Петре Димовски

 

 

Приказната е вистинита,
имињата на ликовите се изменети.

 

 

Светлосен бран ѝ го помеша просторот и ја збуни. Место да излезе во видикот, Луција се подзасолна зад мониторот. Тоа што го виде ѝ го затупка срцето, а светлината заблескоти со мека топлина низ душата. Се затегна за вик. Истиот миг инстинктивен страв ја парализира.

Во видикот влезе Милосава…

Ја спушти Милосава корпата да се исправи и, загледана напред, го смрзна погледот. Посака да избега од средбата. Но не стори ништо.

Двете жени неизбежно се фатија во погледот од краевите на патеката во фабриката за компјутери Франклин Електроник во Вест Раид, во Сиднеј. Се гледаа немо, вратени во пукнатината на времето. Беа нерешително збунети, како да бараат пат за назад. Бесшумно тргнаа една кон друга. Забрзаа. Поттрчнаа. Пред дофатот за преграб, ги задржа внатрешно бунило. Се погледнаа неодлучно застанати. Низ светлината на очите влегуваа во душите. И одеднаш се прегрнаа. Цврсто, чувствувајќи страв од разделба. Заплакаа. Со силен внатрешен немир низ кој се чинеше ги излеваат сите мачнини што се насобрале.

Секавично минуваше лентата на животот.

 

Седеле во бифето на фабричкиот погон на Барда и се шегувале. Тие три. Неразделни од проодување. Кажувале спомени од престојот во градинката, кои сега им изгледале скокотливо невини. Шарената панорама на градот ги полнела очите. Од планината Игман дувал свеж југозападен ветар. Луција погледнала на часовникот и се поднакренала. „Време е да се вратиме во халата.“

Пред влезот ги пресретнале брадести луѓе кои пијано вревеле. Наоружани со пушки, носеле закана што ги измешувала мислите. Сликата од просторот им ја натоварила сета тежина на времето кое неочекувано станало подивено. Се слушале пукотници низ Сараево. Настанувале делби. Федерацијата се кинела. Завладувала мачна неизвесност. Се плетеле морничави прикажувања. Појавата на вооружени луѓе, со очи во кои горел оган на омраза, внесувала губење на присебноста, толку потребна да се остане човек кога заплускува невреме.

„Има ли Србинки меѓу вас?“

Заканата била внесена во воздухот и го испомешала.

„Ти со нас“, шибнувајќи ја со пушката, ја поттурнал тој што бил до Луција. Во срцето ѝ удрил паничен страв. „Таа е Србинка“, избрзано покажала Луција кон Милосава, изгубена во својот страв. И дури да се соземе што рекла, Милосава била вклештена од студените цевки на оружјето, притисната да поттрчува пред нив. Додека Луција збунето гледала во Милосава, немајќи повеќе збор во устата, таа ѝ го пресретнала погледот. Имала панична молба што се праќа во грч на ужасен страв. Смртното бледило од лицето на Милосава се откинало од сликата и се залепило во душата на Луција. „Што сторив?!“, се прашала, немоќна да влезе во реалноста. Збунета и исплашена влегла во фабричката хала. Зошто не успеа да каже дека таа ѝ е најдобрата пријателка? Како сестра. Се измачувала не можејќи да најде утеха во гласот што противел дека ништо не можела да стори. Ѓаволот влегол во луѓето и ја презел судбината. Од спротивната машина ѕиркала Мирзета, а црн облак се лепел по нејзиното лице. Студенило влегло во просторот. Од кого да се плашиш, на што да се наслониш?! Зошто пријателството станува предавник, а не може ништо да стори за заштита?

По неколку дена кај чаршијата вооружени луѓе со присила повеле една група. Луција пропаѓала со погледот во настаните, подавајќи рака кон Мирзета.

Се виделе кратко.

„Мирзета, душо! И тебе ќе те изгубам?!“

„Кој ме поткажа?“

Збунета и преплашена, Луција не можела да ги среди мислите. Ми раскажа што ѝ се случило следниот ден.

„Кога затропаа на вратата од станот, го очекував враќањето на Станојко со децата да ја споделиме грижата што натиска. А влегоа брадести луѓе и внесоа смртна закана. Чув дека мојот маж, лојален на нивното дело, ме поткажал како туѓа, а со децата избегал во Белград.

Не се одбранив. Таква сила во злото! Тој што се нафрли врз мене со првиот зафат ми ги раскина фармерките. Продре во мене со остар бодеж низ душата. Небото се отвораше и се затвораше. Тонев и излегував од темното црнило на свеста.

Кога ме затворија во логор, ме препозна еден школски. Ме повлече зад бараката со закана да ме силува и тој за одмазда што сум била разгалена кокона. Другите пијано се клештеа. Немав сили да се спротивставам, ниту да се молам. „Викај“, рече тивко кога ме турна на земјата. „Викај, реви, урликај… Ако насетат дека импровизирам, ќе нè застрелаат и двајцата. Ништо не се може против лудилото. Злото е запален брод што плови низ немирно море со ајкули.“ Ми го покажа патот. Од чевлите извлеков илјада марки да му ги предаде на друг да ме откупи и да ми ја даде слободата.

Но судбината не ми беше наклонета. Од една дупка паднав во друга. Во муслимански логор. Можев ли уште маки да издржувам? Се сушев, се топев, згаснував. Не бев привид на живот, туку привид на смрт штом се довлечкав до оградата без да пукаат. Низ отворот низ кој не збира човек, се воврев. Барем ќе умрам по своја желба. Смртта ја спомнав зашто само неа ја сретнав. Белата планина, затворена во снег, не би ја минала ни да сум сита и исполнета, не гладна и исушена. Но грабав низ снегот да избегам подалеку од насилната смрт што ми ја бара трагата, чувствувајќи ја оваа попристојна.

Премрзната, а жива лежев во кревет. Хеликоптер на УНПРОФОР ја забележал црната дамка во белиот снег. Две години бев во логор во Шпанија. Станојко ме барал по континентите. Кога стигнав во Австралија, тргнал на пат да ми ги донесе децата.“

 

Милосава ми кажуваше за кошмарен сон кој го потиска пред јавето.

„Со другите грабнати нè внесоа во ограден простор. Чуварите беа пијани и уште локаа. Ме фрлија во мала просторија и ми ја истргнаа облеката. Се оѕверуваа. Еден сакаше да води љубов. Друг го оттурна топорејќи нож. Замижав да не го видам замавот, а ја чув заканата: „Не задоволство, за неа ова!“ Ми ја фати градата и замавна. Остра болка ми ја одзеде свеста, паднав во темна длабочина. Настана неред, викања, пукања. Со последната искра на мислата сфаќав дека меѓусебно се убиваат.

Нè изнесоа во камион нафрлани на купче. Кога сфативме дека сме живи, бевме на пат. Ме лекуваа во болница на УНПРОФОР. Преку хуманитарците стигнав во Холандија. Потоа овде.“

Мирзета пак ја развиваше лентата што постојано минуваше пред неа.

„Бевме построени над длабок ендек. Пушките вперени во нас. Ја гледав само смртта. Чувствував како тонам, се губам. Паѓав. Ја допирав земјата кога почна пукањето. Се стркалав во ендекот. Кога се созедов, студенилото ми ја бистреше свеста. Открив дека лежам на земјата и така треба да останам до ноќта. Си го зедов животот и излегов од ендекот. Детето ми го однеле во Норвешка. Долго го докажував мајчинството. Кога ми ја предложија Австралија, си реков, подобро подалеку од спомените. Но потоа открив дека спомените ги носам во душата.“

 

**

„Тука е и Мирзета“, Милосава ѝ кажа на Луција, „во логор во Парамата. Чека работа. Мене ме пронајде Цветан од Скопје, држеше трафика на аголот од „Игманска“, кај Вогошќа џамија. Отворил бизнис за чистење и ми понуди работа. Носталгичен е за нашите краеви. Му реков да те побара и тебе, од некаде знаев дека исти патишта одиме. Кога те видов, сфатив дека те нашол.“

„Ме најде“, со поглед заблагодари Луција. „Да ја повикаме и Мирзета.“

Трите жени седеа на западната страна од фабриката. Меѓу разгранетите еукалиптуси шумолеа водите на Леин Ков Рива, измешувајќи го шумот со крикот на какадуата што долетаа како бел облак. Разговараа за добрите стари спомени и за новите планови. Војната не ја спомнуваа. Тоа што не може да се збрише од меморијата го потискаа во себе.

„Станојко ќе дојде тука“, им кажа Луција на двете пријателки.

„Ќе сака да нè види со тебе?“

„Ќе биде среќен. Се мачи да се опорави од хаосот што го подзеде. Не му ги навраќам лошите спомени. Мислата му била како да ги спаси децата. А исплашен во љубовта, човекот греши во животот.“

Од кај Лаин Ков Роуд пред Таквел Парк, крај самиот агол на Магдоналд се појави Станојко. Го виде Луција и возбудено го следеше кога застана крај еден дебел гуштер, очигледно смирувајќи некој презатегнат нерв. Потоа забрза и се качи кај нив. Се поздрави со Милосава и Мирзета и отсутно ја допре косата на Луција. Тешко завлегуваше во разговорот. Но темите беа живи, отвораа среќни хоризонти и набргу и тој се внесе во досетките.

Милосава предложи со такси да се вратат во логорите, но се вмеша Станојко:

„Ќе ве однесам со автомобилот.“

„На различни страни сме“, му кажа Мирзета.

„И на различни краеви на светот да сте, ќе ве однесам. Ќе ја носам и Луција. Не сака да се раздели од вас.“

„Па логорот и не е толку привлечен да не сака да го напушти“, се насмевна Милосава.

„Не е, но останувам таму додека се добијат документите. Кога ќе се вратам кај Станојко и децата, ќе ве повикам да живееме во заедничка куќа. Не ќе можам да поднесам да бидеме разделени. Треба целосно да му се вратиме на животот.“

Следниот месец се вселија во куќа во Редферен, до паркот кај Ројал Хоспитал. Блиску беше за терапијата на Луција. Од премрзнувањето ноктите на нозете ѝ се свиткуваа во месото, раскинувајќи го со остри болки, па ѝ ги оперираа.

„А нема операција за душата“, кога беа повторно трите заедно, се пожали Луција.

„Операција нема, но лек е пријателството“ – самоуверено рече Мирзета.

 

 

  Петре Димовски

Петре Димовски е роден во 1946 година во Македонија. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како новинар и професор, а четири години престојувал во Австралија. Сега е главен и одговорен уредник на книжевната ревија „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија. Дебитира со збирката раскази „Преломи“ 1973 година, со која беше номиниран за белградската награда „Младост“. До сега објавил 14 романи, 11 збирки раскази и 6 монодрами за кои добил преку 40 награди и признанија. Контакт: petdimo@yahoo.com

 

 

ažurirano: 01/02/20