Бојана Савиќ

 

Во нашето село вестите стасуваа бавно. Мама велеше дека живееме во тешка недојдија. И кога ќе стасаа, беа некако омекнати и испрани, било добрите, било лошите. Така и веста дека почнала војната во Босна. По природа и општество ги спомнувавме републиките на Југославија, ама во трето одделение имав многу маглива претстава за државите и градовите. Помладата сестра и јас одевме на училиште во блиската шумадиска варош. И тоа ми ти е некојаси варош, ни семафор нема, додаваше мама. Во моето одделение Борис ја почна приказната за војната, зашто тој за сè беше известен. Неговите родители држеа кафеана и беа прилично незаинтересирани за тоа што им прави детето по цел ден. Борис, по моите критериуми, беше убаво момче, ама по општите критериуми, беше прилично глупав. Сè уште чита буква по буква, песнички не знаеше, ни математика, што не му пречеше да ми биде симпатија. Со тоа што, изгледа, само за тоа не беше известен. Знаеше да ме засмејува и кога му бев лута. Се кривеше, пееше безобразни песни и мрдаше со ушите. Имав две симпатии. Баба Милка знаеше да каже дека за сè треба да се има резерва. Дарко беше резерва, покрај мене и Маја најдобриот ученик во одделението. Зборуваше со благо шушкање на с и ш, веројатно поради растојанието помеѓу секачите. Беше мирен и најдобар во сè, дури и во фудбал. Еднаш ми напиша писмо, ама толку се испозбунив, што го фрлив в канта во вецето. Борис тој ден донесе цигари на училиште, не да пушиме, туку демек само да ги држиме в уста. Ми рече дека во Босна го колат нашиот народ и дека муслиманите им вадат очи на Србите. Јас ја лигавев цигарата и не знаев кои се сега тие муслимани. Тој ми рече дека сум глупава како ноќ и дека тоа се Турците. Останав дома решена да ја истражам таа вражја војна, нема тој мене да ми кажува дека сум глупава! Прво сестра ми ја испрашав за таа работа, ама таа, очекувано, беше уште поглупава, па се договоривме да се измолкнеме кога ќе нè пратат на спиење и да прислушкуваме пред дневната соба додека возрасните гледаат телевизија. Мама веднаш нè сконта, зашто сестра ми се клештеше ко мајмун. Ѝ беше смешно што баба рече дека ванилиците се топат в уста. Мајка ни пак нè отера на спиење и се закани дека следниот пат ќе нè згази како вошки, што знаевме дека е вистина. Таа никогаш не се заканува со празна пушка, нè ќовташе по потреба, поблаг прекршок шлаканица по газот, потежок прекршок шлаканица по образот во едната или во двете насоки. Го викаше тоа форхенд и бекхенд, ја обожаваше Моника Селеш. Тато никогаш не нè удираше, ѝ го препушташе тоа на жена си, зашто „кај ќе тепаш женскадија, па уште и мали“. Утредента на часот по Српски читавме епски песни. Учителот Андрија кажуваше дека нашиот народ се изнастрадал под Турците, Германците и усташите (запишав во дневникот: погледни во енциклопедијата под буквата у) и дека историјата е учителка на животот, зашто ако не ги научиме лекциите од минатото, тие постојано ќе ни се повторуваат. Што е до мене, историјата треба да се забрани и никој да не проучува како кој кого мачел во војните и во логорите, зашто ми се чини дека, на пример, Борис самиот не би умеел да смисли нешто толку креативно како што е набивањето на колец. А можеби и би умеел, кој ѓавол го знае, ама јас секако поубаво би живеела без тоа сознание. Секако одеднаш сите деца почнаа да зборуваат само за војната и за муслиманите и усташите, иако не знаевме баш ни што се православци, зашто повеќето од нас в црква влегуваа само за свадби држејќи го за ногавицата нацврцаниот татко. За Маја дотогаш никој не претпоставуваше дека е нешто поинаква од другите, освен што беше одлична ученичка, убава и слаба, додека јас бев истото тоа, само дебела. Го имаше тоа име Маја, мислам, кој друг се вика така? Не Марија, ни Маријана, туку така кратко и јасно. Борис чул во кафеаната дека таа е муслиманка, можеби и Циганка, и дека е затоа така црномуреста и се презива Хасаниќ. Циганите ми беа познати од панаѓурите, ама никако не успевав да ја замислам Маја како го пушта во погон рингишпилот. Решив да го прашам татко ми што е тука вистина, па се надевав дека ќе ги уфрлам и усташите ако видам дека е расположен. Тато изнервирано кажа дека татко ѝ на Маја е инженер и дека добил стан и работа од фабриката за автоопрема недалеку од гратчето, дека тие однекаде се имаат доселено, ама дека врска нема што се, ни дали и на кој бог му се молат и дека не го интересира и дека ни мене не треба да ме интересира тоа, како и дека постојат само луѓе и нелуѓе. Значи, усташите отпаднаа. Мама не доаѓаше предвид, ми остана само уште баба Милка како извор на информации. Ја најдов во шталата, па ми раскажа додека ја молзеше кравата дека дедо ми бил во војска во Хрватска, во морнарицата, дека војската траела три години и дека таму се вљубил во една нивна, сакал да се жени, а дека бато Живорад му рекол дека усташка може да води само во гроб. Така таа љубов пропаднала, а дедо го венчале со баба зашто била од добра куќа, секако. Веќе бев за нијанса помалку глупава, па вооружена со тоа новостекнато знаење утредента тргнав на училиште одлучна на Борис да му го истријам носот. Пред да почне првиот час, на своите места стоеја Перо и Коле, што значеше дека се казнети за нешто. Учителот за некои наши беснеења наредуваше: Стани да стоиш! Може да биде само до крајот на часот, некогаш ден, некогаш до крајот на неделата. Само пробај да седнеш пред ѕвончето! Еднаш Ненад и Мирјана стоеја до крајот на полугодието затоа што украдоа мирисливи блокчиња од трафиката. Сепак, сите необично си го сакавме учителот. Ни делеше ластегарки, заушки и чврги, викаше, ама умееше од срце да се израдува за некој наш успех, да пее и да танцува на музичко, да нè засмејува, правилата кај него беа јасни, оцените објективни. Така не им се жалевме на родителите кога повремено ќе нè подудреше. Само Борис еднаш му се пожали на татко си дека учителот го влечел за зулуф затоа што ја фрлил чашата од јогуртот низ прозор. Татко му му залепи шлаканица пред кафеаната, му рече да не биде плачипичка и да се угледа малку на мене кога веќе се влечкаме секој ден заедно. Така и тој четврток планот беше Борис да ме дочека по дополнителната настава зад искршената метална куќичка на фудбалскиот терен во училишниот двор. Тоа беше место на кое никој не може да нè види од училиштето, мртов агол за просветните работници. Овој пат Борис чекаше пред училиштето со Јаковљевиќ и со Далибор, кои учителот ги викаше стражари, зашто кога и да станат да одговараат, тие само молчат. Ме повикаа мене и Маја зад куќичката, што никако не ми одговараше. Не се дружев богзнае колку со неа, а ни со оние двајца ќутуци. Борис имаше навикнато сите хипнотизирано да го следат каква глупост и да смисли, па ни го сврти грбот и свиркаше со рацете во џебовите лесно нишајќи се кон одредиштето. Штом се завлековме зад куќичката, оние двајцата ја фатија Маја за рацете, Борис рече дека е уапсена и дека муслиманите се наши непријатели против кои мораме да се бориме. Таа жестоко се отимаше и им зададе два прецизни удари со врвот на патиката по писките на своите напаѓачи. Далибор ја пушти, офна од болка и ѝ плукна в лице. Таа ја подзаврати својата тенка жолта маица и ја избриша плунката од образот. Во тој миг помислив дека никогаш во јавност не би си ја завратила маицата и не би си го покажала својот пивтиест стомак. Зјапав во нејзиниот мургав рамен стомак со совршен папок и не знам дали сакав да ја заштитам неа или тоа убаво, ранливо место. Го турнав Борис, со двете раце, макар што колената ми се тресеа. Му реков дека само плачипички напаѓаат девојчиња. Однекаде се појави Дарко, а зад него учителот: „Марковиќ, пред мене в училница“, рече мирно, а стражарите ги поведе влечејќи ги за зулуфите. Маја и јас без зборови го набљудувавме тој превртен балет, надевајќи се дека за нас претставата е завршена. Сепак, моравме да го истрпиме уште и учителовото иследување на судирот. А јас само мислев како Борис Марковиќ сигурно нема да зборува со мене. И не зборуваше. Утредента тој и стражарите станаа да стојат. Маја на крајот на полугодието се отсели во поголем град во округот. Се среќававме на натпреварите по Српски и веќе никогаш не ја спомнувавме случката од зад куќичката. Борис брзо ми прости, а и јас нему. Нешто пред малата матура седевме зад сега веќе целосно пропаднатата куќичка, со покрив полн со дупки расцветани од ’рѓа, низ кои ѕиркаше небото. Веќе не бев дебела. Во седмо се извишив 20 цм. Добив солидни гради и стрии на газот од наглото растење. И овој пат донесе цигари, ама сега пушиме. И пушевме и разговаравме. Реков дека Маја освои прво место на окружниот натпревар по Српски, додека јас бев дури шеста. Ми рече дека сум резил и срамота за српскиот род кога една Турчинка подобро го знае мајчиниот јазик од мене, ама дека тој не познава ниедна девојка што е и убава и паметна како мене. Помислив дека тој и генерално не познава многу девојки, ама сепак ми се допадна тоа. Потоа се бакнувавме. Беше лигаво и лепливо со вкус на „дрина“, ми се вртеше во главата и ми се матеше во стомакот. Тој мелеше како мелница, правеше крукчиња од чадот, расеано го вртеше праменот моја коса околу показалецот. Јас молчев, кимав со главата, помирено седнував зад него на седиштето од белиот „томос автоматик“. Додека го стегав околу мускулестиот стомак, а моторот нагло тргнуваше, размислував колку ли би ме репнал учителот Андрија да ме види сега. До матурата или, можеби, до полнолетството?

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Бојана Савиќ

Бојана Савиќ е родена 1985 година во Шабац. Дипломирала на Факултетот за применета уметност во Белград, отсек Конзервација и реставрација на слики. На тој Факултет, од 2010 година, работи како соработничка во наставата, а од 2022, како доцентка. Се занимава со конзервација и реставрација на слики, со сликарство, со традиционално пеење и со пишување раскази. Омажена, мајка на две деца.
Контакт: Instagram @seoskamlada

 

 

ažurirano: 05/03/25