Вошки

„Дали си возач на камион?“, ме праша ќерка ми, девојче со криви нозе, кое има девет години. Инаку, кривите нозе ги наследи од мене. Моите се уште покриви. Никогаш дотогаш не ме праша со што се занимавам. Ми пријде носејќи тетратка со чисто бели корици, каде што ништо не пишуваше, ми го покажа насловот што го задала учителката и ми го постави тоа прашање. Дали сум? Требаше да напише состав за мојата професија. За професијата на својот татко.