Тамара Ковачевиќ

 

Вторник е, девет часот и дваесет минути наутро. Пак доцни, помисли Горанка и си ги прекрсти нозете на честерфилдот. Никогаш не се впушташе во детали зошто троседот се викаше така – општо земено, ретко кога се впушташе во деталите за што било што го сочинуваше нејзиниот свет, просто не сум таков човек, сега јас да анализирам тука зошто и како, така е како што е, им објаснуваше на заинтересираните – ама умееше да го намириса тој квалитет веднаш по влегувањето во салонот за продажба на мебел. Пред троседот се ширеше клупската маса од махагони, по своите габарити наменета за многучлено семејство што појадува, си ги одмора нозете, работи, се брка во круг со куќното милениче, пишува домашна и прелистува списанија, па навечер по неа шири табли за игра, млеко за добар сон и вински чаши. Тоа беше уште еден од квалитетите во животот на Горанка во кои таа се разбираше, ама не ги испитуваше подлабоко, иако една шолјичка и спарената тацна за кафе од кинески порцелан на масата изгледаа само како грешка. Не ми е што доцни, нема да побегне прашината, туку што не можам ништо да планирам, ми го зема така целиот ден, негодуваше Горанка носејќи ги шолјичката и тацната преку тепихот со реси, изгланцаниот дабов паркет и украсните алуминиумски лајсни до црно-белите плочки во кујната.

Обично вторникот започнуваше со Јадранка. Таа ќе дојдеше некоја минута пред девет, ќе ги закачеше блузата и чантата на закачалката, па на кујнскиот пулт ќе ја спуштеше кесата со работна преслека и ќе им свареше турско кафе. На Јадранка, всушност, повеќе ѝ одговараше да почне со работата од осум, зашто во раните утрински часови, таму некаде до шест и пол, седум, приградскиот автобус доаѓаше на секои петнаесет минути и немаше да мора да брза и да се грижи што ќе биде ако задоцни. Вториот дел од патувањето, неколку станици по кружната линија број три и уште малку пешки, не ѝ беше проблем, за минута можеше да го испланира. Ама, на Горанка тоа ѝ беше прерано, не сум веќе во тие години, се правдаше, заслужувам и јас одмор, па се договорија Јадранка да почне во девет. Или девет и четириесет, како денес, зашто доцноутринските автобуси доаѓаат од предградијата на секои четириесет минути.

Конечно!, извика Горанка и го притисна копчето на интерфонот, откако претходно погледна на дисплејот дали навистина Јадранка стоеше пред влезната врата од зградата или некој друг. Тоа ѝ премина во навика од порано, кога почесто ќе забележеше некој маж како стои пред влезот и набљудува, или службено облечени луѓе како нешто испитуваат околу зградата и колите на паркингот. Најпрво мислеше дека си замислува, ама набрзо ѝ се јавија и децата, синот и ќерката со своите семејства живееја во други делови од градот. Истото им се случуваше. Фала му на Бога, па и тоа се среди, гласно ќе речеше Горанка и ќе мавнеше со раката низ воздухот. Сега ја подотвори вратата од станот и тргна по списокот работи за Јадранка. Добар ден, госпоѓо, извинете, ми побегна автобусот!, зашушка Јадранка со лошо направениот фронтален мост и со кесата со работна преслека. А што не ни ја засилат таа линија, па знаете ли колку од нас работат во градот, стварно нема смисла, ама, еве, сега…, забрзано се подготвуваше Јадранка и со поглед ја проверуваше состојбата. Станот беше чист и уреден, како и секогаш. Веќе седум години работеше кај Горанка и беше задоволна. Ѝ ја спуштив малку цената, јас инаку повеќе барам, ама не ме чепка, што да расипувам…, им објаснуваше на комшивките и на познајничките од на пазар, а овие кимаа со главите во знак на потврда. Секоја имаше барем една средба со силеџиското однесување на луѓето што бараат помош за дома. И секоја знаеше дека парите, кога ќе се затвори вратата, не помагаат.

Види, ти напишав список синоќа, ама нема да стигнеш прозорците и завесите. Ајде, остави го тоа за следниот вторник, а денес исчисти ги шпоретот и балконот. На Горанка ѝ беше апсолутно природно да биде на ти со жените, уште откако ја имаше Зуза, Словачка од Падина, чие име го слушаше барем неколкупати годишно, ама не го запамти. Веројатно Зузана, дополнително ќе се сетеше на некое словачко име. Ех, само кога ќе се сетам, што сè знаеше и умееше, какво пеглање, а бе, цела куќа би ѝ ја оставила. Зуза работеше кај Горанка добри дванаесет години. Кога ѝ се јави по телефон и ѝ рече дека не може веќе да доаѓа, на Горанка ѝ се стегна нешто во грлото и ѝ се спушти в стомак, понекогаш ѝ се чини дека е сè уште таму. Сепак, не рече ништо, ниту се обиде да ја наговори да продолжи да доаѓа. Се понуди да ѝ напише препорака, тоа сигурно би значело во добростоечките градски кругови, оваа ни тоа не сакаше. Така е како што е, прокоментира Горанка. Зашто, тоа беше првпат неа, Горанка, сопруга на успешен политичар и осуден воен злосторник, некој да ја пречкрта од својот живот и да одбие натамошна комуникација, и тоа сè поради него. Подоцна уште многупати ќе помисли каква врска има работата на мажот ѝ со неа, и сè повеќе ќе се оддалечува од него и од деталите од неговиот живот. А детали ќе има многу. Деталите ќе ја бркаат по ходниците, по продавниците, ќе ја поздравуваат од телевизијата, од весниците, од радиото и од уличните графити. Затоа Горанка ја помири својата претстава за себе како уважена госпоѓа со она стегнатото во стомакот што бараше некаков срам и сакаше да урла на сиот глас и на сите страни, и тоа така што со Јадранка беше на ти.

Ама, госпоѓо, ако треба, ќе ги исчистам и прозорите, ама најавија дожд, штета е, рекоа, ова да помине, па мај ќе биде убав, поарно сега балконот, да можете да седите, предлагаше Јадранка собирајќи ги алиштата од жицата во корпата што ќе ја стави во оставата додека не ги исчисти прашината и подовите, па ќе ги испегла алиштата и ќе ги нареди во соодветните фиоки и полици од американскиот плакар. Ни цели две години помлада од Горанка, откако со мажот и двете постари деца во приколката на тракторот, со помладите две во стомакот, побегна од родниот крај, сега и баба на седум внучиња, Јадранка одамна научи дека со жените во градот попаметно ќе биде на вие. Откако се сети дека Горанка спомена некаков список, ги извади очилата за читање од чантата и ги спушти на кујнскиот пулт. Тогаш забележа малку бигор на славината и отиде до шпајзот по лимонтус. Тоа посредно го научи од една Словачка, која самите домашни ги имаше подучено на бројни едноставни начини како без гребење и триење да го зачуваат сјајот на садовите во домаќинството. Кога Јадранка почна да работи таму, за волја на вистината, затоа што веќе не можеа да чекаат додека не најдат подобра жена, согледа дека помошта во домот може да се извршува попаметно и попрактично. Веднаш отиде во здравствениот дом и побара лекар за преглед на очите. Одамна не ги забележуваше флеките од вода и упатствата за употреба на хемикалиите отпечатени со ситни букви. Сега сфати дека е тоа од голема важност, дека е тоа патот до пофините куќи и до подобри саатници. Немајќи време да почека здравствениот дом да распише конкурс за нов офталмолог, за кого не се очекуваше ни дека ќе се согласи да работи за ниска плата во пролетерското предградие, Јадранка отиде во првата оптика што нудеше бесплатен преглед и попуст за купувањето на првите очила. Тогаш имаше педесет години. Денес е пред пензија со која ќе продолжи да работи.

Горанка уште еднаш провери дека ги тргнала врамените семејни фотографии од комодите во дневната и во спалната соба, стави нови алишта во машината за перење, па се упати кон кујната да ја провери состојбата во фрижидерот, кога ги забележа очилата за гледање на Јадранка. Со тенка златеста рамка, која на места покажуваше дека одоздола е црна пластика, со вкоренета прашина под изгризаните пластични навлаки на краевите, со вдлабнатини за пластични циркони на левата и десната страна, кои можеби не биле таму ни кога се купени, прилепени со селотејп на местото каде што требало да стои минијатурен шраф, очилата впечатливо зборуваа за тоа колку долго ги има користено Јадранка. На Горанка ѝ тргна гласот, да ја праша зошто не оди по нови, зарем е можно да нема доволно пари, па тоа се основни работи, што ѝ работат мажот, и децата, и внуците, значи, таа не гледа, којзнае што и како чисти. Наместо тоа, Горанка рече, Јадранка, батали тоа, ајде да пиеме кафе.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Тамара Ковачевиќ

Тамара Ковачевиќ е родена во Белград 1976 година. Пишува раскази и понекоја песна.
Контакт: https://tamarrako.com/

 

 

ažurirano: 19/03/25