Баба ми Аница

На ден деветнаесетти октомври две илјади и десетта година ја погребавме баба ми. Ја погребавме во селото во државата во која се родила и го проживеала поголемиот дел од животот. Татко ми и другите деца на баба ми одлучија да ја испочитуваат нејзината последна желба и рекоа дека повеќе нема да се оптоваруваат со тоа што во селото има две цркви и што во нашава веќе со години поп нема кај кого да доаѓа. Не им пречеше што нашите гробишта се запуштени и обраснати во некакви треви. Беа среќни што околу нив нема мини. Го повикаа попот да дојде да ја погреба баба ми и платија сѐ. Толку ѝ должеа на баба ми.