Габриел Делиќ

 

 

„Па тука беше.“

„Да, точно тука.“

„Тука… тука беше.“ Јосип Рупчиќ гледаше во зеленчуковата градина каде што некогаш стоеше неговата родна куќа. „Што се случило?“

„А што да се случи. Падна граната и готово“, објасни Милан Радовчиќ. „Не помина ни една година откако заминавте. Го гранатираа Осиек и некој веројатно погрешно ги прочитал координатите и еби му мајката. Една единствена падна тој месец. И еби му мајката.“

„Каде баш на мојата? Ц-ц-ц“, ц’цкаше Јосип Рупчиќ со јазикот. „А што ќе правам сега?“

„Ништо, драг мој, ќе бидеш кај мене додека не се снајдеш. Ситуацијата не е баш згодна.“

„Не е. Не е ни малку.“ Јосип уште еднаш погледна кон доматите, краставиците и тиквите кои растеа на местото каде што некогаш живееше. „Ама, не можам кај вас. Ќе ви пречам. Петмина сте, гужва е тоа.“

„Шестмина. Добив син, има пет години“, се пофали Милан.

„Е, секоја чест!“ му ја стисна Јосип раката на својот сосед.

„Немој да зборуваш глупости. Ќе бидеш кај нас додека не застанеш на нозе.“ Милан топло му се насмевна на својот сосед.

„Ти благодарам, пријателе. Туку, какви ти се доматите?“

„Ух, да не ти кажувам. Ќе пробаш. Иванка работи вечерва. Има и краставици, знаеш какви, олкави“, одмери Милан со раката.

„Какви ти се тиквите?“

„Тоа не се тикви.“

„Туку што се?“

„Патлиџани.“

„Патлиџани?“

„Богами, исти ко тиква.“

„Ама ајде, батали го тоа. Одиме до Ѕвезда, да се напиеме ракија.“

„Каде е тоа?“

„Тоа ти е Петокрака, само повеќе не е згодно да се вика така. Рајко ја преименува уште во ʼ91, штом почна пукањето.“

„Да, не е згодно.“ Седнаа во Милановиот голф 3. Моторот забрмче и полека тргнаа избегнувајќи ги дупките на асфалтот. Милан стави касета со народна музика. „Шемса Суљаковиќ и Јужни ветар“, забележа Јосип. Ја заобиколија запрежната кола што се влечеше до работ на патот.

„Уште се слуша ова?“, запраша Јосип.

„Ова, пријателе, ќе се слуша и на Марс. Да видиш што прават во Ѕвезда кога ќе почне Јави се, истерај ја тагата. Летаат чаши, пепелници, шишиња. Врескање, плачење, хаос.“

„И не им пречи таквата музика?“

„Зошто би им пречела.“

„Прашувам зашто имаше еден горе со мене во Германија, Стипе од Имотски, беше, знаеш, вистински Хрват. Ги следеше вестите од војната и сето тоа. Тој не даваше никому да пушта српски песни. Па си мислев…“

„Такви се и овие. Големи Хрвати, ама кога ќе се напијат, се знае што се слуша.“ Остатокот од патот го премолчија. Милан остарел, забележа Јосип. Косата му се проретчила, лицето му се исушило, челлото му се избраздило, а брадата што некогаш беше црна сега имаше боја на сол и црн пипер. И него Германија го промени. Поминаа десет години. Тие години не ги помина во шетање и излежување. Го остави ʼрбетот на градилиштето на Швабите. Наутро тешко стануваше од кревет, рацете му се стврднаа, видот му се влоши. Поминуваа покрај куќите украсени со дупки од куршуми, покрај црковната кула накитена со скелиња и портокалова мрежа. Поминаа покрај куќата на баба Стана и нејзините снаи, кои седејќи на терасата чистеа грашок, со глави завиени во црни шамии. Пред дуќанот во селото некои мажи, непознати на Јосип, седеа на гајби, накреваа пивски шишиња. Пред зградата на општината сега гордо се виореше хрватско знаме.

Се паркираа пред Ѕвезда. Гостилницата не се променила во овие десет години. Единствено нов беше знакот со името. Стопати лакираните дрвени прозорци сѐ уште беа таму, како и вратата избледена од ударите на илјадници дождови. Зелената тенда сѐ уште стоеше, но сега беше закрпена со леплива лента. Јосип и Милан влегоа внатре и од вратата ги заплисна мирисот на чад и на минатите времиња. Гостите ја свртеа главата во насока на дојденецот и малку неволно станаа и му ја стиснаа раката на Јосип. Промрмореа зборови за добредојде, како и зборови на сочувство.

„Добре дојде назад!“

„Леле, Јопа, воопшто не си остарел.“

„Не е Германија како што зборуваат, а?“

„Жал ми е, ебаго, таа беше добра жена.“

„Рајко, дај му на Јосип што пие.“

Милан и Јосип седнаа на масата, подалеку од старите пријатели. Милан запали цигара и му понуди една на Јосип, кој ја одби. Рајко им донесе по една ракија.

„Убаво е што те гледам, Јозо. Жал ми е за Марија. Штета. Млада беше.“

„Фала, Рајко.“ Јосип кисело го прими сочувството по којзнае кој пат.

„Слушам, фирмата пропаднала. Па како во Германија да пропадне фирма?“

„Па ете“, објасни Јосип.

„Сешто“, рече Рајко.

„Рајко, дај ни две пива“, довикна некој од гостите. И Рајко отиде.

„Што е со Перо?“ праша Јосип.

„Не слушна?“

„Не. Што се случило?“

„Па господин Перо фино се опари за време на војната.

„Перо? Дај, не ме заебавај.“

„Сериозно.“

„А како, жити мајка?“

„Слушај го ова. Господинот еден ден одлучил да се прошета, онака без врска, бил убав ден, и шета тој така и налетува на напуштена топовска батерија.“

„Што, продавал топови?“

„Не, бре. Чаури.“

„Види го ти него.“

„Да. Земјата не се гледаше од нив. А секоја по петнаесет кила месинг, па ти пресметај. И ги продаде чаурите и будалата купи некоја ливада уџум. Вели, му се допаднала. Ја зеде за малку пари, имаше војна. Ги среди документите и ја купи земјата и види, среќно ѓубре; кога заврши војната, најдоа нафта на неговата земја. И сега што? Се зборуваше за тоа по селото, па некои Американци слушнаа за Перо и за нафтата. Тие дошле, добар ден – добар ден, ние би сакале да ја купиме земјата, колку пари барате? И размислува Перо сега што да им каже. Не смее да каже мала цена. Вели тој, сега ќе бапнам некоја цифра, па ќе се ценкаме. И бапнува Перо пет милиони. Американците се погледнуваат и, ни пет ни шест, може. И слушај го ова. Американците напишале договор, му го донеле на Перо да го потпише, Перо божем чита нешто таму и слушај го сега ова, Перо ја чита цифрата. Пет милиони со бројка, УСД. Си велам, кога не цркнал тогаш, нема никогаш. Тој мислел пет милиони куни, а тие му дале долари. Кога ги доби парите, три дена се славеше. Потоа отиде малку да патува, запозна некоја Швеѓанка, добра е, ни испрати слики, се ожени и сега се заебава. Сега е на Тајланд, ни стигна разгледница, нема две недели.“

„Види, види. Швеѓанка“, рече Јосип додека тегнеа ракија. Ги погледна малку луѓето кои седеа во гостилницата, сите по ред негови стари познајници. И тие се промениле. Погледите им станале тапи, лицата безизразни, зборовите горчливи. Не се смееја, само нешто блуткаво разговараа, колку да не скапуваат во тишина. Ќе станеа среќни дури кога ќе испиеја десетина пива и неколку ракии и кога музиката ќе се засилеше. Дали беше тоа поради војната, немаштијата, зачмаеноста или некој четврти фактор, Јосип не знаеше да каже.

„Зошто така седат“, рече Јосип. Милан се сврти и збунето погледна.

„Како?“

„Па ете, Миле и стариот Ѓорѓевиќ ваму, Анте, Марко и Стјепан таму, а Ибро на шанкот. Порано тоа беше друштво, заедно се пиеше, заедно се јадеше. Белки не дојде до тоа?“

„Еби му мајката, Јозо, што ќе правиш? Не е едноставно само да се заборави сето тоа и готово. Не е лесно да се помине преку сето тоа. Еве, Миле го уби малиот на Анте, а Стјепан братот на стариот Ѓорѓевиќ. Добро е што можат да седат во иста гостилница без да се испоубијат. Да има уште некоја гостилница во близина, не би ни влегле овде кога би виделе дека оној другиот е тука.“

„Е, мој Милане…“, затресе Јосип со главата. Испија уште по некоја ракија, а раскараните момци уште повеќе. Се смрачи и почна да врне дожд. Татнеше по лимениот покрив на гостилницата. Тонот на музиката се засилуваше со секое испиено пиво и испиена ракија. Набрзо момците беа баш пијани и Јосип помисли дека би можеле да се степаат. Но кога почна „Ово је прича о нама“ на Ангел Димов, Ибро се провикна и го прегрна расплаканиот Анте. Им се придружи и Миле, кој со надлактицата ги бришеше солзите од образите. Пивото продолжи да тече, се испиваа ракии, а Јосип и Милан седеа на истата маса и го следеа развојот на ситуацијата. Уследија хитовите на Митар Мириќ, Ханка Палдум, Нада Обриќ, Халид Муслимовиќ и Халид Бешлиќ. Разнежени, во моментот нераскараните момци, се прегрнуваа еден со друг. Се бакнуваа во образите, велеа: „Брате, кој нѐ раскара?“ и слично. Се кршеа чаши, се паѓаше на под со изливи смеење, Рајко ја засилуваше музиката и во својата тетратка ги запишуваше долговите на поединечните гости. Со многубројните нарачки не беше лесно, но Рајко се трудеше да ја запише и последната ракиичка. Ибро и Миле испија доволно и си заспаа во прегратка еден со друг. Сѐ уште ги стискаа шишињата пиво во раката.

„И така прават тие, мој Јозо, скоро секоја вечер. Не се поздравуваат на улица, потоа седат во гостилницата, добро ќе се налокаат, па заедно пеат и слават којзнае што. Утре изутрина, пак истата приказна, нема да се поздрават на улица. Тука, пријателе, не знаеш кој пие а кој плаќа. Охо-хо, тоа уште нема да се промени. Знаеш какви се луѓето кај нас. Ништо тука не се променило откако си замина, пријателе, освен она знаме пред општината.“

 

Превод: Иван Шопов

 

  Габриел Делиќ

Габриел Делиќ е роден на 14 мај 1998 година во Загреб. Расказот објавен во оваа збирка воедно е и прв негов објавен расказ, но сигурно не и последен. Верува дека Бибер и тој ќе се сретнат и во 2021 година, кога конкурсот повторно ќе биде активен.

 

 

ažurirano: 04/02/20