Далип Џ. Гаши
Пред големите разурнувања се случуваат масовни, но неорганизирани самоубиства. Секој дел од животот ја имаше изгубено смислата! Луѓето зборуваа сами со себе и беа затворени во себе, сосе своите пресметки. Само мал дел револуционери и дисиденти ја одржуваа виталноста и се залагаа да докажат дека животот ја зачувал својата смисла и дека и така можело да се продолжи со убедувањето дека луѓето кога-тогаш ќе му се вратат на општеството. Сѐ беше опфатено со внатрешен оган и се очекуваше да излезе на површина со душевни изблици. Интелигенцијата го имаше достигнато врвот, иако и тие бебиња што се раѓаа, со текот на времето стануваа сѐ полоши и се изолираа како нивните претходници!
Не помина многу време и започнаа големите закани од Регионите во опасност. Никогаш не се откри кој ја фрли првата бомба, но едно нешто се знаеше уште од самиот зачеток: таа бомба беше фрлена по желба на Дедото, иако ги доведуваше во опасност животите на милијарда синови низ рамките на постоењето. Еден од тие животи во опасност беше и тој на Таткото, жив бил, но Дедото беше решителен! Кога пукна првата бомба, им ги олупи ѕидовите и сите кои се наоѓаа во Последниот Регион ги срамни со нивото на морето. Околниот Регион и дел од Последниот Регион, кој не беше уништен, тешко беа погодени од радиоактивноста и топлиот бран на големата експлозија, што подоцна резултираше со гама-зраци. Голем дел умре само од детонацијата, друг дел од топлината на атомските плазми, а најнапатениот дел беше тој со луѓето кои преживеаја и доживеаја полуопекотини, кои резултираа со тешки странични ефекти! Последната Зона, тој ден, беше во длабока секојдневна монотонија и првиот ефект кој доведе до тоа да разберат дека нешто се случува со тие дебели суштества беше уништувањето на технологијата и самоодбранбените автоматски радари од еден електромагнетен бран, со невидена сила дотогаш!
По многу месеци изолација по тие студени места, збогатени со монитори со напредна технологија, тие дебели суштества излегоа демонстративно по улиците, тешко влечејќи ги изморените нозе, ненавикнати на реалните терени, каде што ги дочека неочекуваното! Од топлиот бран на првата атомска експлозија, многумина од нив се стопија на место! Едно големо светло и голем врел бран жестоко се раширија, носејќи сѐ пред себе и топејќи и дел од земјата под дебелиот бетон, која се таложела со години! Последниот Регион беше срамнет. Веднаш по првата експлозија, сите региони беа алармирани и упатија барање за итен состанок! Требаше да се најде причината и виновникот за хаосот во кој се урна сѐ изградено со години наназад!
Некој не сакајќи го спомна Дедото и сѐ беше излезено од контрола! Сите региони го напуштија состанокот заканувајќи се едни на други и, по кратко време, наместо товарот со итна помош за Последниот Регион, по улиците на сите региони почнаа плановите за евакуација и насекаде се гледаа подготовките на воените сили за силни бомбардирања. После неколку часа, сите региони се пеплосаа! Епицентарот на експлозиите и самоексплозивните нуклеарни оружја низ регионите создаваа форми на гигантски печурки и рушеа сѐ што се наоѓаше во нивниот радиус! По некое време, останаа многу малку луѓе и опасноста од целосно истребување беше поблиску од кога и да е! Сѐ беше уништено и пред сѐ беше очигледен недостигот од енергија и големите откритија! За кратко време животот доби сосема друга смисла, не постоеше големата планета, светите книги и воопшто не се приметуваше недостигот од тој некаков си злокобен факт! Само маклу време недостасуваше и животот да ја загуби дотогашната смисла! Започна една борба за опстанок и лично преживување… Сѐ беше очекувано! Насекаде се гледаа жртви без делови од телото, преполовени, и суштества во маки кои се прпелкаа во најтешките мигови на нивното постоење! Сѐ наоколу се наполни со радиоактивност и сѐ смрдеше на смрт и исчезнување!
По еден подолг период, тие суштества во мака се собираа со желба да ја почувствуваат за последен пат топлината на дружењето со нивниот вид и умираа плашејќи се дека од ден на ден одат кон исчезнување и дека ќе нема иднина! Таа иднина која беше станала толку важна не се гледаше ниту физички, никогаш не се забележуваше дали е ден или ноќ! Силните радиоактивни врнежи валкаа сѐ и им ги правеа уште потешки последните денови на постоење и на тие малку суштества кои го преживеаја големото истребување! Во секој бомбардиран регион имаше по малку преживеани!
Иако претходно се правеа подготовки за такви денови, атомските напади беа отидени подалеку од очекувањата! Светлото беше спречено од црните врнежи и црните ацидни врнежи ги убиваа и тие малку растенија останати во темнината. Од сите региони, три планински масиви се спасија од инфицирањето од радиоактивноста! Планините На Надежта, главно од гранитни карпи, ги извишуваа главите над црниот радиоактивен облак и постојано се бореа со истенчениот озонски слој и природно им се потчинуваа на природните процеси. Само што се прошири веста дека тие суштества во мака го фатиле патот за Планините На Надежта. Болно изгледаше надежта на луѓето да го преживеат овој хаос. Мнозинството од нив беа изгорени и пеплосани во најголемиот дел од телото. Ужасно изгледаа раните од кои течеше гној, а реата брзо се ширеше! Првпат се користеше генијалната интелигенција, која беше молчелива меѓу луѓето и со комбинаторика, од потребата за живот, започнаа да се користат народните лекови и од ден на ден се ставаа во опасност Планините На Надежта! Вака решија: тие што беа безнадежни за лекување, требаше да се саможртвуваат и да се симнат под црните радиоактивни облаци и машки да ја почнат борбата за живот! Добар дел од нив појде веднаш, а друг дел го одби едностраното барање на тие кои беа помалку погодени од радиоактивноста. Одненадеж започна ужасна војна; малкуте преживеани трупи започнаа да војуваат убивајќи се и закрвавувајќи се меѓусебно со нокти и заби! Се закрвавија и се засмрдеа Планините На Надежта, а радиоактивниот дожд беше поприсутен од тој мирис и таа крв, кои ја доведоа таа неизлечива болест. Од еден бел облак над Планините На Надежта започна да врне дожд, кој почна да ги чисти крвта и гнојот, кои се наоѓаа насекаде! Луѓе со изморени души чудно гледаа кон небото и отворено покажуваа знаци на масовно лудило од мирисот на крвта и гнојот помешан со дождот и се молеа да врнат и поголеми дождови! Отако престанаа врнежите, се појавија старите Планини На Надежта, со сите секојдневни и природни процеси и се појави капка надеж дека некој ќе го преживее тој ужас!
Беше потребно долго време, исполнето со ужас и страв, со мирисот на гној и крв, за да се надмине тоа време, непосакувано за сите! Дојде времето на зачетокот и на студот кога се појави потребата од самоосвестување и опстанок! Проблемите беа речиси исти! Минаа цели генерации и деформациите немаа крај! Секакви суштества се наоѓаа по големите корпи на индустриските печки кои се изградија по Атомската војна! Времето на несаканата Атомска војна се избриша од сеќавањето и никој точно не знаеше зошто се случуваат тие деформации, од каде им беше потеклото и како започна сѐ! Започнаа психички болести и од потребата за живот и да се започне од почеток, се изгуби зачетокот и немаше друг доказ за Атомската војна, освен кратерите кои останаа на површината на некогашните Региони. Од времето на војната и многу години подоцна не се подготви ниту еден Голем план и никогаш се немаше појавено толку апсурдна потреба! Ликовите се изгубија како никогаш да не постоеле. Одбранбените слоеви на атмосферата премногу се истенчија и од време на време се случуваа удари кои ги ужаснуваа сите жители на новите региони. Гама-зраците длабоко продираа низ зоните на опстојувањето и причинуваа тумори во болните мозоци на овој опстанок!
Беше потребно долго време, многу долго време за да започне лечењето на семето на бедата, за која никој не знаеше од каде потекнува! Таквата потреба ги спои сите уште еднаш!
Превод: Крешник Ајдини
* Варг е Ви – на алб. јаз. Varg(e)vi е кованица на авторот со значење: Varg – редица, колона; e – и; Vi – произлегува од vizë – црта или vij – доаѓам.
Далип Џ. Гаши
Далип Џ. Гаши е роден во Крушец, Скендерај. Факултетот за општа и компаративна книжевност го заврши на Универзитетот во Приштина. Моментално е на постдипломски студии. Тој е основач и раководител на Издавачката куќа „неоКУЛТУРА“. Пишува проза, а овој расказ е прв кој му се објавува.
ažurirano: 01/02/20