години, или сето тоа заедно? Жена му беше нешто друго.

Снегот

Цела зима не падна снег. Кога првпат, една квечерина кон крајот на март, почна да провејува, сите се зарадувавме. Беше тоа пердувест, проѕирен снег, оној вид што се топи и се претвора во капки штом ќе го допреш со здивот. Излеговме и направивме мал, смешен снешко, па се помававме со полуводени фатки снег, колку да ја материјализираме радоста.

Распуст

„Скокни!“

Стојам на врвот на водопадот, додека острите камења ми ги прободуваат стапалата. Ако скокнам, болката ќе исчезне, ќе се лизнам низ слузавите плоснати камења во ледената бучна вода. Од оваа височина групата момчиња од улицата изгледаат како глутница гологлави мајмуни. Маки седи пред сите, со нозете во брзата вода во која тресе пепел од цигарата. Тој при скокот си го одра грбот и сега има горда лузна што изгледа како некој насилно да му ги откинал крилјата.

Конкурс

Имаа шеснаесет години. Беа на село за да се тргнат од градот во кој како екипа гранџери беа сметани за наркомани, секташи, педери… Еден од нив имаше куќа во оние карпести, вестерновски села во околината на Цетиње, во кои постои само укањето на птиците, камена црква и маглива идеја за архетипската слобода на предците, а жители одамна нема.

Erzähle mir etwas über dich

Навечер се прививаш до мене. Ги затвораш очите. Јас си го заплетувам здивот во твојата коса. Убаво ти е кога те успива мојот глас. Почнувам приказна.

Чевли

Чевли, не чизми. Чевли, мокасини, веќе износени. Левата по малку извадена од калап како кренато тесто и чорапите стуткани околу глуждовите. Човек би можел да помисли дека во купето влегол некој патник само за да праша дали има уште некое место. Обично тоа се такви чевли.