Благица Ѓорѓиевска

 

Так, так, так, чукаа дрвените налани. Брзо, брзо, побрзо. Так, так по камениот пат нагоре до нивната куќа. Так, так чука срцето посилно од дрвените налани. Ене, онде, уште малку, ја гледам високата бела авлија, дрвената порта. Уште еден чекор или можеби уште илјада. Не беше сигурна Милана уште колку чекори треба да направи до портата. Чук-наланите, чук-срцето.

„Само уште малку, да стасам и сè ќе ѝ кажам, ќе ѝ речам… што ли ќе ѝ речам? Нермина, душо моја!“

Застана Милана на чекор од портата зад која живееја луѓето кои беа нејзиното второ семејство. Чичко Адем, тетка Алма, Нермина и кој друг? Леле, и Саид кој го нема повеќе. Саид со русото перче на челото, со кого се гордееше Милана како да е нејзин постар брат.

Тато Милош кога бевме мали на мама Ела ѝ рече, да така рече: „Ело, Адем ми е како брат, да го викнеме на слава со семејството.“ Мама Ела се израдува, таа и тетка Алма беа како сестри. А јас, јас сама една на мајка и татко, јас ги имав Саид и Нермина како брат и сестра.

Ама како, како да ѝ речам: „Нермина, душо моја, прости! Прости!“

Тато Милош рече дека Саид е добро момче и дека оди по добар пат.

Так, так, градите ќе распрснат! Чукањето со дрвените налани престана. Милана седеше на земја на чекор од куќата. Ама чукањето на срцето не престануваше.

Тато рече дека лошо е во градот, рече: „Внимавајте каде одите и што правите, со кого се дружите.“ И чичко Адем рече: „Пазете се, лоши луѓе ни ги растураат гнездата.“

Гнездата наши? Тато и чичко Адем седеа ѝ пиеја кафе, слушаа вести на телевизија и разговараа. Загрижено. Исплашено. Вознемирено.

Саид повремено слегуваше во градот. Беше исплашен, сè помалку зборуваше. Тато и мама шепотеа, да, ги слушнав, велеа: „Саид некаде да го сокријат, да го засолнат.“ Зошто?

Снагата ја издаваше. Прилегна под дрвото пред портата. Ги собу дрвените налани што ѝ ги изделка чичко Адем. За првпат во животот ѝ беа тешки. Ги собу и ги остави покрај себе. Прилегна под дрвото пред портата. Не можеше да се сети какво дрво беше тоа, а безброј пати ги нишаа нозете седнати на некоја гранка заедно со Нермина и Саид. Можеби беше јаболкница? Можеби.

Тато рече дека убиле некој човек. Муслиман. Не знае точно што се случило. После некој со шепот кажа дека убиле некој од нашите. Од нашите? А кои се наши? Нермина и Адем не се наши? Так, так, так, срцето сакаше да излезе и да прилегне до неа под дрвото.

Саид доаѓаше исто како порано. Само повеќе не се смееше. Беше сериозен и со тато сериозно разговараа. Само еднаш тивок збор допре до наострените уши, рече: „Ќе ве штитам колку можам.“ Саид да нè штити? Од кого, од што? Тато го прегрна, сакав и јас да го прегрнам, ама тато ќе видеше дека сум сокриена зад високото буре во дворот.

Так, так, так, ќе излезе срцето надвор, готово не можам повеќе да го држам, само да ја видам Нермина, да ѝ кажам, леле, да ѝ речам: „Прости, Нермина, душо моја.“

Тато донесе пушка. Ја видов кога ја донесе. Ја завитка, ја сокри, ама јас ја видов, зашто и јас бев сокриена.

Сенки околу куќата, вртеа околу дворот, тато наслушнуваше и не смеевме надвор да излеземе. И чичко Адем поретко доаѓаше. Само Саид се прикрадуваше и влегуваше од задната страна на дворот. Со тато разговараа и на крај се прегрнуваа, и Саид тивко заминуваше. И јас сакав да го прегрнам Саид, ама јас секогаш бев некаде сокриена од очите на тато.

Саид рече, да, така рече, да внимаваме следните неколку дена, и пак рече дека ќе внимава на нас. Тато го прегрна, и Саид си замина.

Неколку дена бесшумни сенки вртеа околу дворот. Саид не доаѓаше. Ние само молчевме. Истрел, силен истрел ни ја распара душата. Тато истрча, ја зеде пушката, излета надвор. Пак се слушаа истрели. Дали и тато пукаше?

Со раце ги затворив ушите и клекнав под прозорецот. Земјата се тресеше.

Тато влета во собата, рече пукал во сенките околу дворот. Ама нели сенката е од човек, нема сенка без човек, тато пукал во човек. Се стиши. Сосема се стиши. Тишината беше пострашна од пукањето. Времето бавно течеше. Седевме и чекавме. Тропна портата, тато истрча надвор. Чичко Адем со раширени раце, во дворот. Тато му истрча во пресрет. Го прегрна, ама тој падна на коленици во дворот и зарипнато викаше, да, викаше: „Саид, Саид, сине мој.“ Тато со неверица го гледаше. Па тато пукаше во сенките, не пукаше во Саид. Саид беше тука да ги заштити, зашто и тој мораше да биде сенка!

Чукањето на срцето се намали, како да се предомисли, како да му се нажали за Милана. Тивко, тивко го одржуваше во живот слабото тело на Милана спружено под дрвото покрај портата со висока авлија. Можеби и премногу тивко за да може да живее. Устата ѝ беше подотворена и на неа беше обликуван зборот „Простете“. „Прости Нермина, душо моја, другарке најмила, сестро најдрага!“

Сонцето заоѓаше, тивко ветре поддувнуваше, лисјата на дрвото, кое можеби беше јаболкница, зашумеа. Сè беше тивко, мирно и заспано. Скрцка портата, некој ја провре главата низ малиот отвор. Силен писок, продорен писок ја распара тишината распослана наоколу.

„Тато, пискаше Нермина, тато, татооооооооо!“

Адем со бавен чекор излезе низ портата. Пред нозете му лежеше милото девојче, неговата втора ќерка Милана. Клекна покрај безживотното тело на саканото девојче и заплака громко, таговно и громко. Од плачот на овој човек кој ја немаше доисплакано смртта на неговиот Саид, се тресеа планините, од корен се корнеа дрвјата, виеше пес во него. Со крајчето на окото погледна во момето што лежеше пред неговата порта. На нејзините усни имаше напишан некој збор. Клекна за подобро да прочита. Пишуваше – простете.

На своите силни раце го подигна девојчето, го приви на своите гради и тргна кон куќата што ја сметаше за свој втор дом. По него како свечена придружба тргнаа неговата жена Алма и Нермина. Алма посилно ја заврза долгата шамија, како да сакаше да се удави во нејзината обвивка. Нермина немо ги следеше. Сите чувства како да ја напуштија, не можеше ни да плаче ни да тагува. Само низ усните ѝ се плеткаа неколку зборови кои не можеше да ги состави во реченица. Нешто како „Милана, душо моја“.

Пред вратата на Милош и Ела се собрал многу народ. Од каде ли дојдоа сите овие луѓе? Како разбраа? Адем уште не се решаваше да го предаде телото во раширените раце на Милош. Ја стискаше Милана до срцето. Народот полека се приближуваше до нив. Се направи круг, кругот од луѓе сè повеќе се стеснуваше. Се приближуваа полека со неизвесно расположение на нивните лица. Адем и Милош се погледнаа. Ги сплотија рацете и направија постела од раце за Милана. Вознемирено погледнуваа наоколу. Луѓето сè повеќе се приближуваа. Никој не знаеше што ќе се случи.

Адем и Милош сосема се приближија еден кон друг. Во средината го држеа телото на Милана. Алма, Ела и Нермина направија круг со раширени раце околу нив. Кругот од луѓе сосема се стесни. Луѓе измешани, од едните и од другите. Ги раширија рацете. Го прегрнаа кругот од двете семејства, направија голем круг, едно ново големо семејство. Како големо силно срце со правилен ритам,  со исправна љубов. Милана, душо моја!

 

 

  Благица Ѓорѓиевска

Благица Ѓорѓиевска е родена на 14. 2. 1960. г., во Прилеп. Дипломирана економистка - комерцијалистка на Економскиот факултет во Прилеп. Тековно работи како сметководителка во сметководствено биро во Прилеп. Воедно е сопруга и мајка. Пишува поезија, кратки раскази, а во тек подготвува и роман. Досега нема издадено самостојна книга, но има објавено поезија во „Стремеж“, списание за култура од Прилеп. Како редовна учесничка на „Поетско Маркукуле“ во Прилеп нејзините песни се објавени во зборникот од манифестацијата. Два пати има добиено прво место на конкурс објавен од страна на МРТ Скопје на ниво на Македонија. Контакт: bgjorgievska@yahoo.com

 

 

ažurirano: 01/02/20