Кафе, комшике
Вера си помисли дека ѝ се причинило, во последно време светлината и звуците си поигруваат со неа, особено при влезот со вака пробивачко бело сонце во замрачената куќа. Низ ненадејното црнило блескаат заостанатите кадри забележани во краткиот утрински период кога воопшто се осмелува да излезе надвор, пред нападот на летната жега. Откако е сама, секоја глетка се меша со некоја веќе одамна видена, како пред себе да турка вреќа во која се прпелкаат заплеткани слики од минатото, па на секое некоја ќе побегне надвор и ѝ скока пред очите. Ѝ се препушта на таа лажливост, откако остана сама, деновите и онака се сосема бесмислени и празни. Наутро пристава кафе, на масата ги става ѓезвето и шолјите. Вера знае дека Мирослав веќе го нема, ама во тој утрински ритуал како тоа да не е вистина…






