Глувонемата
Беше третата ноќ од бомбардирањата и сега веќе го имавме научено креветот, каде и со кого ќе легнеме во темниот подрум на болницата. Само што ja слушнавме заглушувачката сирена попладне, што јавуваше за опасност од бомбардирање на градот, излеговме од собите каде што бевме сместени и се симнавме по скалите во долга, еднолична и тивка редица на бремени жени, која ако се набљудува од највисокиот кат, наликуваше на извиткано тело на дебела и истоштена влечуга. Чекоревме како месечарки следејќи се една со друга со погледот на земја во следниот чекор и со мислите во нашите домови, каде што ги оставивме семејствата и секојдневните работи со вообичаените тропања и грижи, што сега изгледаа толку слатки и посакувани, намамувајќи ни ја надежта за што поскорешно враќање.






