Горан Јанковиќ

 

Ги видовме уште оддалеку. Били Кера, брат му Брацо, Мали и јас. Таман застанавме во шумичката пред полето да се договориме кој каде ќе оди на стража.

Двајцата одеа кон нашето село. Некако накривени. ‘Ко да се држат за раце.

Кера и јас се загледуваме. Толку отворено овде можат да одат само нашите. Ама, ајде знај! И претходно мислевме дека сите сме наши, па ете што испадна. За секој случај им велиме на Брацо и на Мали да се сокријат. Да залегнат и да бидат подготвени.

Се ѕвериме и понатаму и сфаќаме дека носат нешто помеѓу себе. Нешто не баш големо. И дека се накривени од тоа.

А, кога беа на стотина метри, здогледуваме дека ги имаат нашите обележја и дека носат нешто завиткано во војничка јакна.

Брацо дофрла: „Леле, мили Боже, што носат што е толку тешко, а толку малечко.“

Кера му свика да не биде тетка, а мене ми намигна: „Ма, наши се, сто посто. Мислам дека сум го видел оној понискиот.“

Двајцата излегуваме пред шумичката. Тие свртуваат кон нас.

Приоѓајќи ни, го спуштаат своето бреме на земјата. Го направија тоа некако ем брзо ем полека.

Дури сега нѐ погледнаа во очи. „Здраво луѓе. Еве, го донесовме Циле“, рече повисокиот, и понатаму искривен.

Мали и Брацо излетаа од засолништето. „Што зборуваш, бе, жити мајка, па Циле е поголем од вас заедно“, испука Брацо.

„Ете… ние го донесовме…“

Чучнувам, ги разврзувам ракавите и ја отворам јакната. Во неа горниот дел на Циле. Некаде до крајот на ребрата.

Мали падна на колена и целиот ме исповрати.

„Па, каде му се нозете, да ти ебам! Каде му е курот, најголем од сите нас“, закреска Брацо и потрча.

Кера се пушти по него.

Понискиот клекна, ја затвори и ја заврза јакната. Го потапна Мали, па станувајќи го подигна и него.

Кера и Брацо се вратија прегрнати.

Дојденците ни понудија цигари. Кога запаливме, понискиот ни раскажа што се случило со Циле.

Дваесет дена никој не испукал ни куршум. Само биле на линија во рововите. Милина Божја. Толкав мир што птиците повторно зацрцореле.

„А, Циле, знаете подобро од нас, не можеше без фискултура. Во ровот правеше склекови и наместо тегови креваше кутии со муниција.“

„Кога птиците престанаа да пеат, тој излезе од ровот и тргна на ритчето зад нас. А, таму сѐ бришан простор. Единствено на средината две јасенчиња… едно до друго.“

„Сите занемевме. Само капетанот рече: ’Немој, драг Циле, каде одиш!’“

„А, тој се сврте… не запирајќи… и најсериозно рече: ’Нозете и газот ми клапнаа. Ми фали ридот.’“

’Ама, Циле мој, ќе те убијат.’

’Нема.’

„Трчаше триесетпати наваму-натаму. А, од другата страна некој постојано повторуваше: ‘Колку добра подвижна мета, луѓе мои.’“

„Утредента пак. Сите се обидуваа да го разубедат, ама џабе. Трчаше точно шеесет и два пати. Јас броев лично. Оние од карши дофрлаа. Правеа заебанции и се смееја.“

„Третиот ден почнаа посериозно да го заебаваат. Циле прво ништо. А, кога почнаа фамилијата да му ја ставаат в уста, Циле застана и им рече вака: ‘Што ви е, сељаци едни, исти сте ‘ко моиве. Скроз сте се поајваниле. Што не ви е јасно? Па целиот се укочив и се заебав од срањево. Зар вие не?!’ Одеше повеќе од сто пати. И мавна уште околу триста склека.“

„Утредента гледаме дека и тие имаат свој Циле. Гледаме, богами, добар е. Граби ‘ко коњ, а штанца склекови со една рака.“

„Ги меркавме едно време, па не знам како испадна, кој прв предложи, дали нашиот дали нивниот – да почнеме да се обложуваме. Ние имавме цигара и брзосмртка, тие трева. А, кој каде ќе трча и каде ќе прави склекови – се договорија дур трепнеш.“

„Што ќе пра’иш, ебаго, ние половина зима ја поминавме во ровот, пролет дочекавме, од живот ни ‘ж’, па сето тоа ни дојде ‘ко кино во живо.“

„Тоа траеше две недели. Циле водеше 7:6. Баш зедовме душа. И ние и тие. Море, само уште што не почнавме да си одиме на кафе едни кај други.“

„Утредента гледаме – ќе победи Циле наш и денес. Баш беше стигнал до јасенчињата. Имаше обичај да ги допре. Исто како да играше пузаменепузасите.“

„Кога загрме нешто мрачно.

И како што загрме така го пресече и Циле.

И Циле и јасенчињата.

Испадна ‘ко да се четири диреци забодени во земја.

Ама, грмењето продолжи и ги растури во парампарче.

ПАМ! Пичка му мајчина, од каде сега ПАМ… се штрекнавме и се распукавме од сѐ што имавме. Сакавме и да излетаме и во јуриш. Едвај нѐ задржа капетанот.

Потоа некое време сфативме дека тие не пукаат. Дека не пукаа по ПАМ-от. Полека престанавме и ние. Од нивната страна слушаме врева, пцуење, некоја фрка. А, потоа ништо.

А, од нашата некој понекогаш ќе збеснеше… ќе испукаше рафал… ќе им го ебеше мамето мамино и ќе ги проколнеше за навек.

Утредента околу пладне ни долета пакет… не кажав… направивме големи чатали… така ги дофрлавме облозите…

Во пакетот трева и парче хартија.

Еве го. Сега ќе ви го прочитам.

‘Дојде некој главуч од командата. Во контрола. Попат ни донесе ПАМ. Па кога го виде вашиот Циле, веднаш и се распука. Грбот му го направивме ‘ко мевот. Ѝ јавија сѐ на командата. Рекоа со вас повеќе не можеме да војуваме. Пред малку стигна замена. Ние сега си заминуваме. Главучот е висок и дебел. Жолт. Жолта коса, жолти мустаќи. Ете, толку. Само да знаете.’“

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Горан Јанковиќ

Горан Јанковиќ е роден 1959 година во Зеница. Дипломирал филозофија и општа книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево. Од војната живее во Љубљана, каде што, во КУД „Франце Прешерн“, отпочнал и две децении водел издавачка дејност. Преведува од словенечки. Повремено се јавува во регионалната периодика. Книги: "Збор-два за Петроние" (роман, 1993); "За простите нешта – forma emigrantica" (1995); "Додека облаците минуваат" (хаику, 1997); "Случка на ридот над патот" (роман, 2001); "Антологија на краткиот расказ од екс ЈУ" (1990 – 2000).

Kontakt: rudolf@kud-fp.si

 

 

ažurirano: 01/03/23