Линдита Комани
Меѓусебните погледи на двајцата наликуваа час на мека свила, час на заканувачка стрела. Не можеше да се разбере дали сакаа да седат еден наспроти друг или сакаа да станат и да се изгубат од пред очите на другиот, навредувајќи се меѓусебно. „По ѓаволите!“ ќе речеше Ардиан. „Ти, стопати по ѓаволите!“, ќе речеше Весна.
„Колку посилен се чувствувам кога не ми е пред очи“, му велеше тој на брат му Јетон, и вратен дома во меѓувреме, му раскажуваше за последното соочување со колешката од училиште и од работа. „Ме вознемирува нејзиното присуство во нашата група, но, од друга страна, кога и да ја видам како се смее и ја слушам како зборува, едноставно уживам.“
„Овие српскиве курви се слатки“, му рече Јетон. „Те разбирам зошто ти се случува ова.“ Ардиан луто го погледна.
„Од кај знаеш ти дека таа е курва?!“, веднаш му возврати.
„Да, такви се, несомнено. Тоа што тебе ти го зела умот, не значи дека не е.“
Ардиан стана и не сакаше да го продолжи разговорот, ниту да му рече добра ноќ.
„Кај одиш, кај одиш?“, му викаше Јетон од позади. „Нема ниту да вечераш?“
Ардиан не му одговори. Ја повлече стаклената врата зад себе и го продолжи патот кон својата соба. Јетон, од друга страна, го крена гласот на телевизорот.
“Ohhh ooohhhh, ja, gib’s mir, stärker, stärker!!!“, слушна малку подоцна Ардиан женски глас, кој доаѓаше од собата со телевизорот. Брат му го имаше сменето каналот и веројатно уживаше во тоа што го гледа.
Од над таванот од станот во зградата изградена за широката народна маса, со квалитет кој те тера да мислиш дека соседот ти е речиси во соба, се слушаа слични движења како тие што веројатно се случуваа пред очите на Јетон. И горе една жена му велеше на партнерот: “Ohhh ohhh, ja, gib’s mir, gib’s mir!“
„Нцнцнцнц… вака мажите потоа се убедуваат дека горе-долу секоја девојка, на која било возраст, кај партнерот и акцијата со него ѝ е умот“, рече и се насмеа во себе.
Да се сконцентрира на работата во овие услови беше невозможно. Да разговара со Јетон и да му каже да го намали гласот не сакаше. Згора на тоа, Јетон ако го намалеше гласот, ќе станеше уште полош бидејќи ќе ги слушнеше тие од над таванот. Човекот еден спрат погоре барем има девојка под или над себе, со која се издувува.
Го вклучи компјутерот. Сакаше да ги прочита мејловите кои му пристигнале од попладне до ноќта и да слуша нешто за да биде со слушалки на ушите.
„Арди, види го ова малку“, му пишала Лизи и подолу споделила линк со повик за најновиот конкурс за драма.
„Лизи, Лизи“, рече тој во себе. „Никако да се откаже. За што ти требам? За секс? За памет да ти давам? За иднината што мислиш дека ќе ја имаме заедно? За парите што мислиш ти дека јас ќе ги направам?
„За сите, Арди“, го имитираше нејзиниот глас. „Не разбираш дека кога те гледам тебе, го гледам тој со кого сакам да бидам?“
„А јас ја гледам визата за престој во мојот пасош. Всушност и тебе и уживањето што ми го приуштуваш, но овие мислам дека се на второ место“, си одговори себеси. Ја отвори страницата со конкурсот. Условите за учество ги исполнуваше. Текстови имал толку многу што убаво ја навежбал раката. Имињата на претходните победници делумно ги знаеше. Нивното образование беше слично со неговото. И со возраста не се далеку. Можеби вреди да размисли.
„Ти како да имаш нешто почнато… oder“, го охрабруваше Лизи на мејл.
Таа со многу напор го учела албанскиот и успеала. Можеше да комуницира и со неговите родители. Арди ја понел неколку пати на скијање и на крај ѝ овозможил да се сретне со нејзините родители. Ним им се допаднала и ја поканиле да го мине зимскиот одмор со нив, како дел од семејството. Тој ден на Лизи на лицето ѝ се гледаше дека поканата што ја доби, ја доживува како успех. Триумфалниот изглед ја следеше особено на излегувањето попладне со сестра му на Арди, Веса, и со самиот Арди. Веса штотуку имаше завршено средно училиште и се залагаше татко ѝ да ѝ дозволи да студира заедно со браќата.
„Една Австријка е поприфатлива од една Србинка по татко, иако вторава не живее веќе со него“, како да го слушаше Јетон.
„Арди, мајка ми е Босанка, Босанка, разбираш?“, како да го преколнуваше Весна.
„Босанците се муслимани, татко. Не го заборавај тоа. Потоа, на Весна баба ѝ е Албанка од Сараево“, му велеше на татко му.
„Молчи, молчи ти велам“, му возвраќаше татко му. „Србинка во оваа куќа не влегува. Има и други како тебе на кои љубовта им го замати умот. Таа како дошла, така и заминува. Потоа, што останува? Прадедо ти го убија Србите, дедо ти го затворија Србите. Затоа што си ми син и многу те сакам, ти велам дека за тебе е подобро да не се враќаш тука ако…“
„Ама јас не реков дека ја сакам, а уште помалку дека имам намера да ја донесам тука како снаа“, се бранеше Арди.
„Замисли на Веса да ѝ отиде умот по некој Србин! И вие ми мрчите да му дозволам да дојде кај вас…“
„Веса? Каква врска има… што бара Веса во ова, татко?“
„Арди, ти ме сакаш?“ го прашуваше Весна со поглед.
„Весна, зошто не си Албанка, Весна, зошто не си Албанка, Весна, зошто не си…? Или Австријка, Весна Австријка, Весна Австријка, Весна, зошто не си?“, ќе се фатеше себеси како тешко дише и ќе се сетеше кога еден ден ја прашал:
„А ти, како што најмногу се чувствуваш?“
„Јас, Австријка верувам. Ти значи нешто тоа?“, му одговори таа и забележувајќи ја неговата изгубеност во мислите, додаде: „Разбирам, секако дека ти значи, ти си Албанец“.
А тој, со овој спомен, со ова разбирање и внатрешна мака, не знаеше дали се смирува засекогаш или само се повлекува накратко.
„На мама ѝ течеше крв од двете страни на усните“, му кажала Весна кога се запознале малку подобро. Вујко ѝ бил убиен од страна на Србите во војната во Босна. Мајка ѝ, Весна и нејзиниот седумгодишен брат Милан избегале во Грац за да не се вратат повеќе. „Кој нѐ сакаше веќе нас? Од страната на татко ми сакаа да не збришат од овој свет. Од страната на мајка ми не сакаа веќе да не гледаат и да ги слушаат нашите имиња. Тие беа доволни за да не потсетат дека сме од татко Србин, следствено на тоа дека сме Срби, значи од тие кои убиваат и силуваат.“
„Кога последен пат си била во Сараево?“ ја прашал Арди.
„Не сум била повеќе“, му одговорила Весна, со скршен глас и очи кои изразуваат болка и копнеж.
„Сакаш да одиме заедно?“, рекол тој не чекајќи, чувствувајќи се како спасител.
„Замисли! Јас Албанец и со болки во семејството, исто така, причинети од Срби, патувајќи со тебе со воз за Сараево“, ѝ се насмеал за да ја намали напнатоста.
„Ќе размислам“, му рекла Весна. „А тебе, зошто не ти е срам што како Албанец си со мене?“
„Јас не сум со тебе“, веднаш зазел став за да се дистанцира.
Се дистанциарала и таа.
„Штом никој досега не ти се понудил да го направи тоа… Das versteht sich doch von selbst… како што сме пријатели, ова е најмалку што можам јас да го направам“, продолжил Арди, со смиреност која подразбира дека ја има ситуацијата под контрола.
Се познаваа уште од прва година на студии. Странците брзо се воочуваат поради искривениот јазик. Весна беше израснала таму и јазикот ѝ беше како да е оттаму. Но таа се зближи со сите за кои разбра дека се странци. Пред да дознае дека татко ѝ е Србин, Арди ја прифати со задоволство блискоска, дури почна и да има фантазии за неа. Весна беше во врска со едно момче Австриец. Брат ѝ, Милан, беше во врска со девојка Австријка. Мајка ѝ, Амра, години наназад беше во врска со нејзиниот партнер Австриец, Стефан, со кој веројатно ќе стапат во брак.
„Со овој втор брак се очекува конечно да се одвои од нејзините“, му рекла Весна. „Таа постојано се двои. Потоа се враќа, па повторно ја нема, не знам…“
„Да е само таа…“, ѝ возвратил Арди смеејќи се.
„Но мама покрај сите тие одвојувања се залагала оттука да го помогне своето семејство. Ни доаѓале на гости нејзини блиски кога требало да одат на лекување или за хируршки зафати. Можеби ќе дојде еден нејзин внук да учи тука. Но сепак…“
Стефан работеше во организација која помагаше при пречекот на бегалците од војната. Ги пречекал тројцата кога пристигнале со рани по телото и постепено станувајќи поблиски, успеал да им го подари тоа кое веруваа дека го имаат загубено засекогаш. Ѝ помогнал на Амра да најде работа. Децата почнаа да одат на училиште. Така почна нов живот за нив, на некој начин.
„Накратко, се интегриравме“, рекла Весна на шега пред групата студенти во универзитетското бифе. Се гледаше дека го сака новиот живот во Австрија. Со минатото ја врзуваше раскрвавеното лице на мајка ѝ и љубовта кон убиениот вујко, кој додека таа и брат ѝ беа мали, правеше сѐ за да го минува времето со нив. Ги земаше со себе на прошетка или ги возеше со кола наоколу, ги носеше во кино, ги играше со нив игрите кои беа во мода за децата.
Уште еден силен потрес во мислите на Арди за Весна му се случи кога дозна не само за нејзиниот татко Србин, туку и за нејзиното презиме. Тоа што таа сакала или не сакала да се роди од татко Андриќ, малку значење имаше во тој миг. Арди збеснал. Со презимето Андриќ тој го опфаќаше сето насобрано зло во планот за насилното иселување на Албанците. Писателот, почитуван на највисоко ниво во светската книжевност, бил толку нечовек за да го направи тоа.
„Или ти сметаш дека тој бил човек?“, ѝ се нафрлил на Весна со полна уста гнев.
Весна ниту пробала да се одбрани.
„Не знам што зборуваш“, му рекла таа со мирно лице и тивок глас. „Потоа, што да ти кажам јас… мене во семејството ми се случи несреќа… ништо не ме изненадува веќе.“
„Кај се наоѓа тој сега?“, ја прашал Арди за татко ѝ.
„Замисли колку знаеме ние за него… Ни рекоа дека бил тешко повреден во војната и дека избегал од Босна за да се сокрие, бидејќи имал многу непријателства и дека знаел дека ќе го убијат кога ќе се смири ситуацијата. Ни рекоа и дека умрел. За нас тој е мртов.“
Таа можеби не беше виновна, а ова со Андриќ беше првото за чудење од настаните кои ќе ја прогонуваат.
Со Јетон, со кој долго време го делеше станот со надеж дека некогаш ќе завршат со тие проклети студии и ќе заминат оттаму за во Германија или Швајцарија, живееше многу блиску до факултетот за странски јазици. На влезот на факултетот ни помалку ни повеќе беше поставена статуа на Андриќ. Кога и да мислеше за тоа, се чудеше како не нашле време и храброст заедно со брат му и со други Албанци да му предочат за Андриќ посмртно на раководството на факултетот, на градските власти и на други. Барање: Отстранување на статуата. Образложение: Јавна навреда кон сите Албанци, жители на градот. Доколку не се преземат мерки, тие ќе смислат нешто околу оваа статуа.
„Можеме да го покриеме со некој графит, нешто што ќе ни помогне при одбрана, доколку нѐ фатат“, им велеше Арди на пријателите.
„Се вика стрит-арт, ќе им речеме на полицајците“, велеше.
„Што сте напишале?“, ќе прашаат тие.
„Вие не го знаете зборот арт?“, ќе им речеме.
„Но, ништо не направивме, Јетон. Се криеме зад фразата „мировни граѓани“. Нема никогаш да станеме борци. И да пукне некоја војна, ние ќе отидеме во друга земја и ќе ги земеме семејствата со себе“, му рекол тој како заклучок на брат му на последниот разговор на оваа тема. Во таа прилика се присетија на нивното патување и патувањето на стотици илјади луѓе од Косово каде и да ги прифаќаа низ светот. Сакаа да си го спасат животот од војната и убиствата кои ќе им се случеа и ним.
„Колку е лесно да судиш однадвор“, му рекол Јетон. „Замисли да имаш жена која треба да ја одбраниш од силување, деца кои треба да ги одбраниш за да пораснат со мајка и татко, мајка и татко кои не сакаат да ги видат умрени децата, снаата, внуците…“
Овој разговор се развил по неговото враќање од одмор со Лизи во Хрватска. Сонцето таму убаво им се погодило. Прекрасно се чувствувал кога и да посакале да се сончаат, кога и да сакале да ручаат или да пијат кафе покрај море, кога и да посакале да се сликаат и да споделат на Фејсбук. До креветот во собата во која престојувале го нашол романот на Андриќ „Мостот на Дрина“. Внатре имало забелешки од некои луѓе. Тој што сакал да остави трага дека бил во тој стан и дека ја прелистал книгата, оставал забелешка.
Д.Б., 17.8.1999
A.J., 15.8.2001
Л.M., 10.8.2002
J.С., 12.8.2004
Н.Д., 29.8.2005
O.K., 26.8.2006
„Овој стан се чини се издава само во август“, била реакцијата на Лизи кога ја зела книгата в рака, додека Арди, со намуртено лице, почнал да мрмори. Лизи, со мек поглед, ја имаше олабавено наметката и од нејзината внатрешна страна се беше разбудила желбата изразена преку линијата помеѓу топлите гради, совршениот папок и штотуку облечените гаќи по долгото капење во када. Лизи знаеше како да му ја освои тврдината однатре. Половина час подоцна се слушаше: „Да, да, јаааа, gib’s mir…”, како во доцните часови од собата над таванот и од телевизорот од другата страна на собата на Арди.
Се сети да го погледне часовникот на аголот на екранот на компјутерот.
„Два и кусур наутро. Најдоброто време за писателот да се издува на електронска хартија. Материјал имам“, рече во себе, „но сепак, му недостига ткивото, и сврзувачкото и убедувачкото. Два часот е, по ѓаволите. Не ѝ се јавувам на телефон.“
Легна со Весна во мислите. Таа беше во период на разделба со нејзиниот австриски партнер. И Арди беше во период на разделба со неговата австриска партнерка. Овие периоди се карактеристични по одморите сам со себе, дружење со други луѓе, кршење на далечината со по некој телефонски повик или средба.
„Можеби е време за да се скрши оваа тишина со малку балканско чудо“, продолжи во себе.
Страстите во собата над таванот и собата од другата страна се беа смириле.
„Да видиме, кога ќе се разбудам, ќе успеам ли да ѝ кажам да појдеме со воз за Сараево.“
Превод: Крешник Ајдини
Линдита Комани
Линдита Комани е авторка на збирката поезија „Постимпресија“ (2012) и на збирката раскази „На јазикот на будењето“ (2015). Од 2003 година објавени ѝ се текстови на албански јазик во: „Поетека“, „Mehr Licht“, „Милосао“, „Фјала“, „Арс“. Учествуваше лично на фестивали во Австрија (2010) и во Хрватска (2015), како и на фестивалите „Регионале Х“ (Австрија, 2010), „Поетека“ (Тирана, 2013), „Врисак“ (Риека, 2014), а е дел и од антологијата „Ревија на мали книжевности на Албанија“ (Загреб, 2014). E-mail: lindita.komani@gmail.com
ažurirano: 01/02/20