Време на митарење
Прстите силно ти го тријат темето што речиси те боли. Потоа, долго стоиш под студената вода. Додека одиш бос до кујната, на табаните ти остануваат мачкини влакна. Сирупот од бозел ти истекол по фрижидерот. Ќе исчистиш, ама откако ќе го испиеш кафето. Тураш млеко, шеќер, го палиш компјутерот. Читаш мејлови, вести, фејсбук-статуси. Мислиш на морето и на својата банкарска сметка. Во Загреб се измерени 32 степени. Размислуваш да одиш на пазар, ама се откажуваш.






