Ернад Осмиќ

 

Излитените столови на домот на месната заедница не се излитени од расправи. Претседателот на месната заедница, потемнет маж во своите шеесетти, со крајот од својата карирана кошула си ја бришеше потта од челото.

„Од феферониве“, забележа, покажувајќи со прстот на чинијата пред себе. „Не смеам поради желудникот…“

Гласот му беше тежок, небаре ќе те повлече со себе во некоја темна длабочина ако доволно го слушаш.

На столовите околу неговата маса, некои случајни мажи (да ги опишам би било навреда за имагинацијата). Околу главата имаат чад од цигари. Некоја тромава музика од комуналниот разглас.

„Малиот на Пекиќ се откажа од веслање“, проговори некој.

Претседателот се намурти.

„Е?“, рече тој и во устата пикна цела феферонка. „Зошто?“

„Не го испратиле на натпреварување. Пекиќ се налутил. Му рекол да не оди повеќе.“

„Кој е таму? Во клубот?“

„Радиша, оној брат му на Радисављевиќ Бојан.“

„Инспекторот?“

„Аха, веројатно…“

„А, кого испратиле на натпреварување?“

„Е, тоа не знам.“

Претседателот го извади мобилниот од џебот и со малиот прст (зашто тој му беше најмалку мрсен) почна да бара нешто. Потоа го стави телефонот на увото, погледна во соговорникот и му намигна.

„Радо“, конечно му одекна гласот – како си ми?… Знаеш кој е?… добро е, еве. Поарно – здравје… слушај, само набрзинка… што е со Пекиќ?… добро… јасно… само двајца, значи… јасно… разбирам… што да правиш… ама, знам… така е како што е… те разбирам… така е тоа… не се секирај, затоа и те барам да проверам… татко му му рекол да не доаѓа повеќе… што да се прави… слушнав дека е добар, што да правиш кога татко му е кретен… ама, не… тој си тера своја приказна… многу се занесува… да си ми жив… важи… ајде…“, заврши Претседателот, ја прекина врската и го фрли мобилниот на масата. „Да ти ја ебам мајката четничка!“

„Што вели?“, праша некој.

„Местата веќе се пополнети. Не може да го уфрли.“

„Ги пикнале своите?“, праша друг.

„Го ставил малиот на Горан, оној што работи во суд“, кимна со главата. „Мислам… добро момче е. Сум чул дека е вреден, ама… до кога веќе?“

„Сѐ зазедоа!“, дофрли некој глас.

„Сѐ!“, потврди Претседателот и зеде чаша од масата. „Што ќе правиш…“

„Гадови.“

„Баш.“

„Жал ми е за Пекиќ.“

„Кој му е крив.“

„Ама, не таткото, туку синот.“

„Ех.“

„Кој е вториот?“

Настана молк.

„Што вториот?“

„Твојот рече дека имало две места…“, мажот со раката покажуваше на мобилниот на Претседателот.

„Како прво, тој не е никаков мој. Да ти биде јасно!“

„Добро, ете, што и да е“, одмавна мажот со раката. „Ти спомена второ место на натпреварувањето. Кого уште го ставиле?“

„Ти реков. Малиот на Горан.“

„Тоа знам. Уште кого?“

„Бешиќ Емир.“

Повторно молк. Овојпат потежок. На сите им беше јасно дека со споменувањето на Бешиќ приказната завршува. Претседателот на нивниот претседател, сепак, е преголем залак.

Мехо, кој цело време седеше некаде во ќошот покрај импровизираниот шанк и го пушеше својот виткан тутун, се фати со палецот за срце. Поточно, делот од градниот кош во кој секогаш ги чувствуваше зборовите што се воздржуваше да ги сподели со другите. Не беше сигурен дали е баш на срцето. Или малку погоре. Или малку подолу.

„Бешиќ го пикна својот, а Пекиќ кој го ебе?“, најпосле рече Мехо.

Другите го свртеа погледот кон него како тоа да им го наредил некој глас чиј звук не патува низ воздухот, туку по некој невидлив конец со кој сите меѓусебно се поврзани.

„Што треба тоа да значи, Мехага?“, се развика Претседателот.

„Тие го пикнаа својот преку ред, а тоа што ние сме наши, тоа не го гледаме“, продолжи Мехо.

„Никој не пикнал никого преку ред“, го поправи Претседателот. „Бешиќ Емир, колку што знам, е подобар од малиот Пекиќ.“

„Како знаеш?“, го праша Мехо.

„Знам затоа што знам“, заклучи Претседателот.

„Јас знам“, се надоврза Мехо неочекувано „дека Пекиќ ми рече оти малиот на Бешиќ еднаш доаѓа, еднаш не доаѓа на тренинг, а и кога ќе дојде, доаѓа мамурен.“

„Е, Мехага мој“, се насмеа Претседателот горчливо „тоа што го знаеш фино кажи му го на Претседателот кога ќе го видиш. А, и јас ќе му пренесам, не се секирај.“

„Слободно“, рече Мехо. „Пренеси сѐ. Кажи му и за тоа како премолчи за нашите, а не и за нивните.“

„Ти, Мехага, изгледа имаш некои нерешени проблеми со самиот себе?“

„Јас немам. Имаш ли ти?“, се обиде Мехага самоуверено да се насмее, но го издаде гласот, а телото му затрепери како во него да влезе нечиј студ. Претседателот го забележа ова.

„Мислам, Мехага, дали ни кажа сѐ што имаш да кажеш. Има ли уште?“

Гласот на Мехо стана тенок.

„Има“, рече тој во бестежинската состојба во која се најде. „Толку ги сакаш нашите и ги мразиш нивните, а кога и да имаш можност да ги туркаш нашите најдобри, ти ги туркаш нашите просечни.“

Претседателот сега се исправи на столот и концентрирано се обиде што побрзо да го изџвака она што го имаше во устата.

„Слушај, Мехага, како што веќе ти реков: ако имаш некој проблем со тоа како и што се спроведува и какви одлуки се донесуваат во партијата…“

„Странката“, го поправи еден од мажите од него.

„Странката“, се поправи Претседателот и благодарно му кимна со главата на оној што го поправи „фино оди на разговор кај Бешиќ и кажи му сѐ нему.“

Недовербата и молкот како тежок пердувест јорган легнаа врз целата просторија.

„Сите сте кукавици“, им се обрати сега Мехо на другите мажи во просторијата.

„Ајде, не сери веќе, Мехо“, довикна еден, на што и другите почнаа да негодуваат слично.

„Се убивте од зборување за нив и нас, а штом имате можност, им пукате на нашите во колено. Не можете да размислите подалеку од својата капија. Да сте навистина вситински, искрени националисти, тогаш барем би имале желба нашите добри да успеваат и би ги туркале најдобрите. Па, вашата ебана возвишена нација да напредува.“

Челото на Претседателот се зацрвени, што од фефероните, што од бес.

„Слушни ме сега добро, Мехага!“, му се закани Претседателот со прст и се исправи на нозе. „Ти и Пекиќ, кои мислите дека сте го собрале целиот памет на светот, фино фатете се под рака и марш во мајчина ви!

Просторијата одекна од последниве зборови и нивниот звук долго се задржа во воздухот.

Сите во тој миг беа подготвени да тргнат во вербален напад врз Мехо по својот претседател, меѓутоа она што настана по пцоста беше немил молк.

Мехо беше збунет. Впрочем, ја очекуваше пцоста. Очекуваше сѐ што слушна, но не можеше ни да насети што ќе излезе од устата на Претседателот.

Мажите околу него почнаа да шепотат и да мрморат. Еден загрижено го фати за рамото:

„Претседателе, добро ли си?“

„Секако дека сум добар. Ти добро ли си?!“, одмавна Претседателот. „Што ме гледате сите така. Што ви е?!

Еден маж му подаде чаша вода на Претседателот.

„Седи малку, полека…“

„Не сакам да седнам!“ одби Претседателот да ја земе чашата вода и дури тогаш ги здогледа погледите полни грижа помешана со разлутеност како се струполуваат врз него. „Што ме гледате сите. Не сум во право, а?! Мене ме гледате, а ајванов го браните сега? Така ли?

Мажите ги свртеа погледите едни од други. Мехо си ги собра мислите.

„Смири се, Претседателе“, рече Мехо и полека, како да ѝ приоѓа на некоја ранета ѕверка, тргна низ собата до масата. Претседателот и понатаму стоеше на нозе. Задишан. Црвен и крупен.

„Нема ти мене да ми кажуваш да се смирам“, се развика Претседателот и тргна со раката преку масата на Мехо. Овој не се сепна, туку дозволи Претседателот да го зграпчи за кошулата.

Штом го дофати, другите мажи го фатија него за рамената, го повлекоа назад на столот и го ослободија Мехо.

Задишан, Претседателот седеше на својот стол. Неговите бели дробови набиени од прејадување длабоко работеа: се креваа и се спуштаа како да сакаат да го фатат ритамот на срцето.

„Што се случува?“, праша исплашено.

„Не знам“, рече Мехо и со дланката почна да им дава знак на сите околу себе да се смират. „Напиј се вода. Полека.“

„Што нѐ боли кур дали е подобар?“, пресече еден глас, а другите се закачија на нејасните извици на одобрување, како кучиња што го следат првиот што ќе почне да завива на звукот на езанот.

„Пуштете ме“, извикна Претседателот кога повторно го зграпчија раце, но овојпат не за да го придржат, туку за да го подигнат од столот на кој седеше. „Пуштете ме, мајката ваша…

Последниот збор го прекина удар во главата. Па, уште еден. Претседателот падна на подот, а мажите, како мршојадци на свежо умрен труп од животно, се втурнаа врз неговото тело, удирајќи го со нозете и со рацете, кој како ќе стигнеше.

Мехо вкочането стоеше настрана. За миг помисли да застане помеѓу толпата и Претседателот: да се фрли врз нив и со своето тело да го одбрани неговото, но стравот најпосле го совлада и нозете – како да управува со нив не тој, туку нешто посилно од него – почнаа да чекорат своеволно кон влезната врата.

И, додека така минуваше незабележливо до излезот, успеа само под око да го види склопченото тело на Претседателот, кој со главата забодена длабоко во својот скут се обиде како новороденче со липање да се одржи во живот.

Дури на двесте чекори од домот на месната заедница, кога Мехо се оддалечуваше свртувајќи се параноично постојано во нејзин правец, замре врескањето и вревата. Се изгуби во сиромашното осветлување на селската улица и се стопи со мракот, кој никогаш не го издаде кога требаше да најде засолниште од оние за кои го тераа да ги вика свои.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

 

  Ернад Осмиќ

Ернад Осмиќ е роден 1989 година во Брчко. Од 1992 до 1999 година живеел во Хамбург. По враќањето во Босна и Херцеговина, во Брчко завршува гимназија, а 2012 година студии по босански јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Тузла. Во 2014 година станува магистер во областа. Објавил две книги поезија: "Инаетот на јазикот" (2016) и "Босански робот" (2018). Работи како наставник по Босански јазик и книжевност во Брчко.

 

 

ažurirano: 07/03/23