Аида Шечиќ Незиревиќ

 

 

Нашиот зелен стокец остана со рилката закопан во снегот. Орхан беше нервозен и на моето упорно ѕврцкање повторуваше едно, па исто:

„Пушти ме, жено, пушти ме, ќе средам.“

Излегов и запалив. Околу мене блескаше само белина. Орхан нешто се обидуваше, го разгрнуваше снегот со рацете и на крајот се откажа.

„Дај ми и мене една“, замоли.

Пушевме потпрени на полузатрупаната кола.

„Гледај, душо“, почна маж ми внимателно, „паѓа ноќ… ене, некои светла во далечината…“

„Гледам“, го прекинав нестрпливо.

„Значи, останеме ли во престудениов автомобил, постои голема шанса да нѐ најдат… знаеш…“

„Знам.“

Тргнавме низ разгазеното. Ноќта и снегот паѓаа на нас, со здружени сили.

 

**

На дочекот на Новата 91-ва тргнавме непланирано. Нашиот Дино имаше само година и пол. Но, аранжманот беше поволен, а мајка ми волна да го причува детето. Хотелот „Нимфа“ во Живогошќе нѐ дочека со насмевка. Незаборавни три дена.

Пред самото тргнување задува југовина.

„Среќно“, рече рецепционерот на хотелот, подавајќи ни ги документите, „на вести даваја дека во Босна има невреме.“

Ја минавме некако Купрешката Висорамнина и стигнавме до Шуица, каде што виулицата стануваше сѐ посилна. Тогаш стокецот почна да ика.

 

**

Светлата во далечината беа, навистина, сплет од куќи. Пријдовме до едни порти, бели како две јетија. Орхан затропа.

„Кој е?“, машкиот глас беше длабок и внимателен.

„Ние сме, патници“, рече Орхан.

„Ш’о сакате?“, продолжи мажот низ затворената врата.

„Помош“, застенкавме наглас.

Вратата зацвили и ѕирна некој крупен мустаќлија.

„Ах! Па, ш’о ви се случило?“

„Колата ни застана.“

„Хм.“

„Ве молам“, простенка Орхан, „може ли да влеземе да се загрееме?“

„Стипооооо, кој еееееее?“, се провикна низ ходникот женски глас.

„Некои луѓе. Велат, колата му застанала.“

„Па, нека влезааат.“

И дури тогаш човекот се помрдна, а ние двајцата срамежливо влеговме внатре. Типична босанска провинциска куќа. Студен ходник, со купишта чевли на полицата и многу врати. Стипо отвори една, а ние се најдовме во голема претопла соба.

Лица од неколку генерации се џареа во нас.

„Ај, сејте“, рече домаќинката, силна жена на четириесетина години за која подоцна дознавме дека е сопруга на мустаќлестиот Стипо. „Ана!“, ѝ се обрати на младата девојка со бебе во рацете, „дај му го на баба ти, а ти ајде подгреј го гра’о и дај ја погачата“.

Девојката стана, а старицата со лицето збрчкано како истуткана хартија го прифати девојченцето.

Домаќините ни поставуваа безброј прашања. Кои сме. Од каде сме. Со што се занимаваме. Кога главите речиси почнаа да ни паѓаат од умор, домаќинката Марија нѐ однесе во поткровјето, во соба со голем кревет и орман во аголот.

„Нема да ви биди ладно“, рече, „јорганите се дебели. Добра ноќ.“

 

**

Утрината домаќинот Стипо го однесе Орхан кај некој мајстор. Требаше стокецот да се дошлепа до автомеханичарот, кој потоа би го погледнал проблемот.

„Ќе трај, богами“, рече домаќинката Марија, „остани ти, госпожа, со мене овде. Ќе напрајме ручек и ќе шмркниме кафе“.

Прифатив. Ми беше пријатно во таа традиционална куќа, со тие воздржано љубезни домаќини. Марија лупеше компир и со ќеф ја прифаќаше мојата помош. Бабата плетеше, а ќерката, младата Ана, си играше со бебето.

„Колку е слатка твојата мала сестра“, реков, „како се вика и колку е стара?“

Марија се накашла, а бабата воздивна. Ана учтиво одговори:

„Се вика Ивана. И напрај осумнајсе месеци.“

„Баш како син ми Дино“, реков.

Потоа, додека во малку издвоената „кујна“ ставаше компири во рерната, а јас го сечев сирењето, домаќинката шепотејќи ми рече:

„Е, госпожа моја. Многу ми е непријатно да ти кажам, а, ете, ќе ти кажам. Морам на некој, оти ќе пукнам. Не е моја малата. На Ана е. Внука моја.“

Застанав и ја погледнав. Веројатно изненадено.

„Знам ш’о мислиш. Дека е млада и немажена. Така е. Двајсе и една година има. Запнала Сараево та Сараево. Право да студира. Јас му викав: ‘Ами, не ти е Сплит поблизу?’ – ‘Е, ама сакам во Сараево’. Вели Стипо мој: ‘Пушти ја, жити мајка.’ И ајде, ете, ојде. Кога скоро вели, трудна. ‘Со кој, огин црн да те изгори?’ А таја уште и се гордеј: ‘Па, мама, со дечко ми. Ќе се земиме.’ Ауууу! И ја прашвам: ‘А како се вика тој дечко ти, Ано?’ – ‘Самир’, вели. Е, сега, госпожа моја драга, немој ти да се навредиш од приказната моја. Јасно ми е мене оти сте и вие од муслиманска вера. Ги сакам јас муслиманите, имавме комши’ таму кај ш’о сум родена, од Дувно. Добри луѓе, а бе, ‘ко свои бевме. Ама за женачка и мажачка, секој своето нека си гледа. И ти си така, и јас сум. И мајките наши. Права ли сум, жити Госпо?“

Кимнав со главата, таа продолжи.

„И му викам јас на Ана моја: ‘Ќе се исчистиш’. А таа вика: ‘Не можам. Тешка сум пет месеци.’ Таква шлакајнца му манав, со деној не слушаше на увото. И поарно ш’о не слушаше, на цел глас ја колнев. Мој Стипо е благ, и преблаг. Вели тој: ‘Пушти, Маро, се сакат децата.’ Ама, јас не давам. Фала Богу, подебела сум, па му се јавив на соседите дека јас сум тешка. Во четрспетата, таман пред климакс. И ми викат мене јазичиштата тукашни: ‘Откај, Маро, сега дете?’ А јас им тупнав: ‘Ами, шо да прам, уште му се бендисвам на Стипе мој, па ќеф му е в постела да ми иди.’ А срце ми се кини, госпожа. Главно, во Сплит се породи. Имам јас роднина една, па таму бевме. На Ана му реков: ‘Малата две ко ќе наполни, можиш на студии да се вратиш, ама во Сплит. А на тој твојо во Сараево пиши му дека мртво дете си родила. И одма прекини секаков контакт. Ако не прекиниш, жими Госпо, ќе ја дам во дом малата.’ И попушти Ана. Дома е со неа цело време. Ќе ја фатам понекогаш, бриши солза. А ш’о да му прам? Најарно вака.“

Орхан и Стипо, домаќинот, се вратија околу два попладне. Ручавме, а на излегување од дома, нѐ поздрави и сонцето. Тргнавме кон Сараево.

 

**

Една година подоцна Стипо и Марија доаѓаа во Сараево. Да вадат некакви документи за имотот. Знаеја дека работам како учителка, знаеја и во кое училиште работам. Дојдоа пред канцеларијата да ме поздрават и да се заблагодарат за пакетот лекови што маж ми, лекар, им ги прати. Бабата е, за жал, покојна, ми рекоа. Ана се врати на студии во Сплит.

„А, Ивана?“, прашав.

„Нашата мала ќерка е добро“, рече Стипо.

Марија не му кажала дека ми ја откри тајната.

 

**

Деведесет и втората почна војната. Потоа дојде поствоениот период во кој, пак, немаше време да се размислува за старите времиња. „Пред војната“ беше како „пред новата ера“. Одамна и далеку… Се живееше брзо, стресно. По Дино добив уште еден син – Кенан. Децата растеа. Орхан и јас се ближевме до педесеттата.

И после, летото 2007, добив писмо од Ана Матошевиќ.

Едвај се сетив која е. Барем еден саат го вртев името низ усни додека не го повикав пред очи нејзиниот кревок темнокос лик. Што ли сака од мене Ана Матошевиќ, девојката чии родители ни дадоа засолниште една јануарска ноќ пред војната? Да ме извести за нешто, можеби за смртта на своите, сега веќе стари родители? Ама, зошто за тоа би известувала жена што нејзините родители ја виделе сѐ на сѐ двапати и размениле со неа само неколку телефонски повици?

Го отворив ковертот. Не стануваше збор за смрт.

Почитувана и драга Амра, пишуваше, барам ваша помош затоа што сте сарајлика, муслиманка и живеете со убаво сеќавање за мајка ми. Бевте достојна за нејзината доверба, а таа не греши кога ќе процени.

Го пронашла, имено, преку Фејсбук, таткото на ќерка си. Самир. Живее во Сараево, како и пред војната. Да, сега е оженет (а тоа, пишува, и го насетувала, и била подготвена за тоа). Му пратила порака.

…во која го известувам дека го лажев. Дека нашата ќерка е жива и здрава. Дека има осумнаесет години и дека сака да го запознае. И него и брата си. Моите родители со тоа мораа да се согласат. Веќе одамна сум возрасна жена и одамна на Ивана ѝ признав дека не ми е сестра, туку ќерка.

Самир се согласил да се сретнат. А, Ана мене ме молеше следново:

Ве молам да дојдете со мене до договореното место. Се вика парк Ат-мејдан. Бидете со мене и бидете му поддршка на моето девојче. Ве бакнувам. Ана.

 

**

Се возевме во тишина по кејот Кулин Бан. Му се воодушевуваа на Сараево. Ана тврдеше дека во него го минала најубавиот дел од младоста, а Ивана жалеше што таа убавина првпат ја гледа.

„Се надевам“, ѝ се насмевнав во ретровизорот, „дека сега ќе доаѓаш почесто“.

Стигнавме до договореното место и тие двете, прегрнати и слични како близначки, тргнаа кон крупниот проќелав маж. Од автомобилот ја набљудував средбата како да гледам филм.

Самир и Ана, сега двајца странци што ги врзува само тој миг и девојката што ги гледа, си подадоа рака еден на друг. Не сакав да замислувам некое друго сценарио. Што ќе беше да немаше војна… Или Ана веднаш да му признаела на човекот што го сакала дека родила жива и здрава ќерка… Или, дека родителите на Ана не им дозволиле да се венчаат…

Беше глупаво да се мисли на тоа. Самир цврсто ја прегрна Ивана. А, таа ја стави главата на неговите гради. Син му не дојде. Ќе треба, очигледно, време за да прифати некое друго дете, некоја друга жена, од друга ера од животот на татко му.

Сепак, овој филм имаше среќен крај.

 

**

Неколку месеци подоцна син ми Дино ми ја претстави Татјана. Одредиле датум.

„Добре дојде во фамилијата“, реков и срдечно ја бакнав во образот.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Аида Шечиќ Незиревиќ

Аида Шечиќ Незиревиќ (родена 1978) по струка е лекторка по јужнословенски јазици. Ја објавила збирката песни "Кукла", за која во 2011 година ја добила наградата на Фондацијата Фра Грго Мартиќ за најдобро поетско првенче. За песните и расказите е наградувана во регионот и во странство (Шпанија, Франција). Нејзината Приказна на Силвија е поместена во книгата Lapis Histriae 2019 (необјавена). Пишува и за деца. Во 2012 година учествувала на Сараевските денови на поезијата, а во 2018 година, на книжевниот фестивал На половина пат во Ужице, Србија.
www.aidasecic.wordpress.com

 

 

ažurirano: 04/02/20