Кафе со Јелена
Татко ми од дуќанот донесе неколку празни картонски кутии на кои пишуваше: „Чајни колачиња“, или: „Сончогледово масло“. Рече да ги наполниме со најнужните работи, зашто повеќе од тоа нема да собере во багажникот. Спуштајќи ги кутиите на верандата, се потпре на ѕидот од куќата и долго го разгледуваше дворот. Потоа полека го креваше погледот по рапавата кора на ореовото стебло, кон крошната и кон пувкестите облаци на пролетното небо. На крајот го спушти и го остави неконтролирано да плива по рамнината во далечината. Кога ми здодеа да го следам неговиот поглед, се префрлив на набљудување на црешите на чичко Лујо, опсипани со пупки мирисливи цветови, подготвени наскоро да се претворат во сочни слатки плодови…






