Тена Лончаревиќ

 

Длабоко во шумата прекриена со дебел нанос снег, на мигови заборавав дека нашите во ровот се далеку зад мојот грб, а мините посеани којзнае каде во тој простор на ничија земја по која ја душкавме трагата на непријателот како ловечки кучиња дивеч. Ние тројца извидувачи, навикнати на молчење, газевме прилично раширени, во формација триаголник, што овозможуваше реакција ако еден западне во неволја. Воздухот имаше густо бела боја, често ми се чинеше дека се движам низ штотуку истисната темпера. Еве и сега, по сите десетлетија, можам да го чујам клукајдрвецот како чука по кората на дабот, а по лицето ми паѓа ситен снег од гранките. Верувај ми, во тие мигови знаев сосема да се заборавам, во мене влегуваше таков спокој што повеќе не чувствував ни студ ни страв. Сѐ во шумата имаше свое место и смисла, шумата не знаеше дека има војна. И јас заборавав, за миг ќе потонев во белината и од таа чистота престанував да постојам.

Спокојот не траеше долго. Сомнителното чкрипење на снегот брзо ме враќаше во стварноста, за секунда повторно ја чувствував тежината на пушката префрлена преку раката, а мекиот воздух нагло ќе се заостреше и непријателски ме гризеше за лицето. Да бидам искрен, главно, се плашев. Не го очекуваше тоа, нели? Знам, од еден носител на Споменица очекуваш јунаштво, но, верувај ми, под униформата, место тело, главно се наоѓаше гол страв. И не бев единствен, сите се штрекнувавме од секој звук. Се сеќавам кога Зока отвори рафална стрелба, зашто нешто гадно пукна во близина. Не беше бомба, експлодираше запалката што му падна од џебот во дупката во која палевме оган. Да, истиот оној Зока што подоцна го нарекоа Рамбо зашто појадувал, ручал и вечерал четници, баш тој во паника истрела цел шаржер, а сѐ поради запалка. Потоа се смеевме, се смееше и тој, но нервозно, ни беше јасно дека таму, зад барикадата на самиот раб на шумската чистина, налик сме на лименки за гаѓање. Чекавме острел слабо вооружени, уморни и подизмрзнати. Но, наредбата беше таква, требаше што повеќе да се приближиме до окупираниот Липовац и да ги лоцираме непријателските позиции.

Ноќе температурата паѓаше многу под нулата, никакви јакни и капи тука не помагаат, верувај ми. Не смеевме да се движиме за да не ја откриеме својата позиција со чкрипењето на чекорите по смрзнатата земја. Не смеевме да палиме оган, освен во онаа импровизирана дупка чија топлина едвај допираше до вкочанетите прсти во чизмите. Се сеќавам на тресењето на вилицата, иако најмногу би сакал да го заборавам тоа, на усните толку испукани што секој обид за насмевка ме печеше. Ракијата помагаше, но само за миг, врелината испаруваше побрзо отколку што доаѓаше. Не можам да ти доловам толкав студ, се надевам дека никогаш нема да имаш можност да го почувствуваш. Но, ми се чини дека повеќе од студот ме разболуваа мислите. Километар зад нас момците, вкопани, држеа отстапница кон автопатот, а патот водеше во некои села каде што сѐ уште постоеја куќи со оган во печката, со дебели јоргани на креветите и славини со врела вода. Ме полудуваа сопствените мисли, ќе се сетев на оние утра кога уште беше сосема мал, па пред зора скокнуваше кај мене и мама во креветот. Го памтиш ли тоа? Признавам, тоа ме нервираше, во сон редовно се вртеше, ме туркаше, ме удираше со ножињата. Безброј пати одев на работа раздразлив од ненаспаност и ѝ забележував на мајка ти, која не сакаше да ме послуша, што ти го дозволуваше тоа. Да беше по мое, ќе те вратев во твоето креветче, па викај најгласно што можеш, брзо ќе ти здодееше. Меѓутоа, таму, во оној глув, смрзнат мрак, фантазирав дека повторно си сосема мал, дека се облекувам за на работа во собата, топла од нашите измешани здивови, додека мајка ти шепотејќи набројува што сѐ треба да донесам од град. Замислував како се откажувам од сѐ, како се враќам кај вас под јорганот и спијам, без никакви соништа, само спијам. Пижами, мрзлива дремка по ручекот, ти пишуваш домашна на трпезариската маса, мајка ти пее на мелодијата од радиото: Каја, оваа ноќ, Каја, затвори ги очите, нема да ти се вратам… Како и секогаш, ја промашува интонацијата, се смеам.

Верувај ми, таквите мисли физички ме болеа. Таму, на она парче смрзната ничија земја, чувствував дека веќе не ви припаѓам. По два дена на позиција, секоја нормалност станува незамислива. Кога Драго нагази на паштета, знаев дека веќе нема нормалност. Беше тоа некаде средината на јануари, длабоко во шумата, на местото каде што Спачва се извива во голем лак. Наивно помисливме дека е теренот чист, дека не стигнале да го минираат од оваа страна на реката. Подоцна тоа утро премотував и вртев низ главата, се обидував да сфатам дали и по што можевме да насетиме што ќе се случи. Ништо не заклучив. Драго беше ведар, пред поаѓање го зафркаваше Томо поради марамата што овој ја врза преку капата, а мене ме брзаше со она вообичаено: Ајде поету, сигурно веќе им фалиме на четниците. Ни час подоцна, таа негова реченица ми се врати искршена, низ врева и пискање по експлозијата. Знаеш, кога ќе отидеш до заледената река омеѓена со стебла прекриени со снег, таа глетка како да не е од овој свет. Не знам колку белина човек може да поднесе, но се сеќавам дека помислив оти сѐ околу нас е невино убаво и дека во шумата само ние сме вишок. А, потоа одекна. Точно пред моите очи купче снег полета во вис, заедно со парчиња од стапалото на Драго. Го видов како паѓа. Чув пцуење. Од другата страна на реката почна пукање, куршумите фрчеа по стеблата. Фрчеа околу нас, експлозијата нѐ разоткри. Томо стоеше скаменет, во шок. Му викнав да се наведне. Доползивме до избезумениот Драго и го влечевме назад низ снегот. Не се осмели да лелека. По нас остануваше крвава трага, разнесената нога удираше по нерамнините. Се онесвести од болка пред да успееме да стигнеме до барикадата. Помислив дека ние, луѓето, и не сме ништо друго, освен крвава каша покриена со кожа. Потоа повратив. Да им ебам мајката, да им ебам, викаше Томо додека Драго го одвезуваше санитетот. Би сакал и јас да можев да викам; наместо тоа, почувствував како во мене расте омразата, немоќта најдобро ја храни. Сакав одмазда.

Не морав долго да ја чекам шансата. Уште утредента успеав да ја преминам заледената река и да се дојдам до делот од шумата што дотогаш ми беше непознат. Од другата страна на брегот ме покриваа Томо и Сале, договорот беше да им сигнализирам кога ќе можат да ми се придружат. Ми се чинеше бесмислено сите тројца да преминуваме истовремено, реката е премногу отворена, да се лизгаш по неа значи да се претвориш во подвижна мета, а не можевме ни да процениме колку е дебел мразот на средина на коритото, дали ќе ја издржи тежината на човек. Со целото тело бев свесен за тоа, меѓутоа не се плашев, ме носеше бесот. Сакав да бидам тој поради кого треперат оние што пукаа во нас, а Драго го претворија во сакат човек. Пред очите ми беше вчудовиденоста на лицето на Драго, оној ужас помешан со неверица во мигот на падот, ми се чинеше дека под рацете повторно ја чувствувам невозможната тежина на неговото тело, додека Томо и јас со брзи потези го повлекуваме, ги слушнав пак оние куршуми, кои само за чудо ги изрешетаа стеблата, а не нас.

Долго се срамев поради она што следуваше, никогаш никому не му го раскажав тоа, посебно не на Томо. Него морав да го лажам, тебе не можам. Се мотав од стебло до стебло подготвен да го застрелам секој непријател што ќе го затекнам. Сепак, глетката што ми се отвори не ја очекував. Пријдов сосема близу до логорскиот оган покрај кој клечеше војник и ги грееше рацете. Се слушна звук на цепење дрва, во близина сигурно имаше уште еден. Претпоставував дека нема да стигне да реагира ако носи цепеници, треба само малку да причекам. Ја откочив пушката, нанишанив. Дишев длабоко за да ја смирам возбудата. Го гледав низ нишанот. Беше млад. Стана, униформата висеше на него како да не му припаѓа, како да ја позајмил облеката од постариот брат. Се сетив на тебе кога ја облече мојата кошула па парадираше низ дневната соба. Ти досегаше до колената. Колку години имаше? Осум-девет можеби? Некаде сѐ уште мора да постои таа фотографија, знам дека мама веднаш го зграпчи фотоапаратот. Ме имитираше како зборувам, го продлабочи гласот, не ти кажавме дека си промашил копче на кошулата.

Ја извлече кутијата цигари од џебот на јакната, Стоша, истата марка што и јас ја пушев. Посакав да запалам. Помислив дека е неправедно што тој сега вовлекува чад во своите бели дробови, а јас не можам, зашто морам да го држам на нишан. Цигарата му стоеше смешно, како и преголемата униформа. Изгледаше како момченце што си игра маж, што си игра војна. Се обидував да замислам како тој ја поставил мината поради која Драго веќе нема нога, се обидував да си го вратам бесот, но не ми одеше. Не можев да го повлечам чкрапалото. Ја спуштив пушката и се повлеков кон реката.

Каква ебена кукавица си, ги замислував Драго, Томо и Сале како ми кажуваат на глас. И мислев, со години мислев дека сум кукавица. Но, знаеш што ќе ти речам, ако постои нешто што би сакал да го памтиш и да го знаеш за мене, тоа е баш она поради што долго се срамев, би сакал да знаеш дека стариот твој не можел да убие човек.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Тена Лончаревиќ

Тена Лончаревиќ е родена 1978 г. во Винковци. Професорка е по Хрватски јазик и книжевност, живее и работи во Жупања. Авторка е на збирката раскази "Неми монолози" (Матица хрватска, Винковци, 2020) и "Куќата треба да се урне" (Фрагмент, Сплит, 2024). Си го сака семејството, зборовите, фотографијата и кучето.

 

 

ažurirano: 25/03/25