Ирена Скопљак Бариќ
Мерејќи ја распределбата на акустичната енергија според фреквенции, научниците открија намалување на интензитетот на природните звучни пејзажи. Тоа е, утврдија, поттикнато од промените во составот на птичјите заедници. Луѓето се одговорни за нивното изумирање, исто така. Последиците од намалувањето на бројот на птиците ќе се одразат на луѓето. Птиците, нагласуваат, нема да им го заборават тоа. Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, светските стручњаци од угледни универзитети го наведоа следново: На детските игралишта – забележано е – вибрира врева, а не гласен кикот. Наказен облик на осаменост. Семантички би било интересно да се праша: уште какви облици на осаменост би било можно да се именуваат?
Дете убиено во воени невремиња во пребарувачот Гугл резултира со збирна именка. Мислевте ли на децата убиени во воени невремиња? Имаш улица, всушност, правилна кружница и сино пони. Правиш круг додека си рекол кекс. Тој што вози бе-ем-икс би требало да е побрз, но не е. На синото пони господариш со вселената. Имаш игралиште и на него џунгла од предизвици. На плочникот со креда ја исцртуваш планираната рута на криење и бегаш. Еден, два, три – кој не се скри!
Најскришно место, ако внимателно ги анализираме населбите, е она зад шупата на Наим покрај игралиштето. Наим, како што знаеме, одамна го нема, а низ напукнатите штици гледаш кога некој доаѓа. Нè замислувам со поглед одозгора. Рид, два, три. Од сите страни на ридот ние во оваа долина како две точки пред набројување. Двајца браќа, две низи од бројаницата на мајка ми. Татко ми пред некој ден се засади во ровот, па мајка ми сега постојано пребројува и вели три. Сега нè има тројца. Кога се криеме, го правиме тоа со рацете преку лицето. На лицето се гледа сè, вели мама. Да го скриел лицето тато, вели, не би се вкоренил таму.
Брат ми брои до три. Понатаму не стигнавме. Трчам колку што ме носат нозете, на ТРИ веќе морам да бидам под балконот, зад оградата, во утробата на јоргованот. Брат ми бара. Посветен е и одлучен. Довикнувам: еве ме зад шупата на Наим! Кога тргнува таму, дотрчувам брзо каде што броеше пред малку и – пу и спас за мене. Пу, спас за мене! Брат ми не доаѓа. Клечи зад шупата на Наим и плаче. Поразен. Бела маица, преку лицето префрлено торинско платно, натопен доказ на сеопшта тага. Го кревам, му го исправам згрбавениот труп и за миг пак си играме.
Кој ќе изгуби, пак брои. Кога слушам: еден, два, три од брат ми, трчам најбрзо што можам. Не попуштам. И сега викам: еве ме зад шупата! Лажам. Само ја прескокнувам првата ограда и се стуткувам таму. Брат ми поминува и уште и диши тивко од поразот. Штом тргнува кон шупата на Наим, јурнувам кон местото на одбројувањето. Пу за мене, спас, викам. Брат ми не доаѓа. Пу, спас, повторувам погласно. Еден свиреж прозуи низ воздухот. Чекорите на брат ми се оддалечени од тишината.
Клекнал зад шупата на Наим. Го фаќам за рамото, а тој се скршува. Нешто во него крцнува и брат ми се распарчува на илјадници сродни зборови. Од главата му се излева река. Заскитаните куршуми се исклучително опасни ако забележат пукнатина меѓу две штици на дрвената шупа. Белата маица на брат ми е до половина крената. Уште миг и во неа ќе оплакуваше уште еден пораз. Како изгледа поразениот брат? Може ли и тој да се дели како сите други порази? За едно не е тешко да се биде сигурен. Братот победник изгледа свечено, но не блеска. Ореолот му се здрвил.
Од мојата уста се формира зачудено О, но ништо не излегува од неа. Камерите со микрофон воопшто не го забележаа звукот. „Со оглед на тоа дека луѓето главно ги слушаат, а не ги гледаат децата, поради недостиг на нивните звучни карактеристики, луѓето најверојатно ќе го забележат падот на нивната популација“, стои во официјалното соопштение за јавноста.
За час – ене ја. За мајките местата на тишина се знаци на најлоши ужаси. За час – ја гледам. Мајка ми трча директно зад шупата на Наим, на рамото има празна кошница. Кога ќе се приближи, ќе се вкочани од глетката. Хаос, почетна состојба на крајот на светот. Мајка ми клекнува, скутот ѝ е растегната престилка. Главата на брат ми накратко ја полегнува во скутот и ја милува. Молчи. Потоа му го склопчува слабото тело во топка и го положува во кошницата. Треба некако да го однесеме дома, вели. Кога станува, најпрво ја поправа престилката. На рамената кошницата ѝ е тешка, како сенка на топола.
Слатководната риба пишкор (Misgurnus fossilis L.) има змијолико тело и најчесто плива на речното дно. Според народното верување, ако пишкорот се издигне на површината на водата и почне да кружи по неа, ќе има дожд или бура.
Дури кога ќе им се згрбават телата, мајките пливаат на дното. А потоа, многу брзо потоа, кога ќе се кренат на површината на водата и ќе почнат да кружат по неа, ќе има дожд или бура.
Бура – природна звучна кулиса на мајките, кои, како загрозени видови птици, исчезнуваат без трага. Дали луѓето се одговорни за нивното изумирање? Одговорни се и за тоа.
Превод: Иван Шопов
Ирена Скопљак Бариќ
Ирена Скопљак Бариќ (Зеница, 1982) е професорка по Хрватски и по Руски јазик и книжевност. Одделни раскази и песни ѝ се наградени, одделни се пофалени и објавени во различни публикации. Објавувала во книжевни списанија, на интернетски портали, и на Третата програма на Хрватското радио. Таа е една од организаторките на Книжевните денови на Загорка во Врбовац, во чиј склоп се доделува наградата ЗА најдобра ГОРКА приказна. Досега ги објавила збирките поезија „Неприврзани“, „Сина мов“ и „Моја“, како и сликовницата „Јас желадот, верверицата Вера и едно далечно езеро“.
ažurirano: 20/03/25