Солзите исто болат
Декември. Завеан вторник. Стоев на раскрсницата кај Градскиот пазар, замотана во голем плетен шал, додека го чекав да пристигне колегата. Ноздрите ми се полнеа со мирис на пржени мекици, а кркорењето на цревата се зголемуваше. Ги удирав вкочанетите нозе една од друга за да ги загреам. Остинатото тело ми ја подгреваше нетрпеливоста. Знаев дека и во стариот голф е студено, ама барем немаше да стојам на заледениот тротоар.
Конечно, темносиниот автомобил застана пред мене. Се поднаведнав за да го здогледам познатиот лик на колегата Фатмир, кој само ми мавна со раката за да влезам внатре.






