Мехмет Елези
Две години откако заврши војната започнав да работам во Ѓаковица, во една осигурителна компанија со седиште во Тирана. Сѐ уште не се познавав со сите колеги кога најдов на масата една покана. Еден од колегите од канцеларија го немав сретнато, ми рекоа дека е на одмор, слави петгодишнина од раѓањето на синот.
Пријатна случајност, прославата ќе биде токму во хотелот во кој бев сместен тие денови, во потрага по поевтин приватен стан. Да доживее 100, реков погледнувајќи ја колешката во канцеларијата. Таа ја крена веѓата. Тажната завеса која ѝ паѓаше на лицето се стресе од скриениот ветер. Има право. Мажот ѝ е еден од стотиците исчезнати од овој град во текот на војната. Штотуку ми го покажаа неговото име во близина на хотел „Паштрик“, на еден ѕид со тули кој го подигнале граѓаните со имињата на исчезнатите, секоја тула со по едно име. Жената доаѓаше на работа облечена во сѐ некакви сиви бои, студени како мраз.
Што можам да однесам како подарок?, ја прашав, повеќе за да излезам од тој молк речиси облеан во црнина. Таа се стаписа за миг. Ја извади шамијата и излезе со наведната глава, повлекувајќи ја вратата зад себе. Дона, слушнав еден женски глас некаде на крајот на ходникот каде што беа тоалетите. Дона ја викаа скратено. Се викаше Лиридона.
Човекот е секогаш сиромав во предвидувањата. Кога директорот на персоналот ми побара мислење да работам во огранокот во Ѓаковица, сенешто ми мина низ главата. Далеку од Тирана, дванаесет часови бам-бум по камења и дупки. Автопатот не беше во плановите на тогашната влада. Ергенски живот, еден час ми треба додека испеглам пар панталони и на крај пак имаат по две линии. Остра зима. Другата страна ме грееше. Ќе работев во Косово, во ослободено Косово. Можевме само да го сонуваме тоа.
Не бев пресметал нешто важно. Косово е родилка која се породила со царски рез. Родила една генијалка, Слободата. Нејзиното тело полно со лузни и гробови. Можеш да ѝ се радуваш бескрајно, но не можеш да славиш грлејќи се и топејќи се со неа.
Детски роденден во хотел, си размислував во собата, легнат со лицето кон небото. Во сета таа сала која се користи за свадби. Ве разбирам, во текот на војната беа убиени и бебиња, вашиот син Господ го спаси. Вечерва полни пет години. Сто и пет да доживееш, убавецу! И никогаш зло да не видиш.
Хм, може да се случи да не видам зло сто и пет години? Секако, некои драми кои потресуваат општества и народи може да се избегнат. Европа може да ги сопре, во третиот милениум сме. Босна беше лекција. Косово беше лекција. А Втората светска војна не беше лекција? Купи една народна носија за момчето, ми рече жена ми по телефон. Сигурно носија ќе му однесат и други, жено. Ти направи си го своето, знаеш како! Земи му за еден број поголемо, детето расте со часови, да ја има и кога ќе има шест-седум години, дури и десет. Добро, ќе прашам некого да ми каже каде се продавниците. Одбери убава, во Ѓаковица и во Призрен се мајстори за овие работи.
Не само за овие работи, реков, гледајќи низ прозорецот на балконот, помеѓу гранките на еден јоргован. Голем двор се спушташе благо кон брдото отспротива. Два-три хектари место. Опкружен со убави ѕидови, разубавен со ковано железо. Штотуку засадени дрвца. Четири нови куќи фатени за рака создаваа агли на еден квадрат. Петтата, малку подалеку, беше запустена. Пропадната и поцрнета од огновите, никој рака не ставил на неа. „На четири браќа се. Им ја запали Србинот (Шка – пејоратив за Србин), но еве, за една година ги изградија повторно. На истите темели. Ги направија поубави, имаат повеќе светлина и убавина.“ „А таа едноспратната, зошто е оставена таква?“
„Сега ќе ѝ дојде редот ѝ нејзе. Таа беше за чување сено и зимница. Прво неа ја запалија, сеното гори како барут.“
Целосно нови куќи врз изгорените. Насекаде. Чиниш ги донесоа со себе, здиплени по куфери како пижами во деновите кога заврши војната. Луѓето се враќаа непрестајно. Со возила, со трактори, со авиони, пеш. И на грб, децата и изнемоштените. Слобода. Се враќаме на наша земја. Овие призори ги тресеа светските екрани. На врата пишуваше минирана куќа. Не се плашеа, лага е, велеа.
Со поглед на пасење, стискав меѓу прстите една сува цигара, која ја имав оставено некаде во некој агол од комодата. Бадијала не зедов едно шише ракија од дома, ќе ми служеше како аперитив. Колку е часот? Потребни се уште четириесет минути до почеток на вечерата. Ќе се симнам во холот. Подобро движи се, сретни се со луѓе, отколку да седиш и дебелееш во соба. Те сакам многу, но сега немам време за тебе, му реков на отворениот роман на комодата. Марио Варгас Лоса, „Празникот на козата“.
Поканетите веќе почнаа да доаѓаат. Разговараа во мали групи, двајца-тројца или четворица. Мажите со костум и вратоврска, се чини по сето тоа што го претрпеа повеќе ги ценат животните радости. Еве, стигнува и Дона. Предвреме, како порачана. Облечена во истите бои, кои ми се допаѓа да ги викам студени. За иронија ја личат многу, се чини некои жени болката ги прави поубави. Или неа ја личи секоја облека. Црни очи, со ретка милост, ме потсетуваат на очите на Беким Фехмиу во филмот „Уликс“, нивна женска варијанта (за малку ќе ја прашав кога дојдов да не е некоја внука на големиот актер). Убаво пополнета, но ја личи. Дона фрла едно око на холот, се отвора кога ме здогледува. Ми враќа на насмевката воздржано, полна со убавина. Угледна жена, чувствува дека сме дојдени за радост. Во вакви прилики сакаш дојди, сакаш не доаѓај, што се виновни другите да ги бомбардираш постојано со твојата несреќа. Ми го допира лактот со врвовите на прстите, малку се доближи.
„Ти не знаеш.“
Моите очи се вперуваат во нејзините, освојувачки и тажни.
„Сите се движиме со по еден тежок камен во торбата. Кај некој се чувствува посилно, кај некој помалку.“
Се отвора вратата од холот, десет-дванаесет деца влетуваат внатре како донесени од ветер. Приближно на иста возраст, пет или шестгодишни. Машките со костуми и вратоврски, како мажи. Се чини дека е друштвото на момчето од градинка. Се залагам да погодам кој е славеникот. Дона сфаќа и прави едно отсечно движење со рака, не. И падна онаа светла насмевка која ги следи брановите на една зашеметувачка енергија. Одвреме-навреме на светлото на нејзиното лице му се случува како на глуварче, на тие диви латици во форма на топче, кое ако се дувне малку, тие се распрскуваат во воздух. Само што ќе ѝ светнат очите, доаѓа сив облак и ја фрла во сенка. Ја разбирам. Ѝ ја убиле љубовта на животот.
„На еден наш колега му се отвори една рана која не може ништо на светов да му ја затвори. Само кога ќе го покрие земјата.“
„Војната?“
„Војната. Му се случи дома. Се нашле само мајка му со малиот син, тригодишен. Значи бабата со тригодишниот внук. Удар со нога во првиот кат, бучно се крши вратата. Луди чекори, забегани гласови. Српски парамилитарци, можеби полиција. Малиот се плаши. „Шшшш, вели бабата, доаѓаат вујковците, да се преправаме како да не сме дома, да видиме дали ќе нѐ најдат. Ти сокриј се тука, на балкон. Тука, зад големата саксија со цвеќе. Тука не се гледаш. Те покрива цвеќето. Собери се брзо, брзо. Така, не мрдај.“
Излегува и пробува да ги збуни вујковците. Да ги изигра, да не го најдат детето. Вујковците звршуваат работа со бабата, так-так. Има некој тука?, вели еден закрвавен поглед. Нема. Излегува на балкон. Бајонетот го става меѓу цветовите. Детето преплашено ја вика баба му. Светнува бајонетот. Бајонетот ја менува бојата. Станува црвен.“
Дона потонува. Влажните очи ѝ се полнат со солзи.
Детето имаше три години. Тука застана, не успеа да истера ниту ден повеќе. Сепак, вечерва… Вечерва нѐ поканија неговите родители. Сакаат да му прослават пет години. Ќе му го славиме секој роденден. И десет години, и дваесет, и…
Воздухот се расцепи, од крајот на салата загрми еден женски крик. Гласови кои пробуваат да се смират. Вода, вода со лед. Доктор, брзо! Еден маж оди на приемница, му паѓаат очилата од џеп кои за малку ќе ги згазеше. Ало, брза помош? Многу деликатен случај е, ве молам. Го кажува името на хотелот. Доаѓаат луѓето од салонот стеснувајќи го влезот за во сала. Жената која се онесвести ја легнуваат во еден агол. Еден маж на околу четириесетгодишна возраст им зборува на двајца помлади, другите го слушаат одоколу. Пресечен и тој, со затемнето лице, дрво. Ми фаќа увото некои зборови: Секако, добредојден си. Му реков на неговиот партнер да не ја носи, шепнува рецепционерот. Неодамна е, врела е раната, многу длабока. Што му рече да не носи? За тоа му реков. Го гледаш оној високиот што зборува со две момчиња? Тој е татко му, значи таткото на детето кое денеска ќе наполнеше пет години.
Рецепционерот се извинува, му зборува нешто некому и се враќа кон мене.
Другите двајца, кои разговараат со високиот маж, едниот е Србин, тука спие, на истиот спрат со тебе. Не си го забележал? Србин, тој?! Да, Србин. Писател или поет, нешто такво. Тука е по покана за некој конкурс за поезија. Рецепционерот повторно се извинува и одговара на телефон. Потоа? Потоа, еве. Ја слушна мајката на детето? Таа што врисна. Само што ѝ кажаа, се онесвести. Мажот ѝ рече дека е добредојден, Албанци сме, кај нас никогаш не се случило да не му отвориме врата на тој што тропнал како пријател.
„Држи ме малку“, рече Дона, потпирајќи се внимателно на моето рамо.
На аголот кај оркестарот липа една балада. Еден музичар ја пробува виолината.
Превод: Крешник Ајдини
Мехмет Елези
публицист, писател, јазичар, дипломат. Роден е во 1949 година во Тропоја, Албанија, дипломирал на Универзитетот во Тирана, албански јазик и книжевност. Постдипломските студии ги заврши на филозофски отсек. Објавени дела: 11 романи, 6 книги со есеи и публицистика, 4 збирки со поезија, 4 книги врзани за денешниот албански јазик, Речник на албанскиот јазик, со околу 41 000 зборови кои не се наоѓаат во академските речници, со етимолошки објаснувања, Речник со имиња на луѓе – 31 000 илирско-албански имиња. Живее во Тирана.
Контакт: m.elezi@bluewin.ch, mehmetelezi@gmail.com, https://www.facebook.com/elezimehmet/
ažurirano: 31/01/20