Имер Топаница

 

 

Вресоци. Штракање на автомати. Молитви кои го бушеа небото.

Сирота жена. Животна грешка ѝ се виде што го пушти мажот да оди во војна, а таа сама да се заслони со две деца доенчиња. Кај ѝ бил умот? Кој пат да го фати сега кога сите бегаа безглаво? Каде и да појдеш, никнува уште еден пламен јазик, уште еден сноп од дим. Куќите ги снемуваше под оган, се претвораа во пепел.

Влета во домот на семејството на Мерјеме, во малата колиба, покриена од камени плочки над лим. Им се нафрли на дечињата, викајќи им:

‐ Тишина! Глас да не слушнам!

Заедно со домаќинката што ја вдоми, преку тесниот прозорец на надежта, кој беше заштитен од градината со фиданки, молкум ги гледаа, додека тие го празнеа селото од луѓе и ги палеа куќите.

Тежок мирис од чад се ширеше низ воздухот. А од небото ниту сантим не се гледаше. Тие, ќутук направени и издрогирани, пееја, сите урлајќи, четнички песни.

‐ Немооој, Господе Боже! Сега ќе нѐ најдат! – викаше Мерјеме запрепастена.

Но, тие веќе почнаа да слават чистење на уште едно село. На двете жени затекнати во колибата им се заледуваше крвта и рипаа од мака, час едната час другата, се кокореја преку прозорчето. Гледаа кон шталата во која цела ноќ колеа добиток за нивното разјарено славје.

Едно време, кога се доближи ноќта, тие се повлекоа во своите дувла, а опустошеното село беше оставено во рацете на една крвава ноќ. По сета таа катастрофа, останаа само купишта огнови, кои останаа како осамени чувари на опустошеното место.

Двете со свои очи видоа кога ја оставија сама кравата затворена внатре во шталата, а сиротото теле го врзаа надвор. Ја затворија вратата од шталата и си заминаа пеејќи за еден свет без Албанци за соседи. Месо за сечење не им требаше повеќе, но не беше бадијала делењето на кравата од телето. Ги оставија да мукаат за ужасот на непостоечкото село.

Неколку часа подоцна, кога некои огнови се изгасија, тажното мукање го сечеше отежнатиот воздух. Таа, слушајќи ги двете сироти животни како мукаат за болката, дури едното за стравот, другото за ужасот, се обидуваше да стане и да отиде до шталата, да ја отвори портата и да ги обедини кравата и телето. Но, Мерјеме ја влечеше за рака, велејќи ѝ:

‐ Да не си спобудалела, мори? Да не сакаш да нѐ стрелаат?

Ја потсети дека за да им се приклучат на преживеаните бегалци на планина, не само што треба да го пробијат обрачот, туку треба се справат и со изнемоштените деца. Ја охрабри велејќи ѝ дека пред зори, откако ќе соберат доволно храна за сите, сосе потребната сила и парчиња смелост, ќе појдат кон планината.

Изнемоштени, конечно, откако темнината им ги натежна очните капаци, легнаа да спијат. Малите веќе пливаа низ сништа, веројатно не толку страшни, откако пукотниците се оддалечија и проретчија и конечно престанаа. Таа легна на душекот изеден од времето, кој едвај ги држеше нејзините две деца. Немаше со што да се покрие, освен со ужасот, кој ја тресеше до коска. Што ќе донесе утрешниот ден, само Господ знае.

Врз ужасот и тресењето на колибата конечно падна мирот. Подалечни сега се чинеа тагувањата на двете животни. Мууу. Муу. Слушајќи ги така, потона во сон. Но, ѝ влегоа во сон мукањата и ѝ се претворија во говор на лелекање.

 

Мууу,

муу

му

 

Му, мајко,

Што сакаат од мене?

 

Мууу,

погледот ми се затемни

сине мој,

што не можам да ти помогнам.

Ти грмејќи

Мене болест ќе ме удри.

 

Мууу,

те преколнувам, сине

одговори ми:

што ме снајде менеее,

или сакаат да ме уништат,

парче да ме направат,

волна да видат

да се мие над мене?

 

Мууу,

Синко,

Друго не сакам,

мене нека ми се нафрлат,

нека ме растргаат.

Без тебе му,

живот си ми,

животот му,

како да ми отиде?

Мууу!

Земете ме мене!

Исечете ме мене!

Мууу!

 

Да се молиш, мајко,

Моли се за мене,

Ах, мајко моја

Ако можеш спаси ме

му,

муу….

 

мууууу…

муу…

 

**

Како да го слушна тропотот на телето, кое се вртеше трчајќи околу шталата. Го најде стуткано во аголот зад неа. Го погледна како со подзатворени очи ја гледаше сето ужасното. Затоа му се насмеа. Тоа ја спушти главата и почна да ѝ се доблужува. И таа сакаше, но, кога сакаше да направи чекор, примети, за свое чудо, дека не може да се оттргне од место. Нозете ѝ беа прилепени на земја. Не викаше, од грижата да не го вознемири телето. Ја пружи раката и со два прста го погали за лице телето на кое му се доближи. Зачудувачки, почна да му се претвора во човечки нос. Телето се претвораше во…

Се распамети. Сфати дека телото ѝ се препоти и го позна лицето кое го милуваше. Беше на Мерјеме.

‐ Стани! Треба да одиш да ги собереш јајцата од кокошките, додека не излезе сонцето, дека потоа ќе биде опасно, некој може да нѐ види.

Мина малку време додека се освести. Потоа праша:

‐ А ти… кај одиш?

‐ Јас ќе одам да ја измолзам кравата.

‐ Кравата? Да… да одам јас? Морам да ја спојам со телето. И на сон ми се појавија.

‐ Да не ти излезе многу работа? Остави, ќе одам јас по јајца, ќе им однесеме само јајца на планина.

‐ Ама млеко ми бараат и децата.

‐ Стани, тогаш, ајде додека не раздени да ги завршиме овие работи.

Станавме и се облековме. Ја зеде кофата за млеко. Домаќинката ѝ даде алишта од своите и сега и таа наликуваше на жена Ашкалијка. Ѝ се чинеше дека ваква каква што е се охрабри уште повеќе за да излезе.

 

**

Се помачи да ја прескокне оградата. Во тој миг тополата над штала исфрли хор крекања и удари од црни крилја. Занеме. Срцето почна силно да ѝ чука. Злокобните птици заминаа низ полумракот кој се простираше под злобната планина веднаш зад низата колиби, кои се потпираа на неа.

Направи неколку чекори и застана да прислушува повторно. Како срна, внимателно го следеше секое движење, секое шушкање. Ги насобра очите и низ завесата на полумракот ги виде куќите кои се растураа. Изгорени прозори и врати, како дупки во черепот кои очекуваше да ѝ кажат нешто набрзина, се појавуваа одвреме навреме меѓу брановите од магла. Се наежи. Се сети на сонот. Повторно се замисли за миг, да се врати или не. За чудо, ја посака молбата на Мерјеме да ѝ помогне да донесе одлука. Ја сврте главата и погледна да не ја види некаде, но од другата страна на оградата сѐ беше покриено од сивиот дим, каде што не можеше да се знае дали доаѓа утрото или повторно се враќаше ноќта.

Се охрабри. Се сети на децата кои ги остави во длабок сон. Токму тогаш јасно се слушна мукањето на кравата од внатре во шталата. „Господе Боже…“, прошепоте во себе молитва и им нареди на нозете да чекорат.

Старата врата од шталата, искривена од топлина, измиена од студ, се појави пред неа. Срцето ѝ затрепери. Го крена дрвениот клин и ја отвори. Шкрипењето на вратата ја покани во стомакот на мракот со мирис на кравји измет. Ѝ беа потребни неколку секунди да ги навикне очите на таа темнина.

Нешто се движи. Кравата? Не ѝ се виде како крава. Господе, двајца мажи ѝ се нафрлија и ја фатија. Крикот и застана во грло. Кофата ѝ падна од рака. Не знаеше што се случува. Се онесвести од страв. Тие ја влечеа по земја. Едниот брадосан, црномурест и облеан во пот, кој исплука отпушок, ја фати за коса и ја протресе. Дланката почна да ја откопчува, откорнувајќи ѝ ја кошулата насилно. Таа, земајќи длабоко воздух, проба да се спротивстави. Тој ја фати за врат и почна да ја стега. За малку ќе ја оставеше без здив, ја пушти:

‐ Курво албанска!

Ѝ ја тресна главата од земја и почна хистерично да се смее.

Другиот, во несредена униформа, избричен, со пар очи како умрени, ѝ го оттргнуваше здолништето под нозе. Зад него, обесено со главата надолу, телото на закланото теле. Го виде, затоа што светна светло и се проби низ пукнатините на шталата осветлувајќи еден касапски нож, забоден во бутот на животното. Преплашена од мажот кој беше над неа, од реата од ракијата, од смрдеата од неговата пот, проба повторно да се спаси од канџите, но, повторно, сѐ беше невозможно. Беше силен како бик. Кога на раката почувствува шест прсти, ѝ се причини дека на нешто ја потсети. Ги почувствува валканите нокти забодени во белата кожа на двете подлактици, кои силно ги држеше со една рака, за да не се оттргнува.

‐ Ајде, курво, дај! – ѝ врескаше, додека со другата рака го откопчуваше својот ремен.

Другиот беше повлечен и му зборуваше на овој над неа. Таа не разбра што вели. Но, јазикот го позна: зборуваше руски.

Вресна со сиот глас од силната болка на пенетрацијата. Ја почувствува на градите влажноста на туѓата пот како мочуришна тиња. Едната дланка ѝ беше над главата, лепејќи ѝ ја за кравјиот измет врз сеното. Измеѓу шесте прсти на дланката на чудовиштето го гледаше страшното лице на силувачот, кое излудуваше во своето задоволство. Јасно му ги виде закрвавените очи. Ѓаволски очи. Почувствува како стравот ѝ се разграни како дрвен венец низ кожата. Сѐ ѝ се стемни.

Откако се издува едниот, го повика другиот. А таа, само што ја крена малку главата, размислувајќи повторно да избега, поврати на градите сѐ што имаше во желудник. На другиот му се згади. Налутен, ја клоцна силно по стомакот и таа веќе за ништо не знаеше. Повторно се онесвести.

 

 

**

Се освести. Неколку чекори понатаму ги виде двајцата ѓаволи. Црномурестиот носеше црна униформа а другиот, Русинот, кој беше само по панталони, носеше два реденика со куршуми и голем крст на градите. Пушеа цигари и комуницираа со некого на токи-воки. Забележаа дека се освести.

‐ Брзо, доцните! – се слушаше од апаратот гласот од другата страна.

Овие како да бараа дозвола, но гласот стануваше поостар. Изгледа стануваше збор за некој итен случај. Толку можеше да разбере. Станаа, облекоа јакни, го зедоа оружјето и на излегување, едниот се сети на неа. Дојде, ја клоцна уште еднаш по стомак. Таа не успеа ниту глас да пушти.

‐ Тука чекај, веднаш ќе се вратиме! – ѝ прозборе на руски, но таа не го разбра.

‐ За име божје, децата ме чекаат! – ги замоли на албански.

‐ Види вака, деца ќе имаш и со нас. Ха, ха, ха! Не гледаш? – се шегуваше на свој јазик црномурестиот, кој го разбра преколнувањето.

Токму во тој момент вресна токи-вокито, колку да не им даде време да смислат уште некоја нова ѓаволштина. Излегоа. Таа стана, ги собра парталите и се облече безглаво. Набрзина исече и зеде со себе неколку парчиња од сиротото теле, ги собра парчињата од сопствената болка и излезе кратко после нив.

Пукотници и гранатирања го сечат небото одвреме-навреме. Димот се мешаше со облаците. Клетвите со преколнувањата. Мирисот на јаглен ѝ го отежнуваше дишењето, а болката што ѝ доаѓаше од внатрешноста на стомакот ѝ се ширеше низ цело тело, кое толку многу ѝ смрдеше, што почна да се мрази себеси. Згрбавена од болка, едвај успеа да дојде до оградата. Ја прескокна со голем напор. Оддалеку слушна глас.

‐ Стој, курвоооо! – ѝ викаше црномурестиот.

Но, таа не застана. Ѝ светна низ мозокот мислата за децата. Собра сила и избега трчајќи во блиската шума.

По само половина час, доближувајќи се крајно внимателно, се врати во градината каде што последните сенки се криеја исплашено. Пред да влезе во колибата, воздивна длабоко и одлучи да го остави надвор и во минатото сето тоа што ѝ се случи. Не сакаше децата да ѝ го прочитаат ужасот од лицето. Неколку силни татнежи од селото од спроти реката ѝ го стресоа тлото под нозе, но таа чекореше низ градината со фиданки кон вратата на камената колиба. Внатре ја чекаа сите.

‐ Ја измолзе кравата?

‐ Не… не успеав!

Двете дечиња се затрчаа како врапчиња кон неа, но таа ја избегна прегратката. Ѝ се лошеше од нечистотијата која ѝ се наталожи.

‐ Чекај, мајкино, дека… дека… ја допирав кравата. Треба прво да се измијам.

Најде ладна вода. Се изми од глава до петици. Новата облека што ја облече, која ја покри целосно, освен лицето, како да ја смири. Стави и  марама, ја врза зад глава и се врати во соба. Ги прегрна децата. Долго. Силно. Љубопитното девојче ја допре со прст по лицето и ја праша зошто е закрвавена.

‐ Бегајќи низ грмушки… еве, ќе ви зготвам телешко – проба да го пренасочи разговорот.

‐ Зошто, мамо, го закла телето?

‐ Ах, тие го беа заклале, Господ да ги отепа!

Мерјеме им стави на маса три варени јајца. Жените разменија меѓусебно разбирливи погледи. Од исеченицата на јаболчицата сѐ уште и течеше крв. Исечениците на вратот беа отечени, но повеќе не крвавеа. Мерјеме ѝ дојде на помош со една крпа, која таа ја врза околу вратот и ја покри. Илјадници неприметни рани ѝ бликнаа во срцето. Не се воздржа, почна да плаче. Мерјеме ја прегрна. Почнаа да плачат и децата, без да знаат зошто.

 

**

Чекореше покрај мажот. Се наоѓаа на мостот кој водеше кон северниот дел на градот, веќе единаесет години поделен. Измеѓу три-четирите луѓе кои минуваа преку мостот, почувствува како и омалаксува телото.

‐ Ако плаќа, веднаш продај ја! Не должи многу! Толку години тој ѝ се радува, а ние не – му велеше на мажот, кога примети оддалеку, од другата страна на мостот, полициски униформи.

Стаписана беше кога им се приближија полицајците.

‐ Каде? – ги праша полицаецот кој застана пред нив, откако го издува димот од цигарата длабоко од грлото.

‐ Да ја посетиме куќата. Да ја видиме.

‐ Аааа, не се секирај комшија. Ние ги пазиме куќите! – рече полицаецот со запечено лице од сонцето.

Униформата му беше од локалната полиција. Се сврте потоа кон неа, да ја види. Таа ја држеше главата кон земја. Тој ја доближи цигарата кон усните. Шест прсти. Овој пат точно знаеше на што ја потсетува. Тешката смрдеа од потта на другиот ја доведе до гнасење. Стравот, тој стар пријател, ѝ тропна во срцето. Едвај собра сили да ја крене главата и да го погледне. Да. Беше токму тој. Беше поправен, без брада и со малку побелена коса, но тој е.

‐ Одете, видете ја куќата!

Откако направија неколку чекори, мажот ја праша што ѝ стана што така малакса. Му одговори дека се чини дека ѝ се слошило од жештината од сонцето. Направија уште неколку чекори. Таа ја сврте главата уште еднаш кон полицаецот. Палеше друга цигара. Тој ја виде. Јасно ги виде закрвавените очи.

 

Превод: Крешник Ајдини

 

  Имер Топаница

Imer Topanica je poznat kao pjesnik i prozaista. Autor je dviju knjiga: romana "Putnici" (Princi, Tirana 2013) i pjesničke zbirke "Snop svjetlosti" (Rrokullia, Priština 2014). Već godinama se bavi i novinarstvom. Objavio je pjesme i priče u poznatim književnim časopisima kao što su Jeta e Re, Verbi, Ilz, Akademia, Oaza itd. Uskoro izlazi iz štampe i njegova treća knjiga, pjesnička zbirka "Nedovoljne bilješke".
Kontakt: i.topanica@gmail.com, www.facebook.com/imer.topanica

 

 

ažurirano: 04/02/20