Марио Мерџан
Самрак на големата војна. Седумгодишното девојче задишано чекореше по калливиот шумски пат. Косата со боја на слама, натопена од дождот, ѝ паѓаше напред и ѝ го прекриваше измаченото лице во движење. Цело време ја следеа слабникавите стебла неправилно наредени во колона од двете страни на патот. Во раката имаше голема торба, а на себе мокра облека која изгледаше како да ја носеле генерации деца пред неа. Страшниот ветер без престан ѝ шибаше дожд во лицето, а износениот џемпер постојано малку ѝ се раскопчуваше. Со текот на времето, претрупаната торба стануваше сѐ потешка и потешка, па непрестајно мораше да ја префрла од една рака во друга. И покрај сѐ, непоколебливо истрајуваше по бескрајната шумска кал.
Стигнувајќи до разурнатото ѕитче обраснато со коров, девојчето запре за да си ги одмори рацете што ѝ гореа од умор. Потпирајќи се на ѕитчето, долниот раб од џемперот ѝ се потопи во калта. Натажена, длабоко воздивна, го намести џемперот и ја подигна оставената торба, по што со тажен поглед продолжи понатаму. Пократкиот пат преку шумата не беше долг, но овој пат, поради временските неприлики, рутата до селото траеше подолго од обично, зашто на секој трет чекор девојчето потонуваше во, понекаде речиси мочуришна, земја. Нозете ѝ се лизгаа, понекогаш и до глуждовите, во полураспаднатите чизми со олабавени врвки. Иако знаеше дека пред неа има уште долг пат, не стануваше малодушна, ниту го забележуваше дождот којшто лееше, единствено ѝ пречеше тоа што не може со брзина на ветерот да одлета до својата цел.
Некое време пешачеше така, со тешки и мачни чекори, за потоа да скршне кон долгиот, кривулест полски пат. Таму, неколку метри потоа, наиде на сплесканото тело на мртов војник. Со неодредени години, лежеше со лицето кон земја во густата кал, со траги од тенковски гасеници преку грбот. Неговото мртво тело со денови скапуваше нурнато во калта, точно среде патот, начнато од дивите свињи што слободно шетаа во селата во потрага по храна. Освен него, тука имаше уште мртви војници. Унаказени до непрепознатливост, повеќето од нив беа во поодмината фаза на распаѓање, така што воопшто не наликуваа на себе, односно на нешто што некогаш било човечко суштество. Видно исцрпена од тежината на торбата, девојчето, резигнирано заобиколувајќи ги војниците, го продолжи својот пат кон селото.
Додека со погледот минуваше преку напуштениот крај, девојчето веќе можеше да ги види покривите на куќите што се наѕираа во утринската маглина. Стигнувајќи од блиската угорница, внимателно почна да се симнува по ритчето. Речиси при самото влегување во селото, вниманието ѝ го привлече непозната врева од опскурниот шумски пат којшто водеше кон полето од каде што и дојде. Вревата која што ја забележа девојчето прво се обиде да ја рационализира со виењето на ветерот или со ситните удари на капките дожд, меѓутоа стануваше сѐ поочигледно дека всушност станува збор за некој кој полека, демнејќи, се приближува. За бегство повеќе немаше време, затоа реши да остане на место не обидувајќи се да се помрдне. Цело време срцето дивјачки ѝ чукаше, а во ушите гласно ѝ пулсираше крвта.
Скаменета и со чизми вкоренети во калта, девојчето престрашено ги гледаше крвожедните песјаци, грабливите канџи и ужаснувачките очи кои призрачно зјапаа во ништавилото. Надвор од себе, се сретна со изгладнет волк што ѝ го попречи патот кон селото. Настанатата гробна тишина девојчето одненадеж ја прекина со своите очајнички повици за помош со надеж дека некој ќе ја чуе, меѓутоа сите нејзини пискоти беа залудни. Треперливиот глас безнадежно се губеше во непобедливото виење на ветерот и дождот. Од завивачкиот лаеж на подивениот волк девојчето се стресе како прободено со нож, а кога ѕверот тргна на неа, извлекувајќи се наназад, грчевито почна да се брани. Со својата торба очајнички мавташе во насока на волкот погодувајќи го директно во песјаците. Во истиот миг од распараната торба почна да паѓа храна. Додека волкот алчно јадеше сѐ што девојчето носеше со себе, таа во неверување ја искористи можноста за бегство, почнувајќи молњевито да трча.
Со наведната глава и празни раце, девојчето изнемоштено чекореше по пустото село сѐ додека не стигна до калливиот пат што водеше кон нејзината куќа. Отворајќи ја чкрипавата врата од дрвената ограда, со поглед минуваше преку садниците коишто уништени киснеа на дождот. Треперејќи, накисната до гола кожа, застана пред влезната врата од трошното дрво, длабоко воздивна и влезе внатре. На таткото, кој во војната ги изгуби двете очи и го издржуваше целото семејство, требаше да му соопшти дека храната, едвај набавена со оние малку пари заработени од свирење хармоника по саеми и веселби во крчмите, неповратно е изгубена. Зачадените кујнски греди заканувачки се нависнуваа над девојчето додека одеше кон собата на татко ѝ во страв од неговата реакција. Со воздржан здив, цврсто ја зграпчи ислужената квака, ширум ја отвори вратата и посрамено зачекори во тесната соба.
Со разбушавена коса, крвави усни и подлив на лицето, девојчето немо седеше во сенката на најдалечниот кујнски агол. Таму замислено гледаше низ прозорецот прекриен со стари, тантелени завеси што беа прицврстени со ʼрѓосани шајки што се покажуваа од дрвенаријата. Некое време го наслушнуваше толку хистеричниот плач на своите сестри стопен со хипнотичкото удирање на дождот по ќерамидите. Патем ги замислуваше својата убиена мајка и татко ѝ, како, додека уште не беше слеп, држејќи ги уздите на благородниот коњ, ја довезуваат колата во сончевиот двор и како од колата на масата донесуваат разни шеќерни слатки, медени колачи и илјадници саемски благодати.
Превод: Иван Шопов
Марио Мерџан
Марио Мерџан е роден во Загреб 1993 година. По завршената општа гимназија, запишува Правен факултет во Загреб, каде што дипломирал Управно право. Автор е на кратки филмови, со кои учествувал на неколку фестивали и ревии во Хрватска и во странство. Неговиот прв филм е "Далечни гласови" (2016), а "Краток излет" (2017) е вториот. "Будење во страв" (2018) е неговиот трет филм, воедно и прв среднометражен. Освен со режија, се занимава со пишување кратки раскази, сценарија и поезија.
Контакт: mario.merdzan@gmail.com
ažurirano: 14/02/20