Душан Радаковиќ

 

0.

„Дали си возач на камион?“, ме праша ќерка ми, девојче со криви нозе, кое има девет години. Инаку, кривите нозе ги наследи од мене. Моите се уште покриви. Никогаш дотогаш не ме праша со што се занимавам. Ми пријде носејќи тетратка со чисто бели корици, каде што ништо не пишуваше, ми го покажа насловот што го задала учителката и ми го постави тоа прашање. Дали сум? Требаше да напише состав за мојата професија. За професијата на својот татко.

Лежев безволно на стариот беж тросед, кој не можеше да се развлече веќе неколку години. По четиринаесеттата и конечна селидба, добро е што можеше да се лежи на него. Тој стан мојата сопруга го наследи од немажената сестра на баба ѝ, која се вивна на небото на четиринаесетти февруари. Неслучајно Севишниот ја повикал баш тогаш – велеше дека целиот живот е заљубена во некого. Их, заљубена. Вљубеноста е за клинци, не за сериозни луѓе зафатени со работа каков што сум јас. Триесет и четирите квадрати стан беа сосема доволни за нас тројцата. Секому по малку повеќе од единаесет.

Го извлеков последното зрнце волја од својот умртвен ум и гордо ѝ одговорив дека сум возач на камион. И тоа не обичен камион, туку шлепер сканија. Ќерка ми слушна дека изговорив „авион“, а не камион. Се почеша над увото; чешањето траеше неколку секунди, оставајќи црвен печат на тоа место. Беше свежо кратко истрижена, зашто на училиште се појавиле вошки и мајка ѝ, мојата сопруга, се фати за еден збор: превентива.

Изговорив неколку реченици во врска со мојата работа и ѝ реков на ќерка ми дека тоа ѝ е сосема доволно за да напише добар состав. Се почеша повторно, седна покрај троседот, ја рашири тетратката на тепихот и почна да пишува. Ја изненади податокот дека во роковникот го запишував секој поминат километар откако возам камиони. Во роковникот не се запишувани податоци за возењето автомобил.

Секоја вечер сопругата ѝ ја прегледуваше косата. Ја прегледа и мојата коса, барајќи вошки и гниди, убедувајќи ме да се истрижам. Не можев да се откажам од својата коњска опашка, која ја носев од средно училиште. Мислам дека ниедно влакно не ми падна оттогаш.

1.

Завршив тригодишно сообраќајно училиште. Веднаш по завршувањето на училиштето татко ми ме вработи кај својот пријател Марко Чоловиќ, кој беше сопственик на неколку месарници. Ниедна месарница не отскокнуваше од фонот на неговите други месарници, кои громогласно смрдеа на расипано месо. Не разбрав веднаш како воопшто успеваше да ги продаде своите производи. Секојдневно со камионот волво, ладилник, ја доставував стоката во месарниците опшиени со смрдеа. Тоа беше првата причина. Можеби и доволна за земјата на сиромашните. Втората причина беше таа што повеќето болни или умрени животни што се користат во исхраната на луѓето, на територијата на цела држава, ги откупуваше тој. За довезување на животните беше задолжен Оскар. Оскар беше молчалив, низок, со циглесто лице и седа брада и покрај тоа што беше млад. Мислам дека немаше повеќе од триесет и пет. Оскар беше задолжен за превозот сѐ додека не доби дозвола за влез во Соединетите Држави. Таму живееја сестра му и зет му. Болните или мртвите животни газда Марко Чоловиќ ги сортираше и ги обработуваше во својата кланица.

„Од утре си на посебна, одговорна позиција“, ми се јави Чоловиќ и ми кажа. „Човекот што беше на таа позиција заминува во странство. А, знаеш ли зошто заминува? Затоа што кај Чоловиќ стекна знаење и искуство што во странство и тоа како го ценат. Затоа, памет во глава!“, изговори татко ми.

Посебна позиција? Помислив на Оскар, кој од смрдеата на умрените животни вовлечени и во фоликулата од косата на неговата глава не се ослободил дури ни таму, во Америка.

Подоцна, можеби месец и пол откако Оскар замина, почнав да возам и задгранични тури. Одев по стока на која ѝ изминал рокот или по стока што тие, Германците, Австријците или Швајцарците, не ја користеа во својата исхрана. Очи. Црева. Бубрези. Мозоци. Еднаш превезував и полутки. Преку стотина полутки се виореа во ладилникот на волвото.

2.

Веќе подолго од две години работев за газда Марко. Иако платата беше бедна, бев задоволен. Често одев во странство, шверцував цигари и алкохол, за време на патувањата наоѓав пристојни девојки, чие време не беше скапо. Шверцот лесно го покриваше дружењето со нив. Во тоа време на хиперинфлација, во однос на повеќето луѓе, живеев одлично.

Потоа ми тропнаа на вратата. Тие двајца, обајцата со насмевка од уво до уво. Забите им беа побели од појасите. Неколку часа пред тоа бев стигнал од Базел.

„Гледам дека си во добра возачка форма. Не изгледаш уморно. Швајцарија не е блиску“, изговори еден од двајцата воени полицајци.

Ме одведоа право на фронтот. Ме оставија пред Илок. Таму го задолжив цивилниот камион, ФАП кипер. Добив посебна позиција во единицата, со печат Воена тајна во книшката.

Деветте месеци, колку што ги извршував посебните задачи, поминаа релативно брзо. Никому никогаш не ни зуцнав за тоа што правев точно. Ниту некој ме праша.

Сега повремено имам кошмари, не дека немам. Често ги сонувам натрупаните тела, кои се преметнуваа зад кабината во која секогаш се наоѓав сам. Никогаш немав совозач. Имав чувство дека пренесувам тикви или лубеници, зашто ги превезував неколку пати додека во училиштето учев да станам возач на камион. Кога ќе стигнев на локацијата за која имав писмена наредба, излегував од кабината по истоварувањето на телата и стоев настрана додека два багера ги пикаа човечките тела во веќе ископаните јами со големина на одбојкарски терен. Сите јами беа од нашава страна на Дунав. Понекогаш слушав лелекања, машки, женски и детски, кои се чинеа како цивкања поради вревата што ја правеа багерите. Звукот на свирчето на старешината значеше крај на полувремето или на четвртината, знак дека треба да тргнам назад. На непријателска територија. По следната тура.

Татко ми беше горд на мене кога се вратив. Го рашири темнозелениот шатор во нашиот двор и покани повеќе од сто луѓе. Насобраните деца во мене видоа војник, борец. Можеби и херој.

3.

„Три, четири, пет, шест…“, изговори лицнатиот полицаец, фрлајќи ја полуготовата цигара на асфалтот. Беше речиси голобрад. Само по некое влакно над усните и на брадата го омажествуваше неговото женствено лице.

„Ух, како ли само се пикнале овде? Каква смрдеа! Ебани мигранти!“, извика тргнувајќи се настрана, не сокривајќи го од нив нагонот за повраќање. Исповрати само на неколку метри од мојот шлепер сканија, приоѓајќи кон каналот покрај патот во кој одблеснуваше темната течност што повеќе личеше на сурова нафта отколку на каналска вода. И во таа течност можеше да го види своето лицнато лице.

Се обиде да извади хартиено шамиче од џебот за да ја избрише устата, но уште еден млаз од желудникот се истури во каналот. Почувствував мирис на чадено сирење, мирис што сигурно го почувствуваа и луѓето кои зад неговиот грб излегуваа еден по друг. Излегуваа полека, меко, како кога леопардот се доближува до пленот. Прво им се појавуваа стапалата. Повеќето на стапалата имаа патики што беа јасна реплика на најк. Потоа им се појавуваа колковите, градите, за да излезе главата на крајот. Срамежливо спуштена кон асфалтот. Се чинеше дека некој невидлив тег им ги влече главите надолу. Го почувствував нивниот срам, иако во првиот момент мислев дека тоа беше страв. Се извлекуваа од тесниот простор, од бункерот дополнително направен во предниот дел на приколката, кој се наоѓаше веднаш зад кабината на сканијата.

„Седум, осум, девет…“, броеше лицнатиот. Другиот човек, цариникот, чучеше покрај совозачката врата држејќи ја шапката в раце. „Можеби би требало да викнеме брза помош? Погледни на што личат! Гледај, сите до еден се бледи како крпи. Имаат ли воопшто воздух во бункерот?“, рече.

„Дванаесет, тринаесет…“, ми се провлекуваше низ ушната школка. Наеднаш броењето престана.

Веќе цариникот му беше пришол на лицнатиот полицаец, кога го виде црномурестото момче во црвени бермуди, кое имаше повеќе од седум години. Белиот шушкавец му висеше преку телото, дланките не можеа ни да се наѕрат. Беше кратко потстрижен, можеби на „тројка“. По него излегоа уште две момчиња со слични години и фризури, можеби и тие со вошки во косата. Сите тројца имаа потемен тен од оние што дотогаш беа излезени.

„Петнаесет!“, извика лицнатиот. „Па, колку ги има, да му ебам мајката? Како ги напика овде?“, се сврте кон мене.

„Седумнаесет“, изговорив смирено.

Потоа од под камионот, од долниот бункер, се провре жена со лесно птичјо тело, со тен како кај трите момчиња. Потоа се провре и човек што излезе значително побрзо од жената. Слаб, со потиштени црти на лицето, речиси долета до четворицата. Полицаецот и цариникот гледаа во момчињата, во жената и во човекот, кои направија круг во кој цврсто се прегрнаа.

„Ова мора да е мајка им. А, овој проседиот татко. Семејство, човеку!“, изговори цариникот.

Од задниот џеб извадив врзоп банкноти.

„Има пет и сто? Да не бројам? Триста евра по глава?“, изговори.

„Точно.“

Се почеша со парите по брадата, па, поместувајќи ја шапката по главата лево-десно, рече: „Врати ги во бункерите и вози. Веќе никој нема ни да те погледне до одредиштето.“

Цело време возејќи го шлеперот чувствував како се поместуваат во осумте квадрати. Точно знаев и кога мократ во пластични шишиња. Знаев и кога заспиваат, па телата им се опуштаат и удираат во ѕидовите на бункерот.

Ги возев до Германија без непотребни паузи. До предградието на Минхен, каде што ги оставив во една гаража. Четиринаесет излегоа, додека тројца останаа во бункерот на шлеперот. Момчето во црвени бермуди и со бел шушкавец на себе, како и двете жени, не постари од триесет, не излегоа. И овојпат откажа вентилацијата.

И за нив тројца, без оглед на смртта, важеше истата цена – илјада евра по глава.

*

Бев многу блиску до купување нов, значително поголем стан, веќе капарисан дуплекс од седумдесет квадрати во Ново Насеље. Триесет и четирите квадрати за нас тројца, малку повеќе од единаесет по лице, се под секое човечко достоинство.

Превод: Иван Шопов

 

 

  Душан Радаковиќ

Душан Радаковиќ е роден 1968 година во Зрењанин. Пишува раскази.

 

 

ažurirano: 13/02/23