Јетон Муслиу

 

Го облекува капутот набрзина! Со намрштени веѓи и подзатворени очи, лицето уште повеќе му ја оддава нервозата. Помина една луда ноќ. Креветот не сакаше ниту да го погледне!

Не сака да гледа ни настрана, онаму каде што сношти се скрши огледалото, а неколку од закачените фотографии во рамки паднаа на подот.

Можно е дури тој и да не знае што се случи. Беше пијан!

Мојата глава, не сакајќи, беше автор и сведок!

Зад неговото мрачно лице се крие лутината на едно гневно дете.

На она дете кому родителите му ја исполнуваат секоја желба, но кое не сака да се задоволи! И, најпосле, крши сè што ќе се најде пред него.

Со нервите напнати до крај, се обидува да тргне на работа. Под капутот го облече сакото од униформата, а под него кошулата, која на левата страна го има амблемот на полицијата, а на која доминира сината боја. Велат дека е боја на мажите, иако ја облекуваат и жените.

Кошулата му ја испеглав сношти. Откако се искрши огледалото и врамените фотографии паднаа на подот.

Сега не станувам од кревет. Не оти не сакам, туку не можам. Нејсе, ова не е првпат да не можам „да си ги соберам коските“!

Сепак, повеќе одошто коските во телото, срцето е тоа кое не ми дава да станам.

Останувам во нашиот брачен кревет, од пред пет години. Сум ја покрила и главата со јорган, како што правам често кога мојата глава го крши огледалото, а рамките со фотографиите ги фрла на подот.

Останувам така со часови во нашиот стан од две соби и кујна на седми кат. Тука, каде што сончевите зраци го галат прозорецот на салонот во кој седам само два часа во текот на денот. Другиот дел од денот се запираат од зградата отспротива, која е оддалечена само неколку метри.

Затоа, останувам во постела, со косите разбушавени насила, со едниот дел од лицето прилепено за постелата, а на другата страна, го покривам со рацете.

Под јорганот сум! Будна, но не пуштам глас од себе. Не сакам да се види дека сум будна!

Сепак, ги слушам движењата низ собата што ги прави мојот маж… ако може да се нарече маж!

Лежам без збор и без да се помрднам. Се обидувам да најдам мир со мојот молк!

Тој продолжува да се врти низ собата и да се движи како полуден.

Неговите движења наликуваат на скокањата на обезглавена кокошка, каква што гледав како дете, кога ќе отидев на село кај баба ми. Радоста за мене таа ја изразуваше така што жртвуваше една душа. Кога ќе удреше со секирата по вратот на кокошката, главата полетуваше нанапред, крвта бликаше силно, а телото скокаше горе-долу. Крвава гозба!

Како дете, мислев дека и кокошката се радува за мене. Дека, по „претставата“, главата повторно ќе го пронајде телото и работите пак ќе бидат исти како што беа пред тоа.

Нејсе! Додека ја сфатив вистината, многу кокошки „се беа израдувале“ за мене!

На почетокот беше разочарувачко, но подоцна се научив да живеам со тоа чувство!

Принципот на „научување“ одлучив да го користам и со мажот ми.

Одвреме-навреме, кришум го погледнувам од под јорганот со кој сум покриена.

Целиот е гневен! Ги облекува црните ракавици за да се заштити таму надвор, од студот на штотуку започнатата есен.

Не зборуваме уште од минатата ноќ. Е, добро де, не е оти зборуваме и другите ноќи.

Во сиот овој парадокс, нема ништо особено! Вака се случувало и порано!

Пред неколку недели, зготвената вечера не беше по негов вкус.

Еднаш затоа што му побарав да излезам со комшиката на кафе.

„А каква комшика?“, ми рече кратко. „Со оваа проститутка?“

Списокот на причини поради кои јас треба да седам вака легната од болките во телото како да не завршува никогаш.

Тие започнаа пред пет години, кога, и самата Албанка, се омажив со албанска свадба, преполна со салтанати.

Тој е син единец и за неговата женидба требаше да дознаат што повеќе луѓе.

И што е најдобро, беше полицаец!

„Ќе бидам жена на полицаец“, мислев тогаш. „Ќе бидам заштитена.“

Ах, колку пати сум се удирала со тупаници во главата овие пет години, поради тие мои размислувања. Колку глупава сум била!

Подоцна се удирав себеси со тупаници и за песните кои ми ги пееја на свадбата. Ме споредуваа со сонцето и месечината. Дури, така ме опишуваше и тој, тогаш мојот љубен, подоцна мојот маж, а сега мојот омразен. Се запознавме во еден бар. Беше висок, црнокос. Таков и остана. Само што не знаев дека, за разлика од бојата на неговата кожа, душата му беше црна катран. Сè започна со еден понуден пијалак.

Сега кога го мислам, сè ми личи на некаков театар. Дури со високо ниво на подготвеност.

Никогаш не би помислила дека од утредента, откако престана музиката и на свадбената гозба ѝ дојде крајот, месечината со која ме споредуваа ќе исчезне, а сонцето на кое јас со мојата убавина, само еден ден порано, му ги запирав зраците, за мене веќе нема да изгрева.

Со невестинскиот вел обесен во собата, јас ја обесив и мојата иднина.

Полицаецот кој требаше да ги спасува луѓето почна да ја убива мојата надеж за среќен живот.

Колку би сакала да не го прифатев тој понуден пијалак во барот!

Пет години откако сватовите се нагнетија месо, од нивните одвратни гримаси без никаква причина, но преправајќи се дека се среќни поради мене и мојата среќа, со громогласната заглушувачка музика, сега е уште посилен вресокот внатре во мене.

Колку пати сум му завидувала на крадецот. Тој краде, но можеби ќе успее и да побегне!

Колку би сакала да бев тоа. Крадец. Да побегнев! Да се скриев некаде. Не можам веќе да поднесам да бидам негов плен!

Но, не! Каде да одам? Останувам мамка засекогаш. Фатена сум во стапица.

За свадбата, освен една белезица и еден плик со пари колку за една вечера, семејството не ми даде ништо. Едноставно е. Женско сум!

Проколната сум. Традицијата ме проколнала. А кога им се допаѓа, луѓето обожаваат да ја пренесуваат традицијата од колено на колено. Макар да било тоа и проклетство.

Ми рекоа, имот ќе најдеш кај мажот. Најдов силувач облечен во мантијата на законот.

Затоа, единственото решение кое ми останува е покривањето на главата со јорган.

Можеби јорганот ќе ми ги залечи модрините низ телото, од тупаниците добиени претходната ноќ.

Испегланата кошула која штотуку ја закопча е причината за трагите на моето тело. Кошулата е законот и силата пред кои треба да се предадам.

Кошулата е немиот сведок зошто не можам да станам од постела и ова утро.

Заборавот на умот да се испегла ја плаќа мојата глава и моето тело.

Тој сега се брза. Се врти обезглавено низ собата во станот. Го бара службениот пиштол. Мрмори низ заби. Сфаќам дека пцуе!

Научив што кажува и кога зборовите не ги изговара докрај.

Одеднаш, ненадејно, на работ од нервите, го удира ѕидот на десната страна на собата. Онаму каде што му доаѓа дека се наоѓа собата на сосетката која тој ја нарекува „проститутка“!

Вцрвен во лицето, изнервиран, свикува: „Доста веќе, оти ме излуде.“ Освен него, никој друг не вели дека таа е проститутка. Девојката е на околу триесет години, татко ѝ е Албанец, а мајката Босанка од Призрен.

Живее сама во Приштина, работи и се облекува со стил. Ужива навечер со другарките и пее наутро пред да замине на работа.

Колку ми се допаѓа нејзиниот живот, додека самата сум врзана за оваа постела во која наоѓам утеха. Од грутката која ми се создала во грлото, образите ми горат, а солзите и гласот не ми излегуваат. Но, залудно, ниту тие не ќе ме спасат од оваа бездна. Мојата слобода се препелка под овој јорган.

Тој продолжува да ја пцуе „проститутката“, животот, мене и сиот свет.

На работ од нервите, не успева да го најде пиштолот. Не знае каде го оставил, или можеби го изгубил. Сношти дојде напиен, како што често се случува. Пие дури не му пукне стомакот!

Не остава место без да пребара, а заедно со тропањето, пцуе и проколнува.

Не се помрднувам! Одеднаш, се враќа во собата. „Стани, кучко, најди ми го пиштолот“, вреска и ми го трга јорганот – мојата слобода!

„Од каде да знам јас каде е?“ – му велам со пола глас. Без да ја завршам реченицата, ме фаќа за моето лево рамо, помодрено од ударите од минатата ноќ.

„Ти си ме видела каде сум го оставил“, вели и уште пред да заврши, ме влече како вреќа, до толку што не успевам ниту да ги спуштам нозете од креветот на подот.

За неколку секунди, се наоѓам легната на подот. Едвај собирам сила, се кревам и одам кон креветот. Повторно ја барам мојата слобода, таму под јорганот.

Легнувам како без глава и се покривам. Го слушам неговото дишење како да испушта душа и трите брзи чекори кои доаѓаат кон мене.

Го чувствувам тресењето на постелата. Од устата без еден заб среде долната вилица продолжуваат да излегуваат пцостите.

На лицето ја чувствувам тежината на неговите раце со црните ракавици,а јорганот, мојата слобода, почнува да станува мојот гроб. Почнувам да останувам без воздух.

Колку и да се трудам, не успевам да дишам. Дробовите бараат воздух. Почнувам со раце да барам воздух. Ги вадам од под јорганот и ја допирам неговата глава над мене.

Јорганот, мојата слобода, ме задушува. Тој го блокирал на двете страни.

Го допирам неговото лице. Брзата помисла дека тоа е последното нешто што ќе го допрам во овој живот, ме ужасува. Удирам со тупаници по креветот, со сета сила што ја имам.

Успевам да ги тргнам неговите раце. Го отфрлам јорганот настрана и едвај се полнам со воздух. Дробовите бараат воздух. Стасале до нивните граници. Очите ми се ширум отворени, само што не излегле од место. Градите одат горе-долу и скокаат дури и повеќе од кокошката на која баба ми ѝ ја сечеше главата. Градите бараат воздух и непрестајно вовлекуваат. Се обѕрнувам наоколу. Сама сум, седната на креветот.

Одеднаш слушам глас што притаено доаѓа од ѕидот на десната страна на собата. Тоа е мојата сосетка, која пред да замине на работа, си пее гласно.

Погледнувам во часовникот, 6 и 45 е. Време да се тргне на работа!

Господе, каков кошмар. Сон беше! Станувам набрзина. Во 7.00 часот, како и обично, одам со сосетката на работа. Продаваме авионски карти. Таа ми е и другарка. Си кажуваме една на друга многу работи. Утрово ќе ѝ раскажам дека мажот во мојот кошмарен сон ја нарекува проститутка. Ќе се смееме! Меѓутоа, ќе ѝ се заблагодарам за тоа што пее секое утро. Особено денеска! Овој кошмар ќе им го раскажам и на родителите кога ќе ги посетам викендов. Ќе им се заблагодарам за имотот што ми го доделија и мене, исто како и на моите двајца браќа. Мислите ми ги прекинува пораката на телефон од „проститутката“.

„За 10 минути те чекам кај лифтот.“ Си мислам, „колку ли сум среќна!“

 

Превод: Илир Ајдини

 

 

  Јетон Муслиу

Јетон Муслиу (1980) дипломирал новинарство/масовни комуникации во Приштина. Има и магистратура по електронски медиуми. Работел за печатени и електронски медиуми во земјата, во регионот и во Европа. Добитник е на повеќе национални и меѓународни награди за истражувачко новинарство. Во 2009 година беше прогласен за „Новинар на годината“ во Косово. Моментално е уредник на вести во Јавната радио-телевизија на Косово (РТК). Има желба да пишува, но не и храброст да објавува. Расказот за „Бибер“ од областа на литературата е првиот за кој успеа да се убеди себеси да го испрати за објавување.
Контакт: jeton.musliu@live.com, FB @jetonmmusliu, Instagram @jetonmmusliu/ jmm_rks, Linkedin Jeton M Musliu, X Jeton Musliu

 

 

ažurirano: 13/03/25