Бојана Бабиќ

 

 

Заврши томболата. Не знам кој победи, ама драго ми е што веќе не го слушам гласот од микрофонот и што пензионерите се разидуваат. Нема музика. Нема ни греење. Веќе навикнав дека секогаш ќе ми биде ладно во Единбург. Овде луѓето имаат подебела кожа од нас. Ние ги грееме куќите и кафулињата додека не ни стане мачно да дишеме во нив. Го носам долгиот џемпер на Пауло, кој си го купи за да го скрие салото на стомакот. Не знам со што го покрива сега, во Каиро е преку четириесет. Вели дека на фестивалот запознал млад режисер од Косово. Почнале да зборуваат при групното шетање на пирамидите. Се вика Џим. Или Жим. Или Ќим. „Не знам точно“, ми вели Пауло.

Се сетив на Афродита и на нашата прва средба во кампот за бегалци во Цирих, каде што волонтирав. Имаше седум години, долга коса и сериозно лице. Се грижеше за помалиот брат Бруно и поради тоа не си играше со другите деца. Ја наговарав да им се придружи на фудбалскиот терен, ама таа одбиваше. На крајот сепак ја послуша Дијана, наставничката по германски, која ѝ се обрати со умилен глас. Бруно и јас останавме на клупата и ја гледавме Афродита како шутира на голот сѐ додека тој не се измочка. Го одведов во собата во која живееја заедно со мајка си. Не беше тука. Му зборував на српски додека барав чиста облека. Го држеше прстот в уста и ме гледаше зачудено, ама не се бунеше. Не можев да пронајдам два мали чорапи со иста боја, ниту да му ги искомбинирам панталоните и маицата. Изгледаше како овошна салата на фудбалскиот терен додека трчаше да ја прегрне Афродита. „Кој те облекол така?“, праша и тој покажа кон мене. Тоа беше единствениот пат да ја видам да се смее.

„Звучи глупаво, ама Џим и јас многу брзо се зближивме“, ми вели Пауло преку телефон. „Мразиме исти филмови и книги.“ Ми праќа фотографија на која стојат насмеани на плоштадот Тахрир. Џим има ретка брада и маица низ која му се познаваат стомачните мускули. „Морам да одам“, ми вели Пауло. „Вечерва ќе го прогласат победникот. Држи ми среќа.“ Веќе шест месеци делиме стан со четириесет и осумгодишниот ѓубреџија Џорџ, кој многу зборува, ама ние разбираме само кога ќе каже: „Ај, ај, ај“, па и ние го велиме тоа. Има две бивши жени и две ќерки што не ги споменува, иако секое утро пие кафе од шолја со натпис: To the best dad ever.

Често доаѓам во овој паб за да пишувам. Седнувам на истата маса, зашто тука е единствениот штекер. Постар човек со ракавици без прсти љубезно ме прашува дали смее да седне со мене. Го гледам преку екранот на лаптопот додека ми објаснува дека доаѓа овде секое утро на по еден пејл ејл. Вели дека е автомеханичар во пензија. „Од кај сте вие?“, прашува. Станува сериозен кога ќе го чуе мојот одговор. Се зачешува по седата глава и шмркнува голтка. Па, вели: „Страшни работи направивте во Босна.“ – „Направивме“, велам. – „Сараево, Сребреница“, вели. – „Да“, признавам. – „Кравице“, вели. – „Од каде го знаете вие тоа?“, прашувам. – „Гледав на вести“, вели. – „Читав весници.“ Се џарам во изгаснатиот екран пред себе. Тој ја трга белата пена од мустаќите. „Дали сакате животни?“, ме прашува. „Сакам“, велам. „Ова е моето куче Чарли. Има тринаесет години.“ Ми подава фотографија од црн кокер шпаниел на кожена фотелја. Личат. „Нека живее уште толку“, велам и тој се насмевнува. „Јас сум Даниел“, вели. „А вие? Коjа сте вие?“

„Победивме“, вика Пауло на телефон. „Морав да излезам на бина да ја примам наградата. Мислиш ли дека изгледам дебело?“, ме прашува и ми испраќа фотографија од церемонијата. Копчето на стомакот му е едвај закопчано. „Не си. Одлично ти стои таа кошула“, велам и тој ми се заблагодарува. „Одам да се напијам со Џим, му ветив“, вели Пауло. „Ми стана како брат.“

Теута Пирева е родена во Гњилане 1964 година, каде што работела како новинарка и монтажерка на локалната телевизија. Побегнала во Шкотска во 1999 година. Денес работи во Центарот за бегалци во Глазгов, каде што живее со својот маж, со ќерката и со синот. Во коментарите пишува: Сенка зад сонцето е книга што ќе ги отвори умовите и ќе ги промени срцата. Нарачувам еден примерок преку Амазон.

Пауло стигнува рано наутро, со виолетови подочници и болка во грбот. Фестивалот не му платил сместување при враќањето, па цела ноќ ја минал на аеродромот во Истанбул. Се буди навечер и одиме во паб на пијачка. Пауло вели дека го боли грлото. Ми раскажува за сѐ што дознал од Џим. „Му ја запалиле куќата“, ми вели. „Го изгубил татко си.“ Не е сигурен дали и тоа било поради војната. „Џим не сакаше да влегува во детали.“ Ни носам нова тура пива. Пауло вели дека се сеќава на мигот кога првпат ме прашал да му објаснам. Тогаш сѐ уште студиравме заедно. Му реков дека е сето тоа многу компликувано. „Што е компликувано? Кажи ми“, бара Пауло. Си легнуваме и јас се припивам до него. Дишам во неговата густа црна коса. Пауло ми објаснува дека е преморен. „Утре“, вели пред да заспие. Тоа често ми го кажува во последно време.

Утрината Пауло кашла и се удира во градите. Очите му се црвени, а челото врело. Вика како да не разбира што му се случило. Одам со него в болница, на последната станица на автобусот број четириесет. Докторката му вели да седне на креветот и да го слече џемперот. Во таа положба стомакот му се прелева преку панталоните. Ми се чини дека е помлада од мене. Му ги слуша белите дробови и го прашува дали пуши. „Понекогаш“, вели Пауло неуверливо. Додека влегуваме во станот, Пауло ми објаснува дека Џим го поканил во Приштина. Вели дека таму наскоро ќе има фестивал. „Ако сакаш, можеш со мене. На Џим ќе му биде драго да те запознае. Ти никогаш не си била таму?“, ме прашува. „Не сум била“, велам и го гасам светлото во собата.

Попладнето поштарот уфрлува пакет низ отворот на вратата. Паѓа со тап удар. Кориците се црни, невешто дизајнирани. Правам кафе во шолјата на Џорџ To the best dad ever и седам во кујната да не го разбудам Пауло. Теута пишува за тоа како, кога била мала, ги слушала приказните на баба си. „Запомни го ова“, ѝ рекла. „Тие уништуваат сѐ што не е нивно. Палат џамии, книги, слики. Сотираат луѓе и ја бришат историјата. Никој не го прави тоа како тие.“ Наскоро, доаѓаат Џорџ и неговата нова девојка Луси. Кратко ми мавнуваат и си заминуваат во дневната. Пуштаат хитови од Елвис на лошиот грамофон, се смеат и танцуваат. Ѕиркам во нашата соба. Пауло сѐ уште спие. Ја ставам Сенка зад сонцето во торбата и излегувам.

Пијам слабо пиво, ама ме фаќа. Нема многу гости. Гледам еден слаб дечко како влегува и седнува на масата спроти мојата. Има светла коса и светли очи. Не е наш. Овде никој не е наш. Теута пишува за тоа како е убиен брат ѝ. Потоа и татко ѝ. За тоа како завршила во привремен камп во Македонија, од каде што ги пренеле во Шкотска. Пилотите и членовите на посадата носеле заштитни ракавици и маски во текот на летот за бегалците да не ги инфицираат. Штом завршам, ќе ѝ пратам имејл на Теута да ѝ објаснам која сум. Ќе ѝ кажам дека сум ја прочитала нејзината книга и дека луѓето треба да знаат. Дека ќе ја преведам. Не, дека ќе напишам сценарио и дека еден ден ќе снимам филм. Или дека ќе му понудам на Џим да сними филм за тоа. Сенка зад сонцето. Зад Сонцето. Сигурна сум дека би бил заинтересиран.

Тој ми приоѓа и ме прашува што читам. „Нешто интересно?“ – „Да“, велам. „Ама болно.“ – „Зошто?“, прашува тој. – „Ова е книга за Косово“, му велам. Гледам дека не разбира. „Таму имаше војна.“ Тој седнува спроти мене и ги склопува дланките на масата. „Жал ми е“, вели. „Ако сакаш со некого да разговараш…“ Нѐ прекинува келнерот, кој предупредува дека за петнаесет минути затвораат. Тој нарачува уште едно пиво. „Јас нејќам веќе ништо“, велам и ја ставам раката на неговото шпицесто колено. Келнерот носи пиво, кое тој го испива на екс, како чашка ракија. Ми ја придржува јакната од лажна кожа и излегуваме од пабот. „Јас сум со велосипед. Ќе те возам“, вели. – „Тешка сум“, му велам и тој удобно ме сместува во предната корпа. Ја става брадата на моето рамо и тргнува. Се плашам, ама тој објаснува дека живее близу. Никого нема на улиците. Стигнуваме до една висока зграда, тој го става велосипедот пред влезот. Не го врзува. „Цимерот спие“, вели и ме поведува до мала соба со големи прозорци што гледаат на зградата отспротива. Нема завеси. Го слекувам внимателно, како да отворам новогодишно пакетче од Петрохемија. Ми го бакнува вратот, додека му го гребам пегавиот грб.

„Мојот цимер е од Кенија. Дојден е ваму за докторат. Многу работи и рано си легнува. А ти? Живееш сама?“, ме прашува додека делиме цигара пред отворениот прозорец. – „Не, живеам со еден Шкот“, велам. „Тој е ѓубреџија. Waste collector. И со еден дечко од Бразил.“ – „Кул“, вели тој. Ми ја придржува вратата, додека ги навлекувам тесните чизми преку глуждовите. Овде луѓето не се гушкаат, па кратко му мавнувам и тргнувам по скалите. Се обидувам да се сетам како се вика за да го зачувам. Можеби никогаш не го ни прашав. Над неговиот телефонски број запишувам Џим.

За среќа, живее многу близу до нашиот стан. Се надевам дека ќе можам да се поткраднам, а никого да не разбудам. Ја стискам излитената торба и сфаќам дека е празна. Ја нема книгата на Теута Пирева. Ја нема сенката зад сонцето. Сум ја изгубила. Стигам до зградата и го барам клучот. Показалецот ми минува низ дното на торбата. Го притискам копчето на интерфонот. Сонлив машки глас ме прашува: „Кој е? Who is it? Quem é?“ Молчам. Сеедно, вратата се отвора.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Бојана Бабиќ

Бојана Бабиќ е родена во Панчево, 1990 година. Завршила основни студии по драматургија во Белград и магистерски студии по филм на универзитети во Португалија, во Шкотска и во Естонија. Пишува проза, филмски сценарија и театарски дела. Објавувала кратки раскази во зборниците "Рукописи" и "Одакле зовем", наградувана е на конкурсите Улазница 2013 и Стеван Сремац 2015 година. Живее и работи во Талин.

 

 

ažurirano: 04/02/20