Милан Воркапиќ

 

 

Ова ш’о ќе ти го кажам, бато, жива вистина е… жими леб. Доста и не ми веруат. Викаат претеруем и измислуем ‘ко сите од Крпеж, дека ги бранам ‘Рватите, нашите душмани и врагои. Стар сум ја за да напаѓам и бранам било кого, а со политика не се бавтам.

Еве, овака беше това. Негдека после Ѓурѓовден девеестрета, одозгора од Гајево одеднаш удрива нивниве на нашето село. Овие нашиве копуци нити прави ровои, нити стражи сериозни, нити офицер се поштуе… неорганизирано, бато, нек’ се љути кој сака. Неорганизирано и готово. А, изгле’а нивниве поарно ја научиле лекцијана од ЈНА од овие нашиве одовдека. Запамтиле они дека без дисциплина нема војска, и така ти е, батко мој, од памтивек. Отсекогаш, бато, победуеле оние ш’о се дисциплинирани и организирани. А нашиве, Господ да чува. Е, така беше кога ‘Рватите го напаѓава нашето село после Ѓурѓовден. Нашиве пола ги нема; спијат, имаат некои смени ‘ко да работат у пилана, а не да се у војна. Ш’о викаше Миќан Савин, това се викенд-војници. Това не е зафрканција, тие ш’о држева позиција кај нас во Крпеж, или спиева или се картава. Неколку пијани уште отсабајле, некои скарани, некои берат јагоди… Море, бато, жива заебанција.

Удрива ‘Рватите одеднаш во зори горе од Гајево. Оние пет-шест клинци ш’о се картава у ровот, пуштива три-четири рафали, па удрива да бегаат по патот во село. После зборева дека това е демек повлекуење. Како да не. Батко, това беше бегање, зајак ќе престигнева. Само ни викнава:

– Бегајте, идат неколку иљади усташи!

Е… ш’о… Одиме и ние по нив… Така како ш’о нѐ затекна. Не успевме ни богатството да го збереме, ни да земеме неш’о од работите… као ш’о си се затекнал, така и одлетуеш со војската. Застанавме во Брѓани, това ти е поголемо село од нашиот Крпеж. Сега у војната таму беше командата на четата. Слета таму војската, тревога, бато. Излетава на позиција, чекаат ‘Рватите да мавнат по нас. Ама кој. Останава во Крпеж, не идат по нас. Излеговме ние на Грабиште над Брѓани, гледаме одозгора накај селото. Далеку е, едно три километри отприлика, слабо се гле’а, ама уба’о го гле’аме чадот. На некои места почнуе да фршти црн чад, па после лизнуе оган… Палат, бато. Ни гори Крпеж. Само ш’о ќе го скрпиме, некој душман ќе го сотре. Венецијанци, и Германци, и Италијанци, а овие нашиве ‘Рвати – секо’аш. Штом ги нема овие од другине држави, еве ти ги браќата ‘Рвати да нѐ потпалат и да нè подберат.

Ја гле’ам војската, се размрдала… Реков, се’а ќе идат у противнапад. Море, би одел и јас, ми се чини – ако имам цели шеесет и шест. Го прашуем командантот дали ќе бидне противнапад до вечер. Тој вика: чекаме наредба. Е, сине мој, дур’ ти чекаш, они таму се укопуваат, палат и грабаат. А, ти чекаш наредба, а молиш Господ да не ја добиеш, така ли е? Вика, мораме да видиме колку им се силите, да процениме колку наши требаат, вика, не се тоа врапци па да ги растераш до вечер. Не се, не се, ама затова нашиве бева побрзи од врапци, прснаа од Крпеж г’з преку глаа.

Ај, реков, утре ќе бидне нашиов напад. Како да не… пак се чека наредба. Ш’о ќе пра’иш, се распоредивме по куќи: кој кај роднини, кој кај пријатели, кој кај непознати. Ни ја гледаат луѓено маката, ни помагаат, делиме корка леб. Утредента дојдова некои офицери со џип, гледава одозгора од Грабиште; ние не смеевме да пријдеме. Е, викам, попладне сигурно ќе нападнат, а тоа пак ништо. Сѐ нешто бајат, гледаат, ама никако да удрат на селото. Секо’аш се чека наредбата. Да ја клесава во камен, веќе ќе ја напишева. Бидна десетти ден, се кренавме сабајле група старци па кај командантот. Реков, ќе ни да’ете некоја пушка? Нѐ загледа тој, прашуе ш’о ќе ни е. Па, викам, да го ослободуеме нашион Крпеж. А, него мува не го лази, зјапнал и гле’а дали го заебаваме или ни е толку смачено ш’о не можеме веќе да трпиме. Продужуем, викам, ако не да’ете некоја пушка, одиме ние со стапо’и и вили да си ги вратиме куќите, вака појќе не може. Вика тој, нападот веќе почна. Се загледуеме; ај не заебаај. Како почнал кога пушка не се слуша. Така, вика, извидувачите од вчера се околу Крпеж и набљудуваат; денеска, вика, до девет саат требе да се вратат. Е, кога они ќе ни кажат каква е работата, тогај ќе удриме.

Ние малце се стишивме, видовме дека настапивме безобразно, па се враќаме во село. Кога, батко, негде после девет саат дојдова три тенка. Се мота тука и некаква војска, се гужва по село, се распоредуат. Гле’аме, ќе биде беља. Богами, негде кај пладне тргнава тенко’ите, стана пукање ш’о да ти кажуем.

Кога, батко, не помина ни пола саат, стана тишина. Излегуеме, викаат одозгора од Грабиште да се вратиме у подрумите, ама ние не ги фермаме. Ѕиркаме зад исечените дрвја, ништо не мо’еш да препознаеш. Море, реков, одиме ние у наше село. Не дава војската, ни памет не ти дава, ама срцето влече. Влече некоја сила, не мо’еш да се противиш. И ми се чини дека побрзо идеме и брзаме од ш’о бегавме пред десет дена. Улетуеме у селото… нашите веќе се таму. Го зазеле исто ‘ко ‘Рватине пред десет дена; сеа ‘Рватите не прифатиле борба, се вратиле од кај ш’о дошле. Шмугнале назад во Гајево без ранети и мртви. Ние се разотидовме по селото, оди секој до својата куќа. Леле, ко’а почна лелекање и кукање… Од дванаесет куќи, пет изгореле. Запалена е на Стојан Периш, кој си ојде во Србија, а другине четири од нашите ш’о се во војска у Краина… Освета или порака, ѓа’ол ќе знае. А, и нашиве, ш’о не се запалени, се за плачење. Однесено е сѐ ш’о може да се однесе. Одам у куќа без врата, ми го нема шпоретот, телевизорот, радиото, фрижидерот, замрзнувачот… И сијалиците, сите ги отштрафиле и ги однеле… Ги собрале и двете крави и телето, ги нема ни кокошките. Ѕиркам под сенарникот, го нема казанот за ракија, ни запрегата, ни браната, ни… ниш’о нема, сѐ е однесено, сѐ. Тоа малце облека ш’о го имавме е расфрлено по куќата и дворот, перницата фрлена у измет, лампашот скршен… Кука жена ми, слушам и другите кукаат по своите куќи. Ни едно шише ракија. Кај да се свртиш, растурено и ограбено. Празна куќа ‘ко празна душа. Некако… мислам, вака бедно изгледа женско ко’а ќе го силуваат… празно и ограбено.

Одам кај комшијата Мане. Море, исто ‘ко кај мене, сѐ однесено. Тој има уште и добар трактор, со сите приклучици ш’о се. Сѐ ојде, брате мој, сѐ. Сеа сите исто немаме… Веќе не е важно кој е кој и колку има… Сеа сите не’аме. Ми вика Мане оти кумот му плаче ‘ко дете, му ги однеле коњите. Кумот продал тракторот и купил коњи. Ш’о ќе пра’иш, нема нафта па чо’екот се вратил по старо. Се’а овие го вратива на уште постаро…. Може да ора со себе ако сака да јаде нешто. Ееее, сирот мој.

Одам зад шталата да видам како е таму. Јас тука имав пет кошници пчели. Секо’аш го сакав това, уште од мајка ми покојна… Реков, идам да видам дали ги однеле или не. И, мислам дека сеа ќе видам празни греди. Ко’а, жими очи, не лажам, стојат моите пет кошници, ама на даскана стојат уше три. Се прекрстуам со лева и десна… Приоѓам… Пчелите се живи и здрави, влегуат и излегуат ‘ко да не е војна. Ги гледам трите, две работат. Ш’о е ова, мајку му стара, не можам да си дојдам на себе. Погледнуам поубаво, гледам дека това се моите три кошници ш’о стоева празни под сенарникот. E, брате мој, значи се роеле, а некои од нивниве ш’о се разбирале од пчели ми фатиле два роја, а празнава ја спремиле за роење. Не може да е некој од моиве, заш’о само јас иам пчели во Крпеж! Не можам да се изначудам! Се враќам у дворот, ѝ кажуем на баба ми, она не веруе, иде со мене зад шталата. Се крсти и она, стои и ги гледа седумте кошници ‘ко да ни се вратиле седум деца од далеку, од некоја неволја и мака. Ни се вратил некој ш’о сме го мислеле дека го спопаднала црна чоечка омраза и зло. Слушаме зборуење пред куќа, ние таму. Тоа идат офицерине и попишуваат на кој ш’о му е однесено, во ш’о состојба е куќата, шталата и другоно. Не им се жалам за куќата, ама одма им викам:

– Мене пчелите не ми ги однесова, ми фатиле уште две ш’о се изроива. Они малку чудно ме гледаат, гле’ам не веруат. Викам, ај по мене. Они таму, па не можат да се изначудат. Вика еден:

– Море, тоа они го спремиле за носење, ама не стигнале. Кај ќе остаат усташи нешто наше. А друг вика дека не е така. Вика, това бил пчелар ш’о ги поштуе пчелите и пчеларите. Си отидова карајќи се и натегајќи се кој е у право. Јас останав со моине пчели, ми дојде да ги гушнам, такво расположение ме фати. Им приоѓам, носат на ноџињата, не ме рецкаат. И двене нови. Викам, ш’о ја спремил третава, Боже мој? Ја кревам, на место да останам ако те лажам, оно под чадилкана и мојон шешир за пчели. А на чадилкана ливче: Овака пишуе: „Ти се роеше втората до шталата и последната, жолтата. Првата до шталата е доста јака и наскоро и таа ќе се рои.“ Нема потпис, само това.

Седам во тревата, па овака си мислам: не бева у право офицерине. Овде не бил ни усташ ни пчелар. Овде бил чоек, заш’о требало да ги зачува кошницине од будал’не. Бил овде херој, заш’о добро знам како тоа си оди со будалите. Се изнагле’ав ко’а нашите грабаат. Е, барем да можам да го видам тој чоек… А може ќе ме познае, може неко’аш ќе ми се јави ко’а ќе помине лудилово… и ко’а еден ден работничките ќе ги избркаат трутоине.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Милан Воркапиќ

Милан Воркапиќ е роден 1953 година во селото Тројврх, Општина Огулин, Хрватска. Завршил на Педагошкиот факултет во Ријека. Поради познатата ситуација, во 1991 година бил присилен да емигрира во Србија. Живее во Врњачка Бања, пензионер. Член е на Здружението на драмски писатели на Србија.

 

 

ažurirano: 28/09/21