Бошко Ломовиќ

 

 

– Ехеееееј, Ѓорѓооо!

Или некој го повика или му се причини. Можеби некој од неговите, пребегани преку Дрина, во овој миг го изговорил неговото име, а тоа телепатски му одекна во ушите додека се мислеше како да доскокне до цивкањето, а да не ја огреши душата. Не успева, веќе трет ден, да склопи очи како што треба, а толку сака да дремне во оваа врела здодевна тишина. Да задреме, да заспие и да спие сѐ додека некаков гласоносец не упадне во ровот и не го разбуди со вест дека е војната завршена.

Ноќе е полесно, се пука на слепо, се гаѓа преку ливадата кон нивните ровови, колку да знаат дека сме тука. Преку ден сѐ стивнува, во коските се вселуваат спарнина и здодевност; што друго би правел, освен да дреме испотен, да побегне на некоe поубаво време и да се разбуди само кога готвачите ќе дојдат да ги наполнат порциите. Туку, повеќе како да не го слуша цивкањето на ранетото куче во високата трева, помеѓу рововите, на ничија земја! Од каде дошло и зошто се влечкаше баш пред цевките? Го погодиле во ‘рбетот, сега лежи и цивка, го боли, себап би било со куршум да го куртулат од маките, но кој да го свитка, како да му се доближиш, а да не паднеш и самиот до него. А, и да му пријдеш, како ќе му нишаниш во челото додека те гледа!

Утрово влечеа дрвца. На Ѓорѓо му се падна најкраткото. Ама, како ќе го направи тоа? Од ровот не го гледа за да го земе на нишан, а ако заџитка кашикара, дали ќе го погоди?

– Слушна ли некој? – се оттргна одеднаш од мислите за кучето.

– Што? – се одѕва Никифор, не поместувајќи се на шаторското крило, со грбот свртен кон Ѓорѓо.

– Некој довикуваше: „Еј, Ѓорѓо!“

– Ти се причинило. Не буди ме.

– И јас како да слушнав – се јави Јелена од другиот крај на ровот.

– Овде можеш да го чуеш и покојниот прадедо – се шегуваше Саво.

Сепак му се причинило. И летото и денот во зенит, а уште и војната. Многу нешта му се причинуваат на човека. Всушност – телепатија. Неговите од онаа страна на Дрина. Погледна на часовникот. Наскоро заднинците ќе поминат низ ровот, наведнати, за главите да не им бидат мета, со сад папазјанија од компир, грашок и листови од рана зелка. Далеку е тоа од босанскиот лонец од гостилницата на Ќуќе, оној што во понеделник со мерак го јадеше на градскиот пазар. Е, зготвивме босански лонец, сѐ и сешто има во него, нас најмногу. Горчлив, ама треба да се јаде.

– Ѓорѓооо! Јави се, знам дека си тука!

– Некој те вика – го врати Саво затворачот во лежиштето и чкрапна напразно; го беше завршил чистењето и подмачкувањето.

– Некој од нивните е. Јави се, човеку! – речиси заповеда Никифор, доброволец кој, еве, ќе биде и петти месец, се преместува со водот по рововите помеѓу Сава и Мајевица.

Ѓорѓо го стави шлемот на главата и се исправи.

– Кој вика? – праша гласно и отсечно.

– Комшијата те вика!

Сега беше сигурен дека гласот доаѓа од нивната страна, од ровот на работ на шумата со тополи, унакажана од гранати. Погоди и кој би можел да биде, па се фати себеси во нагла возбуда. Хусеин, никој друг. И првиот пат бил Хусеин, не му се причинило. Комшијата Хусица, ситен и пргав, употреблив за секоја работа. Баш беа комшии – додека беа. Хусо кај Ѓорѓо на Велигден, Ѓорѓо кај Хусеиновци на Бајрам. Никој друг, туку Хусеин Шахман! Оној ист Хусица што, крадешкум од своите, знаеше – баш онака со апетит – да мавне румено увце од божиќното прасе. Тоа се расчу, па, кутриот, се бранеше правејќи шега: „Немаше прасе кај Ѓорѓо, туку јагне, брат, со говорна мана.“

– Хусеине, ти ли си? – прифати Ѓорѓо.

– Јас, брат, а кој друг!

– Што мака имаш?

– Имаш ли нешто да смотаме, жити мајка?

– Имам, ама како да ти подадам?

Некое време ништо не се слушаше, а потоа гласот на Хусеин се проби низ запурнината:

– Ѓорѓо!

– Уште сум овде!

– Еве ме!

Војниците, изненадени, се погледнаа.

– Или е луд или не потегнал тутун од последниот Бајрам – првпат се огласи Цвијан, кого довикувањето сосема го расони.

– Еве ме без пушка, без капа, без појас – повторно го слушна Хусеин. – Ист таков тргни ми во пресрет.

Ѓорѓо помина со очите од еден до друг, со очите бара совет. Тие гледаат во него со раширени зеници како во тој миг на носот да му израснала брадавица. Никифор го навлекува шлемот на челото, ја става дланката над очите.

– Оној доаѓа!

Се кренаа и другите. Хусеин навистина доаѓа, гологлав, без пушка и појас се приближува чекор по чекор.

– Нема друго, ќе го убие некој – ја подаде Никифор раката кон комшијата на Хусеин.

Ѓорѓо се стутка, во неодумица почна да претура по џебовите, баш комшијата му направи голема беља. Ги погледна по ред најблиските, па не наоѓајќи во нивните очи ни трошка причина да се откаже, почна да го откопчува појасот.

Најблиските двајца му помогнаа да се искачи на насипот и тој се исправи над ровот. Погледна во небото, се прекрсти – нека биде што ќе биде!

Доаѓа Хусеин, доаѓа Ѓорѓо. Од соседните ровови со очите ги следат војниците, си ги гледаат шлемовите едни на други. Сонцето запече, цивкањето на кучето ја засили запурнината. На Ѓорѓо му се лее пот од косата, се слева низ ‘рбетот; и кошулата на Хусеин мора да е мокра. Поминува покрај ранетото куче, го гледа првпат: крупно, со жолтеникави влакна, необична муцка, никогаш порано не видел нешто слично, вистински господски пес.

Хусеин го чекаше на средината на ливадата. Но, што гледа уште? Целата дружина на Хусеин го напуштила ровот, без оружје, капи и појаси – сите се приближуваат. Му се привидува од горештината или од возбуда? Го полазија морници, посака да се сврти и да потрча кон своите, но во нозете олово – не го слушаат. Ја сврте главата таман колку да забележи, да види како и неговиот вод се движи низ високата трева. Му беше полесно.

– Да седнеме – предложи Хусица и вешто ги свитка нозете под себе. Се спушти и Ѓорѓо и без зборови му го подаде на комшијата ќесето со тутун, загледан во прстите на Хусеин, кои вешто го забиваа тутунот во цилиндричната флис-хартија. Додека завитканата цигара ја провлекуваше преку јазикот, пристигнаа и другите, седнаа, а ќесето со тутун почна да кружи.

Молчеа. Причината за толкавата неугодност беше тоа што безмалку сите меѓусебно се познаваа.

Ѓорѓо прв прозборе:

– Па, Хусеине, како ме откри?

– Па, не знаеше баш секогаш да се камуфлираш како што треба.

– Немој да кажеш дека можеше да ме…

– Кој ќе ми го направеше сега овој ќеиф – се насмевна Хусо.

Завиткаа и запалија уште по една.

– Што стана? – праша Цвијан, повеќе за себе отколку за другите, колку да не замре разговорот.

– Ех! – одговори еден од оние на Хусеин.

– Без потреба неволја – пак рече Цвијан, со очите во тревата пред себе.

– Беља и јаз’к – потврди човекот на Хусеин.

Кога втората догоре до прстите, Никифор стана.

– Нека ви е шуќур и фала – стана и Хусеин. – Бевме цела недела без тутун.

Се оддалечуваа секој кон својот ров; на половина пат Ѓорѓо застана и се сврте.

– Хусо!

Застана и Хусеин.

– Ќе правиме ли и утре?

– Во исто време – прифати Хусеин.

Претходниот ден, до ситница, се повтори. Само овојпат викна Ѓорѓо.

– Хусеине, еј, Хусооо! Да завиткаме по една?

– Да завиткаме!

Си одеа еден кон друг во пресрет поопуштени отколку вчера. Тоа што во текот на ноќта имаше рафали и пцости од едната на другата страна, ништо не расипа: им паѓаше незгодно само од цивкањето на големото жолто куче; цивкаше од болка и жед.

– Ќе трае ли ова уште долго? – праша еден од оние на Хусеин, не очекувајќи одговор.

– Ќе трае додека оние сакаат – сепак, одговори Саво.

– Кои тие?

– Тие – рече Саво со тон што даваше до знаење дека околу тоа нема ни што да се прашува ни што да се одговара.

– Ах! – му беше јасно и на соборецот на Хусеин.

Ѓорѓо го вртеше разговорот на поподнослива страна:

– Хусо, дали твоите се сите на број?

– Беа пред два месеца, оттогаш не знам – Хусеин отсутно кубеше тревки.

На ливадата повторно налегна молк.

Хусеин, најпосле, со мака ископа прашање од себе.

– Ѓорѓо, знаеш ли што е со мојата куќа?

Од каде баш тоа! Во куќата на Хусо помина денови и денови додека ја градеа. Вешт со висок и либела, само тој можеше добро да ја води работата. Покоен Јунуз уште беше жив и му велеше на синот, кој се подготвуваше дури во Зворник: „Каде ќе одиш на друго место кога го имаш Ѓорѓо? Баш мајстор!“

Така е како што е, не може да се разубави со зборови.

– Не е повеќе куќа, мој Хусо.

– Погодена е или запалена?

– Од што би ти било полесно? Мојата ја запалија твоите, а твојата – моите. Двајцата сме бездомници.

Одново запалија. Чадот се вдишуваше до последната алвеола, се задржуваше подолго од обично и потоа гласно се издишуваше. Можеби од тоа им беше полесно, можеби не.

Никому не му олесна ни од надевањето на Цвијан.

– Ќе соѕидаме нови. Само да спасиме глава до денот кога некој ќе рече: „Доста!“

– Кој е тој некој?

– Некој – повтори Цвијан со нагласок што му даваше важност на зборот.

– Ајде утре да изгустираме и кафенце – предложи Саво и го прекина мистериозното филозофирање на Цвијан.

– Има ли кај вас? – прифати Хусеин.

– Нема секогаш, ама ќе се најде – авторитативно соопшти Саво.

– Ние ќе донесеме ѓезве, филџани… и суровина за оган.

А, третиот ден (многу пресудни нешта се случуваа на третиот ден), кога се довикуваа преку ливадата и точно напладне тргнаа од рововите, радувајќи се што со тутунот ќе густираат и кафе, зрно од хаубица крена облак прав и парчиња земја помеѓу изгазената трева и кучето. Војниците испопаѓаа, а потоа скокнаа и безглаво се стрчаа назад во рововите. Секој во својот. Во тревата остана големото сино ѓезве од кое истече водата. Жедната посавска земја брзо ја испи. Филџаните останаа расфрлени. Пред другиот ров лежеше лименка покрај истурениот кафеав прав и левиот чевел на Никифор.

Цивкањето на жолтото куче повеќе не се слушаше. Ни тој, а ни следните денови.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Бошко Ломовиќ

Бошко Ломовиќ (Брезна, 1944) е професор по српскохрватски јазик и книжевност, а работниот век го поминал во новинарството. Објавил 40 книги за деца и за возрасни. Поезија, проза, книжевна и ликовна критика објавувал во списанијата низ Југославија. Застапен е во повеќе антологии, за деца и за возрасни, во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија и Русија. Добитник е на бројни општествени признанија и награди за книжевното творештво. Кон крајот на 2000 година му се објавени Собраните дела во осум книги (3.500 страници) во издание на белградската куќа „Svet knjige“.
Контакт: boskolomovic@mts.rs

 

 

ažurirano: 17/09/21