Никола Николиќ

 

 

Сега Шломо е сам и чека во мракот.

На почетокот ги имаше десетмина. Дојдоа во колона низ празната канализациска цевка. На крајот од патот им се испречи пластичен поклопец. Го гризеа на смени, сѐ додека не попушти и не отскокна со тресок во темната утроба на подрумот. Навалија наслепо, еден по друг, гребејќи со канџите по парче лим, којшто беше подиум за нивниот освојувачки танц. Тогаш првпат ги зачу.

Ќе почнеше доцна навечер, кога ќе стивнеше уличната врева под прозорецот. Таа лежеше во мракот и наслушуваше. Негде одозгора допираше шушкањето што се пренесуваше низ ѕидовите. Како прачките заробени во чатмата да добија глас. Се ширеше насекаде околу неа, плетејќи невидлива мрежа. Скаменета, покриена до брадата, на Ханифа ѝ се чинеше дека куќата нешто ѝ шепоти.

По неколку дена одлучи да слезе. Чекорите по дрвените скалила оставаа чкриплив звук. Ја најавија и им овозможија да се извлечат навреме. Кога ја отвори вратата, од темницата ја удри смрдеа. Ја оставил зад себе некој што тукушто се повлекол. Мораше да зачекори наназад за да не падне во несвест. Држејќи се за вратникот вдиша неколкупати и брзо го напипка прекинувачот.

Светилката само малку го разреди мракот, ама доволно за да види што сакаше: работите лежеа расфрлани по подот, којшто се белееше од истуреното брашно. Секаде се гледаа трагите од натрапникот. Ситни шари по белината што цртаат патеки, кружат, се претопуваат, се прекинуваат. Како брашното да се истурало низ некакво огромно, неправилно издупчено сито. Очите привикнати на темнината можеа да видат и стотина долгнавести зрна измет расфрлани на сите страни. Се трупаа колку што одеа подлабоко во темнината. Ги следеше со погледот сѐ додека не здогледа рој светлечки точкички. Право кон неа ги фрлаа одблесоците од светилките. Не знаеше дали се навистина толку ситни, или премногу се оддалечени: само беше сигурна дека се тоа очи, живи, уплашени, бесни.

Деновите и ноќите им се завртеа во спирала без дно. Назад не можеа, зашто на местото на поклопецот сега имаше нешто многу потврдо. Па одникаде се појави кафез и во него големо парче месо. Кружеа наоколу како во обред, плашејќи се да допрат во неговата света внатрешност. По некое време веќе немаа избор. Снема храна и најхрабриот меѓу нив одлучи да влезе. Внимателно зачекори преку жичениот праг, пријде до месото, го подушка. Слушајќи го првиот залак, по него влегоа следните двајца. Другите чекаа пред влезот затоа што просторот беше мал да прими барем уште едно изгладнето ноже.

Сноп светлина, панично бегство; од оние што се гостеа нагло ги отсече метална преграда. Тројцата останаа заробени. Збиени, отапени од ситоста, неподвижно ги набљудуваа две крупни очи од другата страна на решетката. Не беа кадарни ни за страв ни за бес. Тогаш ја запознаа Ханифа. Тогаш таа во нив ги виде тројцата специјалци што една ноќ упаднаа во куќата и ѝ го одведоа синот, под обвинение дека подготвува востание. Ги виде повторно оние тесни, прикриени лица и пакосните зеници.

Јехуда, Ури, Шломо, шепна тогаш, обележувајќи ги со показалецот секого одделно, а потоа си замина.

Тие наоколу оттогаш не се доближуваа до кафезот. Уживаа во благодатта што секојдневно им се служеше. Ханифа остана сама, нејзе малку ѝ требаше. Еднаш дневно, обично по вечерата, доаѓаше до дното на скалите и оттаму им фрлаше отпадоци. Веќе не бегаа од звукот на вратата: ѝ се јавуваа со благодарно пискање. Навикнаа на дневната доза, престанаа да буричкаат по работите. Едно уживање раѓаше друго. Ханифа ја заспиваше нивното сладострасно цивкање, кое низ акустиката на прачките патуваше од подрумот до спалната соба.

А во кафезот за тоа време се кроеше нивната судбина. Тројцата заробеници со денови живееја од веќе сварените резерви. Лежеа еден крај друг, допирајќи се со колковите. Ури беше во средина. Омалаксан од глад, не можеше да се помести. Му фалеше сила да ги оттурне телата што го притискаа од обете страни. Опашот немоќно му се обвиваше околу жиците на решетката. Муцката пулсираше во обид да се надушка нешто друго освен лошиот здив на смртно изгладнетите сопатници. На крајот им се препушти. Тоа беше олеснување, а не болка. Дојде спасот кога Шломо со последните напори му ги зари песјаците во вратот.

За него и за Јехуда почна златната доба. Храната потраја братски, ама кога се прикажаа изглоданите коски, во погледите што секаа преку остатоците на Ури се јави некој променет израз. За одлучувачката битка требаше прилично снага и Шломо одлучи прв да тргне. Овој пат без туѓа помош. Се чувствуваше доволно снажен за во неколку потези да заврши со својот несуден крвник. Сега е голем, јак и немирен. Во него има уште двајца, а околу него простор за уште двајца. Порасна, ги изостри сетилата. Можеше да надушка секого од движењата што мрзливо го обвиваа. За нив тој веќе не постоеше. Опиени од изобилство, брзо го сместија во заборав.

Кога Ханифа повторно го отвори кафезот, припитомените стаорци ќе го запознаат својот џелат. Ќе ги потамани еден по еден, веднаш еден по друг, за да не си одгледа случајно себеси противник. Сега му треба нешто повеќе. Сега Шломо е сам, полн братско месо и подготвен.

Ханифа ја зема пушката и слегува во подрумот, во мракот што чкрта со забите.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Никола Николиќ

Никола Николиќ е роден 1989 година во Подгорица. Завршил на Факултетот за политички науки и одбранил магистерска теза за квислиншките режими. Ги објавил романите "Јазол" ("Čvor", 2011), "Меандер" ("Meandar", 2014) и "Сирени за тревога" ("Sirene uzbunu", 2019), како и збирката раскази "Атакама" ("Atakama", 2016). Раскази објавува во црногорски и во регионални списанија. Пишува книжевна критика. Добитник е на наградата „Bihorska Venera“ за краток расказ. Расказите му се преведувани на албански, германски и англиски јазик. Уметнички директор е на Меѓународниот саем на книгата и образованието во Подгорица.
Контакт: nikolic.gianni@gmail.com

 

 

ažurirano: 15/09/21