Емина Ѓелиловиќ-Кевриќ

 

Дваесет и втори септември, вторник е. Вчера беше Светски ден на алцхајмерот. Добивам попуст. Наместо 1999 евра, ќе плаќам 1500 наредните шест месеци. Ја предавам документацијата. Старецот се вика Андреас Петров. Страда од Алцхајмер и дисоцијално нарушување. Тетка ми вели дека Петров страда од тага.

Велат дека се преправа и дека копилето треба да го тргнат, ми пиша во порака.

Не грижи се, тето, ќе го решиме тоа. (Не знам зошто го напишав тоа, беше во некаков афект, не можам да кажам дека ме погоди, не можам да кажам дека постои некој ние, постојам само јас.) Ми испрати видеоснимка. Сувичок старец со избезумен поглед, со згрбавено тело и усни зафатени со броење: 1, 2, 3, 4, 5. Видеото траеше само толку колку што тој брои, така што не се мачев со долго гледање, од видеото преминав на испиената цедевита од портокал и се прашував дали цедевитата е сок или, пак, нешто трето; се чинеше како да нема преголема разлика меѓу тоа прашање и прашањето за Андреас Петров. Не ме допре ни тоа кога тетка ми праша: „Што броиш?“ а тој рече дека реката од устата исфрлила мртви тела. Во текот на ноќта сакав да го прегледам видеото повеќе пати, но не го прегледав. Станував до кујната, изедов банана, седнав на веце-шолјата и ги читав натписите на средствата за чистење еднаш, двапати, трипати, четири пати итн. Таа ноќ сфатив дека треба да се ослободам од леснозапаливите отровни супстанции натрупани во пакувањa со весели бои, кои ја навестуваат смртта на секоја честичка способна да живее во мојата куќа.

 

*

„Wann kommt der Herr? Dein Vater?“

Ми треба еден ден до Босна, еден да успеам да го наговорам, трет да го доведам до домот на Caritas во Кобленц. In vier Tagen, одговарам. Еден ден повеќе, ако се случат некакви компликации. Ќе го запознам со Роберт и со Матилда, ќе речам дека е тоа единственото мое семејство.

„Konnten Sie sehen, was wir zu bieten haben? Findest du nicht, dass es hier nicht schön ist?“

„Nein, ich habe keine Zeit, mich umzusehen“, одговорив.

„Großartig. Wir wünschen Ihnen einen schönen Tag, wir erwarten Sie in vier Tagen“, љубезно рече русокосата Елиза.

 

*

Доаѓам во станот да ги подготвам работите. Претерано жешко ми е, иако надвор доминираат темните силуети на дрвјата, сонцето и небото.

Не ми треба многу: панталони, шорцеви, долна облека и две маици. Нема да се појавам на вратата во некакво сериозно издание. Тој не ги сака официјалните лица, не сака кога се зборува претерано учтиво. Нема да ги сака ни Германците, но целта ми е да го донесам овде заради подобра грижа и за да ја тргнам одговорноста од себе. Тој збор ме ужаснува најмногу од сите. Секако, тој нема да ме препознае. Има само една моја фотографија од матурата, бев многу послаб и премногу личев на покојната мајка. Таа фотографија последен пат ја видов во дрвена кутија на регалот во дневната соба. Хрчакот Лео ѝ го доверувам на црнокосата Матилда. Ја викам црнокосата Матилда и тоа звучи поубаво отколку црнка. Таа вели дека кај жените можам да ја запаметам само бојата на косата и дека црнка, русокоса и бринета се манир на балканските мажјаци. Таа е наша. Од Риека. И таа работи во домот на Caritas како негувателка, веќе десет години. Матилда и Роберт се единствените личности со кои зборувам во овој комплекс. Покрај нас двајцата, овде има многу дојденци од Италија, од Грција и од Турција, а најмногу има домаќини што одлучиле да го завршат животот кај Роберт. Тоа е голема куќа, која за време на животот ја изградил Германецот Ханс, а ја наследил син му Роберт. Роберт е копија на Ханс, тоа го видов кога штотуку се доселив овде и во секој стан затекнав слики од Ханс. „Роберт, вам ви треба божество“, помислив во себе. Сите слики по ѕидовите не претставуваат божества. И ние имаме слика од Тито дома, ќе речеше Матилда. Еднаш го прашала татко ѝ кој е тој чичко. Тој одговорил дека е тоа бог.

Матилда збунето го гледала татко ѝ, а кога пораснала, секогаш со страв се сеќавала на своето прашање и уште повеќе на татковиот одговор. Бог може жестоко да го казни тато поради тоа, ми рече еднаш низ солзи. Роберт живее на последниот кат и не прави ништо, освен што зјапа во празно или нè шпионира, а особено Матилда. Често го гледав како крадешкум ја гледа, но страв му е Балканка да сака Германец за маж. Роберт, ти си распнат меѓу идеологијата и страста, му реков на нашки, излегувајќи од станот. Чекорев тивко, зашто му го наѕирав ликот пред себе. Не сакав да се поздравам со него. Кога и да одев на патувања, мислев што сè лошо може да ми се случи, па никогаш да не се вратам. Ја погледнав куќата на Роберт, ми се причини како единствена сигурна слика во животот.

Патував со автобус до Босна. Бев стиснат меѓу бреговите на Рајна. Ги гледав телата што испливуваа од неа. Со поглед ги свртував и ги паметев едно по едно. Со текот на времето сите стануваа исти. Безживотни, но го задржуваа последниот крик. Посакав да застанам покрај неа и да исчезнам. Планирав да се вратам со авион со Петров. Последен пат видел авиони и хеликоптери за време на војната. За време на детството патувавме во жолт стоеден, Петров прв во селото купи стоеден, а потоа нашиот комшија Амир Казагиќ. Одевме на брегот на Јадран – мајка ми, Петров и јас. Одевме со Амир Казагиќ и со неговото семејство. Постар сум од Амра, неговата ќерка. Често ми објаснуваше математика.

За роденденот на Амра мајка ми ѝ сплете розов џемпер и ми го даде да ѝ го подарам. На него беше извезен смарагден цвет. Тој ден ја прашав Амра сè што ме интересираше за неа: за кој тим навива, која ѝ е омилена планета, што мисли за учителката Мира, што мисли за Ифет, кој одеше со нас до училиштето итн. Долго ги паметев одговорите и се прашував дали некогаш ќе ја сретнам под германското небо. Моите размислувања за Амра престанаа кога две илјади и десеттата пронајдоа тело на девојче во розов џемпер со смарагден цвет.

 

*

Ги прегледував извештаите на психологот и на психијатарот што се занимаваа со Петров. Во еден пишуваше: пациентот е збунет и дезориентиран. Не си го знае името. Не знае дали е Андреас Петров, или т.н. Андреј Петровиќ или соседот Амир Казагиќ. На сликата не ја препознава својата покојна сопруга Сара Петровиќ. Пациентот чувствува потреба да брои. Во неколку наврати успева да изброи до пет-шест, а некогаш и повеќе. Многу веројатна можност за суицид.

Ги прескокнав извештаите од судењето. Не знаев дали да го мразам, зашто е ослободен. Читав: Андреас Петров со континуирана терапија успева да се сети на мигот кога престанал да биде Андреј Петровиќ. Пациентот признава дека бил принуден да го убие пријателот Амир Казагиќ за да го спаси своето семејство. Го убива со пиштол што му го дал полицискиот службеник Н.К., потоа ги убива другите членови на семејството. Тврди дека не го знае точниот број убиени, дека го помни само звукот.

Во извештајот број три Андреј Петровиќ се конвертира во Амир Казагиќ и бара да се осудат постапките на Андреј Петровиќ. Казагиќ тврди дека Андреј Петровиќ имал право на избор и дека, да се убие еден невин, значи да се убие целиот свет. На Казагиќ не му е јасно како еден толку одговорен човек бил во состојба да ги убива своите комшии. Врз основна на фактичките ставки, на Андреј Петровиќ, роден на 12.10.1951 г., му се припишува дисоцијално нарушување на личноста и Алцхајмер. Пациентот мора да биде под постојан надзор.

 

*

Ги затворам очите и го замислувам Андреј Петровиќ како ја убива малата Амра. Мислам на нејзиниот страв и разочарување. Се прашувам дали во Петровиќ го видела мојот лик? Знаела ли некаде длабоко во себе дека некогаш ќе се каам со целото свое битие. Не, не можела да го знае тоа. На интернет пишувам „Амир Казагиќ“. Ми покажува неколку луѓе на социјалните мрежи што го имаат тоа име. Сите се помлада генерација, еден од нив е момче што лови риби на некоја непозната река. Потоа барам настрадани жртви во војната или некој од Казагиќи – не наоѓам никого. Го впишувам името Андреас Петров – ми ја покажува фотографијата на човек обвинет за воени злосторства. На неа изгледа полн со живот. Доволно да ѝ се спротивстави на смртта. Се трудев Андреас Петров да ми биде само иден пациент во старечкиот дом Caritas, старец што заболел од Алцхајмер и нарушување на личноста. Двете болести се прекрасни и да боледува од која било друга, тоа би ми претставувало проблем. Вака сум само лице што доаѓа да го собере Петров и да го одведе во новиот дом. Патувајќи, замислував повеќе сценарија: едно беше дека некој до смрт ќе го претепа Петров додека да дојдам, друго дека и мене ќе ме претепаат, зашто ќе ме препознаат, трето дека сето ова е само сон. Одговорот на прашањето што би сакал да затекнам: дека сето тоа било само сон?

 

*

На прагот ме дочекаа Матилда и Роберт. Матилда потрча и силно ме прегрна. Ме гушкаше долго, толку што можев повеќепати да бројам до пет и да не заплачам.

„Будало една, мислевме дека нема да се вратиш!“

„Du bist wieder durch die Nachbarschaft gewandert? Bosnien hat dich angerufen!“ рече Роберт. Забележав дека Роберт на левата страна од куќата променил три прозорци.

„Пред две недели“, рече Матилда фаќајќи го мојот поглед.

„Број ако си заборавил кој си“, додаде. За миг ми се причини дека е тоа куќата во која најмногу сакав да одам, куќата на Амир.

„Trink das, Petrojević! Eins zwei drei vier fünf!“

Das ist Medizin für dir Seele…

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Емина Ѓелиловиќ-Кевриќ

Емина Ѓелиловиќ-Кевриќ (Травник,1989) живее во Витез. Магистрирала Б/х/с јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Зеница. Ги објавила следниве дела: збирката поезија „Овој пат без историја“ (Добра књига, 2016), збирката раскази „Избришани животи“ (Добра књига, 2021), збирката поезија „Син ми и јас“ (Planjax, 2021), илустрираната сказна за деца „Tale about the Boy Adi and the Computer“ (проект Stockholm 2023/2024).
Контакт: eminadjelilovic@gmail.com

 

 

ažurirano: 18/03/25