Арсим Јонузи
… така, синко, треба да бидеш голем човек – му рече дедо Сабри.
– Но јас сум сѐ уште мал, дедо. Имам само 14 години – му возврати Шпресим.
– Не, Шпресим – веднаш го поправи дедо му. – Големината не се мери со возраста. Големината е врзана за срцето, не со поминатиот календар. Јас верувам дека ти имаш големо срце, како што има и мајка ти. Таа ми кажа дека сношти малку сте разговарале за татко ти.
– Да, дедо. Ми го кажа целиот настан, по првпат ми кажа сѐ, без да крати – се подготви Шпресим, се сврте кон дедо му и се замисли како да почне.
Дедото Сабри го облеа пот и го фати треска. Ќе ја слуша приказната која тој самиот ја преживеал. Тоа го правеше за да види каде се наоѓа неговиот внук во однос на загинувањето на татка си.
– Вчера ми беше роденден – почна Шпресим – и ти, дедо, знаеш дека јас се родив на 10-ти април. Ми се чини дека си заборавил, како и секогаш.
– Ах, синко мој! – воздивна старецот. – Но ти знаеш, синко, јас сум стар и ти се колнам дека и мојот роденден сум го заборавил. Ха, ха, ха – се насмеа со четврт уста старецот.
– Како да го заборавам твојот роденден, синко – рече во себе старецот – кога 10-ти април е датумот на смртта на мојот син?!
Тогаш дојде веста дека Шпат Сабри Рамадани загина во селото Кала, во околината на Карадак. Кога ја слушна веста, на сопругата на Шпат, Фатиме, која беше бремена, ѝ пукна воденикот и го доведе на овој свет сега четиринаесетгодишниот син. Кога бабиците ѝ го донесоа да го држи на дојка по првпат, ѝ рекоа: „Господ ти ја зеде надежта дека ќе се врати маж ти, но ти го даде ова светло, другата надеж.“ А таа, од оваа причина, го нарече Шпресим[1].
– Мајка ми ми кажа дека истиот ден починал татко ми – продолжи Шпресим.
– Аха – изусти старецот, правејќи се дека заборавил.
– Ми кажа дека загинал во воениот конфликт со Македонците. И истиот ден сум се родил јас. Каква случајност, нели, дедо? – рече натажениот Шпресим.
– Случајност, синко, вистинска случајност – му возврати шепотејќи дедото.
– Зошто Македонците го убиле татко ми, дедо? Што им направил? – праша со радозналост Шпресим.
Тука Сабри разбра дека мајка му на Шпресим, сепак, не му кажала сѐ во врска со смртта на татко му. Како да се плашела дека Шпресим повеќе нема да се дружи со Зоран, првиот сосед и другар на Шпресим, со кој се здружил кога се преселил в град, во Нова.
– Беше тоа време на војна, мил мој Шпресим! – му рече дедо му за да го смири внукот и за да направи да го разбере ова еднаш засекогаш. – Во време на војна крвта зоврива, а кога се случува тоа, паѓаат вредностите на компромисот, на причината, разбирањето и толеранцијата.
– Кх, кх! – го прочисти грлото Сабри за да продолжи со голема внимателност за тоа што го советува внукот. Го тераше кон тоа да не се омаловажува себеси, но и да не го поттикне да го повтори времето.
– Сите, секој човек или група луѓе – народи или држави имаат свои идеали, Шпресим. Секој мисли дека своите идеали се најсвети, најсовршени, најчесни, највистинити, најправедни. Војните, ако треба да се случат, не треба да се повторат. Секогаш треба да има љубов по омразата, а по љубовта не треба да има друго! Ова запамти го! – му се обрати со кренати веѓи дедо му.
– Да, да, дедо, те слушам – му возврати со голема сериозност Шпресим.
– Цивилизациите се градат со децении и векови, но се растураат за два-три дена. Ова е дефиницијата на војната, мил мој Цим – како да сакаше да го заврши разговорот старецот.
– Ах, дедо, колку ми се допаѓа кога ме викаш Цим – му рече Шпресим и му се фрли во прегратка на дедо му.
– Ха, ха – се насмеа старецот. – Јас сум стар и од ден на ден сум сѐ послаб. Еден ден ќе умрам и сакам да ми дадеш беса дека засекогаш ќе останеш добро момче. Ќе се грижиш за себе пред сѐ, потоа за мајка ти и ќе се однесуваш добро со соседите и другарите. Утре, кога ќе се вработиш, со колегите, значи со сите.
– Ти давам беса, дедо – му рече Шпресим. Го прегрна уште еднаш дедо му и се бакнаа меѓусебе во чело.
– Цимо, ќе дојдеш да играме со топка? – го покани одеднаш Зоран од врата, обраќајќи му се на албански.
– Да, Зоки, одма доаѓам – му одговори Шпресим на Зоран на македонски.
– Ауу, другар ти Зоки зборува албански? – праша зачуден старецот.
– Да, дедо – му одговори Шпресим. – Не сум ти кажал дека одиме во исто училиште по граѓанско образование?
– Не. Како се вика училиштето и што ве учат? – праша дедото.
– Дедо, училиштето се вика „Панбалканика“ и се бави со учење на балканските јазици, со културата на балканските народи и заедничките нешта што ги имаат – заврши Шпресим, читајќи го пропагандниот материјал на училиштето. И како начело ни е секој да зборува на јазикот на другиот, за што подобро да го научиме јазикот.
– Убаво, Шпресим, убаво! – му одговори дедо му. Образувајте се! Образувајте се правилно! Образувајте се граѓански! Образувајте се за да бидете големи, како што ти реков пред малку. За да гледате нанапред. За да не заборавиш кој си бил, но и кој сакаш да бидеш!
– Да, дедо – му рече Шпресим и му посака убав ден.
– Убав ден! – му рече дедо му.
– Ајде, Зоки! – викна Шпресим.
– Еве, доаѓам – му одговори Зоран на албански.
Превод: Крешник Ајдини
[1] Шпресим (Shpresë – алб. јаз.) – надеж
Арсим Јонузи
Арсим Јонузи е роден на 20 јули 1989 година во Куманово, Македонија. Основно и средно образование завршил во родниот град, а додипломските студии во Скопје, област филологија. Сега е на постдипломски студии, област – применета јазичност. Се бави со проза, поезија, изреки, проекти и преводи. До сега објавил две авторски и неколку други преведени дела. Блогот на кој го објавува сето свое авторско и преведувачко творештво е www.ajoni.net
ažurirano: 01/02/20