Грахо
В мугри, кога над куќата на баба ми небото, сѐ уште виолетово од ноќната свежина, а сонцето некаде таму одзади, на другата страна од Грмеч, веќе го најавуваше доаѓањето на денот, мојот петел Грахо од врвот на крошната на јаболкницата, баш од гранката што ја гледам од својот кревет, го најавуваше новиот ден со упорно кукуригање, ѕвонливо и продорно, а за мене строго и нестрпливо. Тоа ни беше таен знак – мене да скокнам од креветот и да седнам на дрвената клупичка на прозорецот до мојата соба, а на Грахо, кога ќе ме види мене, уште еднаш да кукуригне, сега весело, па шушкајќи со крилјата во лет да се спушти од гранката кај мене в скут, сиот разбушавен. Тука се смируваше и малку дремнуваше.






