Мехмет Елези
Да се изразам со јазикот на медиумите – кои, при едно бучно лизгање на земјиште, на пример, велат дека загинале две лица, а тринаесет се водат како исчезнати и овие тринаесетмина не ги сметаат за загинати иако се закопани седум метри под земја – значи, да се изразам со јазикот на медиумите, ќе речам дека од четирите жртви таа недела во кампот, овој можеше да се смета за исчезнат. Кампот беше подигнат покрај полето засадено со памук, во подножјето на еден рид со бушави дабови, постојано разнишани од морскиот ветар. Морето беше блиску. Оттаму не го фаќа окото, пречат појасите со крајбрежните борови. Но се слуша неговата солена воздишка. И неговото дишење, кога сонува под месечината.
Откога исчезна, тука се создава јазолот на чудото. Сè кај тој човек беше чудно, од денот кога го донесоа тука заедно со жената. Крупен како мечка, со главата впикана меѓу плешките и со многу убави очи, широки до слепоочниците, исцртани. Косите некогаш во огнена боја, сега пеплосани, сиви. Не се знае кој беше повеќе одговорен за ова гаснење, дали прашината, пржењето на сонце, ињето наталожено со години, или сето тоа заедно? Жена му беше нешто друго. Како да ја нацртала тенката светлина на муграта. Како да се исцедила од шумската роса. Кампот никогаш порано не беше видел таква кревкост полна со јаболковина. Нејзиниот болен недостаток не беше ништо друго, освен божествена мерка за да ја чува од урок, рече некој зборувајќи сам со себе.
Собата во која ги напикаа се креваше како некаква грутка – дрвен јазол на ’рбетот на една барака со други станари. Немаше прозорци. Сите четворица таму. Парот и двете влакнести кутриња, едното бело, другото црно. Двете верно го следеа мажот, насекаде. Зад него кога го чистеа каналот со кал до коленици, со трње и ѓубриште. Зад него кога ја запрашуваа пченката, со зажарената плоча на небото над глава. Зад него и во доцните часови, кога тој излегуваше на ридот, седнуваше на некој трупец или едноставно на трева, кога ги впиваше сините треперења на ноќта и ги следеше со поглед ѕвездите, кои итаа кон морето, слечен до гола кожа. Не се знаеше зошто бил в затвор, но суштината се дозна, со оглед дека парот го однесоа кај бараките со политички затвореници.
Се изгуби. Очите на жителите на кампот станаа уплашени птици. Потскокнуваа на место и упатуваа прашања еден на друг со неми погледи, дали има некаква вест. Се плашеа од реката. Особено од реката. Реката покрај кампот нема многу вода, но е незамисливо подла. Кога се истураат дождовите и кога се топи снегот низ шумите, се претвора во чудовиште од блато, кое се лизга влечејќи се со мрзеливоста на полжав. Во кашата од кал не може да се каже каде е вртлогот, а каде плиткото. Стравот дека можеби го проголтале водите стана сосема опиплив по еден детаљ, кој молскавично се прошири. На брегот, таму каде што потскршнува речното корито, беше видено едно од кутрињата, она црното. Оди и се врти наоколу, со ситни и брзи чекори, со муцката зарината меѓу камењето, шмркајќи ги.
Полицискиот службеник Бардош Гуци, назначен таму со деградирање, даде приоритет на оваа писта. Веројатно се удавил, има три цврсти податоци. Прво, душевната состојба урнисана, она што му се случи со сопругата беше неутешно за него. Второ, црното кутре со талкањето низ брегот, неговот шмркање низ песокта. И трето, скриената струја на реката, брзаци или вирови, за која мештаните велат дека се таи склупчена како змеј и, секогаш кога ќе се разбуди, јаде по едно живо суштество, човек или животно, што ќе се погоди. Треба да се засили потрагата по телото, рече. И треба да се истражи како се случило, дали е самоубиство или несреќа. Можноста за злосторство од некое трето лице не се чини веројатна. Од многу причини.
Сосема неочекувано, кога се чинеше дека јазолот се разврзува, се појави една нова писта. Другото кутре, она белото, го прегази кола кај постојката од која поаѓа автобусот за градот К. Очевидци кажаа дека кученцето најмалку два часа се врткало меѓу нозете на луѓето таму. Гледајќи со насолзени очи од под влакната кои му паѓаа од челото, како да се молело, мирисајќи ги чевлите на еден и на друг човек. Си го барало стопанот, а што друго. Значи, неговиот сопственик дошол дотаму, а потоа му се губи трагата. Едноставно објаснување е дека се качил во автобус. Во автобусот што води во градот К. Малиот град К. е многу блиску до границата. Од таму може. Не, само тоа да не се случило, рече Бардош Гуци. Само пребег, нелегално поминување на границата, не. Бегството на еден политички осуденик во областа која тој ја покриваше ќе беше многу лоша вест за неговата кариера, која веќе беше почнала да добива надолна линија. Белки не се случило, рече. Она другото кажува многу. Она црното кутре кај реката. Неговото однесување кажува дека е можно мажот да се удавил. Ѓавол да го земе, тој не можел да се подели на два дела, половина во реката, а другата половина на спротивната страна, кон границата. МУ падна жал што рече дека е можно да се удавил. Не, не. Да даде Господ да не е ниту удавен, ниту пребегнат. Сигурно ќе да е тука некаде. Здробен од она што му се случи.
Се наврати на досието на покојникот. Повторно се почувствува лошо поради тоа што во себе го нарече досието на покојникот. Можно е тој да е жив. Да даде Господ да е жив, зборовите не го умираат човека. Можеби заминал кај некој познајник, тука во близина. Една административна казна за напуштање на кампот без дозвола и се затвора случајот, ќе се оправда со условите на душевна криза, по сето она што му се случи. Има проблеми со говорењето, но не е глувонем, пишуваше во досието. Едвај ги вади зборовите, повеќе мрмори одошто ги изговара. Хм-хм, одмавна со главата Бардош Гуци. А што ако, што ако бил задолжен со некаква мисија и се преправал како човек кој не може да зборува, за да ги заташка трагите? Му се чинеше дека дошол до некакво откритие. Веројатно сум првиот кој ја изнесува оваа можност. Во момент се предомисли, што зборуваш како недоветен, се искара себеси. Каква мисија можел да има тој, еден никој и ништо, на кого му притребал овој шугав камп, едно бившо мочуриште, мислиш дека тука се движи подземниот свет како низ филмови? Види, види, уште од времето се појавил овој сомнеж, рече прелистувајќи го понатаму досието. Подоцна, двајца соработници – за чудо, едниот имал псевдоним токму Црното Кутре, какво совпаѓање! – значи, двајца соработници го набљудувале долго време, во секакви околности, без да знаат еден за друг, и според информациите кои ги прибрале, однесувањето на мажот било вистинско, тој не се преправал. Едниот од нив, оној со прекарот Црното Кутре, објаснуваше дека некаква болест во детството му го оштетила сетилото за говор, толку.
Се наврати на третата писта, онаа што ја игнорираше, можноста за убиство. Некаква кавга или интрига од порано, во врска со неговата сопруга. Каква интрига може да има тука. И доколку имало, се затворила на шините на железничката пруга. Три дена пред тој да исчезне, неговата убава жена ја беше прегазил воз. Таа не го слушнала татнежот на возот, кој ѝ доаѓал од зад грб. Ниту писокот – полн аларм на локомотивата. Што може да слушне една глувонема жена? Мажот пукна во солзи како дете. Онолкав џин се стутка и стана колку едно пиле. Мавна по земјата со тупаница толку силно, што земјата стана дупка и бликна црна вода. На Бардош Гуци му се замаглија очите. Таа не одеше на работа. Таа се движеше низ кампот кај што ќе ѝ душа посака, правеше што ќе посака, тој никогаш не ѝ се противеше. Тој ја сработуваше и нејзината норма. Секој ден по две норми. По две и нешто повеќе, оти му ги јадеше бригадирот при мерењето. Тој плачеше и плачеше како што маж не плаче. Лелеците одекнува како од дното на светот.
А зошто лежел овој човек в затвор, кое беше обвинението точно?, се сети Бардош Гуци. Цели пет години, од ден до ден. Потоа интернација. Затвор, еве, поради непријателско дејствување. За пропаганда против народната власт. Како можел да врши пропоганда против власта еден човек без школо, кој речиси не се разбира што кажува? Едноставно не зборува, едвај ги обликува зборовите, тешко се разбира или не се разбира воопшто. Неговиот говорен апарат е осакатен. Го користел својот недостаток за да ги замаскира отровните зборови, беше запишано во досието тврдењето на еден од информаторите. Половичните зборови можат да се земат и вака и така. Бардош Гуци се потсмевна горчливо, тој се изразувал на таков начин со зла намера. Да не фрлил можеби око на неговата убава жена? Повторно го слушна липањето на мажот. Неговите воздишки, кои ечеа како во некоја вонземна пештера. Го оттурна досието в ќош. Ја стави капата на глава, ја наби силно, до ушите. Излезе, оставајќи ја вратата отворена, од крај до крај. Се движеше како ветрец. На речниот брег го забележа црното кутре. Црното кутре одеше горе-долу, душкајќи ги камењата панично. Не, не е таму црното кутре. Црното кутре го грабнале водите. Среде водите гледа како се врти некаков тркалезен објект. Да, тоа е црното кутре, го врти струјата како ќе ѝ се посака. Црниот објект се тркала, наликува на капа. Не, тоа е капа. Тоа е мојата капа. Треба да го спасам човекот кој се дави под таа капа. Пред да го вовлече виорот.
Се впушти сред слепите води, облечен и обуен, како што беше.
Превод: Илир Ајдини
Мехмет Елези
Мехмет Елези (1949), новинар, писател, лингвист, дипломат. Дипломирал Албански јазик и литература на Универзитетот во Тирана, а потоа специјализирал Филозофија. Автор е на 12 романи, повеќе збирки раскази, песни, есеи и политички анализи. Автор е на Речник на албанскиот јазик со 41.000 зборови, кои ги нема во речниците на Академијата на науките, и на неколку книги за проблемите на денешниот албански јазик. Работел како новинар и раководител во албанскиот печат. Покрај тоа, бил амбасадор во Швајцарија и во Лихтенштајн. Живее во Тирана.
Контакт: mehmetelezi@gmail.com, FB elezimehmet
ažurirano: 12/03/25