Михаило Марковиќ
„Дај, те молам, напиши го расказот! Побогу! Цел ден почнуваш илјада општествени теми, а сосема си непродуктивен! Сега толку ме потсетуваш на брат ми, не можам!“ Јана, видно исцрпена од предавањата и од чувањето на децата на хистеричната Хилда, го бодреше да се пријави на конкурсот за краток расказ за повоено помирување. Размислувањата за војните во поранешна Југославија неретко го опседнуваа, иако не можеше да се сеќава на голем дел од грозотиите, а и Црна Гора, велат официјалните лица, никогаш не била во војна. Конкурсот му будеше голема дилема: морално ли е да се пишува за нешто толку страшно, кое сепак, не е дел од твоето непосредно искуство? Има ли морално право да се занесува со испраќање расказ, и тоа прв што ќе го напише во животот, сега додека на прагот на триесеттите, невработен денгуби во стан во Виена, додека сѐ повеќе ѝ е товар на Јана, која сите свои обврски во врска со архитектурата, стресот од условите за стипендија, мора да ги остави настрана за да го натера него, речиси девет години постар, да направи нешто што има смисла во животот? Си префрлаше дека е пациент што живурка на грбот на едвај полнолетна девојка. На моменти има чувство дека ја сака, иако насетува дека за неколку години ќе го мрази од дното на душата. Ако раскинат, за неа ќе биде оној манипулатор, прва вистинска врска, која почетокот на секоја следна ќе ѝ го полни со страв. Ако остане со него, ќе се проколнува себеси што не е храбра да го остави. Ако остане, ќе биде осовременета реплика на мајка му, која, велат сосетките, треба да биде среќна што мажот ѝ никогаш не ја удрил и не ја изневерил, барем не јавно.
Имаа шеснаесет години. Беа на село за да се тргнат од градот во кој како екипа гранџери беа сметани за наркомани, секташи, педери… Еден од нив имаше куќа во оние карпести, вестерновски села во околината на Цетиње, во кои постои само укањето на птиците, камена црква и маглива идеја за архетипската слобода на предците, а жители одамна нема. Ја пуштија Down in a hole и почнаа да пеат со фалш како клинци. Одеднаш се слушна истрел! Па, втор! Па, трет! „Ги донесе ли наркоманите да ме провоцираат?“ Зад соседната меѓа стоеше човек. Не можеа да му го видат ни лицето. „Извини! Извини! Си одиме!“ Дали извинувањата го смирија човекот да престане да пука, не можеше да се одреди, зашто во неговото сеќавање следната глетка беше како тројцата се во колата на Лука, кој единствен од нив знаеше да вози. „Маро! Кој беше тоа?“ – „Не прашувајте, тоа ми е некој далечен чичко! Татко ми одамна збореше дека се вратил луд од фронтот! Сосема заборавив дека тој може да дојде на село. Простете, момци, сакав само да ни биде убаво.“ – „Аветиште! Можеш да замислиш што правеле нашите лудаци таму кога ни се враќаат вакви? Бог да чува!“ рече Лука. За несудената смрт, никој од нив не зборуваше дома. Лука, на вујко му и мајка му, со кои живее откако татко му во 1999 г. „се разнесол со бомба“, би морал да им објаснува зошто ја краде колата од вујко му. Маро би морал да се правда дека не станал наркоман како постариот брат, зашто како инаку да им објасни на своите зошто оди во таа куќа, во која тетка му се отрула и во која смее да влезе само татко му?
Нему му беше најлесно: со татко му секако не зборува за ништо, иако не беа во јасен судир, а мајка му не сакаше да ја оптоварува. Од денешна перспектива, на моменти му е ненормално што не отидоа во полиција. А, каде можеа да отидат? Како да ѝ објаснат на полицијата, во месеците на постреферендумската еуфорија на Цетиње, дека не го провоцирале човекот? Боиште во земја што негира дека некогаш испратила војска на некого, на полицаецот би му отворило сомнеж дека лажат и дека е вистина тоа што тие неколку улици во родниот крај за нив велат – дека се екипа наркомани, педери и секташки пациенти. Да имаше тогаш свест на речиси триесетгодишник, ако полицаецот почнеше да инсинуира нешто во тој правец, ќе ѝ се жалеше на некоја НВО на атакот на претпоставената сексуалност. Ама не! Зашто, и да се случеше тоа во 2020 година, и да беше полицаецот по милион ЕУ-обуки повнимателен кон момчињата, додека предметот да дојде до обвинителството, судот или што и да е, чичко му на Маро ќе го пуштеа да се брани од слобода и ќе ги убиеше!
За чичко му на Маро прочита по неколку години дека во приградската населба во која живеел го усмртил комшијата со огнено оружје, поради, како што велат другите станари на зградата, банална кавга. Од коментарите на порталот дозна дека чичко му на Маро, пред да го испрати државата на фронтот, бил мирно момче и талентиран спортист. Админите по неколку часа ги избришаа коментарите, зашто уредникот веројатно им објаснил дека Црна Гора никогаш не била во војна и дека во Конавле палеле и убивале „само луди доброволци“. Налетот на мрачно сеќавање му го прекина Јана, која се врати од факс и, симнувајќи ја антикорона-маската, му рече: „Фанте од Гниев Дол ни денес не почна да пишува?! Морам да се преслечам. Нацртната геометрија ме уби. Одам да ги чувам Ханс и Гертруда. Кога ќе се вратам од работа, ќе те најдам во иста положба? Нема врска, само да не ти пречам.“
Нејзиниот цинизам само на момент го штрекна, а потоа нурна во буица мисли, кои тешко можеше да ги контролира: сакам да пишувам за разорувањата од онаа страна на Дебели Брег за да го зезнам татко ми! Би го направил тоа за да се засрами поради фактот што дозволи во локалот да му доаѓаат оние што во деведесеттите му праќаа рации. Денес за кафулето на татко му се прават документарци, затоа што во деведесеттите повеќепати беше затворано поради „антивоени собири“, иако секогаш се премолчува за која војна станува збор. Сега татко му на секој Ден на независноста пие коњак со истите тие типови, сега самодекларирани Европејци. Сега тие типови на сите празници стојат пред кафеаната на татко му, таа „елитна прчварница со псевдоуметнички шарм“, како што во лутина ја викаше, среде Његошева, во градот што го оставија без сите фабрики, па даваат изјави за „мултиетничката црногорска хармоничност“, која тие, наводно, секогаш ја чувале. Тато кима со главата и се чини дека никогаш нема, ни во најлошото пијанство, кошмари за сите тие згоени ликови во костуми, кои во тоалетот на неговиот локал ги мијат крвавите раце, гледајќи се во огледалото над кое со псевдоартистични букви пишува: Ut sementem feceris, ita metes.
За да го одвои од морбидната фантазмагорија, умот се обидуваше да го одвлече кон некаква слика од идила, макар од најраното детство. Залудно! Нему, кој никогаш не живеел во уверување дека може да напише лична приказна за војната, почнаа да му се редат случајни слики од сеќавања на глетките од военото страдање. Ги доживеа во Црна Гора, иако надвор од татковината, „која никогаш не била во војна“, никогаш не спиеше подолго од две ноќи пред овие сеништа од Б. Штрасе. Од сеќавањата од најраното детство како икона му изнурнува сликата на мајка му, која носеше црна марама за роднина од Сараево, кој загинал како цивил. Се сети на децата од воените подрачја, кои престојуваа на Институтот Симо Милошевиќ во Игало, многу од нив без екстремитети поради мините. Главно им ги заборави имињата. Тој на Институтот цимолеше поради скршената рака и се сеќава на срамот што уште како мал го чувствуваше кон нивната разумност да бидат насмеани и покрај несреќата. Истиот срам што го чувствуваше кон некогашните цимери од болничката соба, ќе го чувствуваше и кон цимерите во потенцијалната трагедија на село, ако го објавеше расказот. Лука, чиј татко „се разнесол со бомба“ донесена од Цавтат – така тогаш паланката го дефинираше самоубиството, сега работи како келнер на Хвар и има свршеница Хварчанка. Тетка му на Маро, велат, се убила во онаа камена куќа на село кога сфатила дека мажот ѝ дошол од војната преполн пари и прстени од труповите. Тие никогаш не ги истакнуваа своите болни искуства и живеат значително поразумно од него. Плачкото најде оправдание и за татко му. Тој барем покажа бунт против војната, додека војната траеше. Од оваа перспектива му се чини дека страдаше. Се сеќава дека, без многу зборови, го носеше на изложби, кои таткото никогаш потоа суштински не го интересираа. Веројатно сакаше во тишина да размисли за тоа во каков ад тие години се претвори „чојска Гора“. Токму тие изложби со антивоена тематика му создадоа таква самоизмама дека и самиот може да биде креативен. Во бунило се прашуваше: каков монструм би бил ти да беше испратен? Ти, кој си колеблив и легач! Во мемливиот тунел виде дека по него трча ТОЈ. Баш тоа! Стравотиите на војната би те претвориле тебе во чичко му на Маро!
Од кошмарот го сепна Јана: „Слушај! Цел живот имав идеја дека не сакам покрај себе да имам копија на брат ми! Толку пати се обидов да му помогнам да си го организира животот, додека тој во велтшмерц го цитира Ниче и одбива да стане. Не доаѓам на Цетиње зашто не можам да го гледам таков, а не можам да му помoгнам.“
Никогаш раскинувањето не му паднало толку лесно и ѝ беше благодарен што го разбуди од кошмарот.
Доаѓајќи дома, првпат во животот беше на Чилипи. Татко му го праша дали сака да оди и до стариот град. Одби, плашејќи се дека, по убавината на палатата, повторно ќе го прогонуваат истите кошмари. За три часа беа дома. Додека ручаа со привид на среќно семејство, интригантна му беше помислата дека лесно одби да го посети градот за чии страдања толку опсесивно сакаше да пишува.
Никогаш не го прати расказот на конкурс.
Превод: Иван Шопов
Михаило Марковиќ
Михаило Марковиќ живее и работи на Цетиње. Чест му е што неговиот прв објавен расказ е дел од овој важен зборник. Политички науки завршил во Рим, работел на разновидни проекти од цивилното општество во Црна Гора и во Европа. Од сите работни и волонтерски ангажмани, најгорд е за работата од областа на унапредувањето на положбата на луѓето со инвалидитет во Црна Гора.
ažurirano: 11/03/25