Слободанка Боба Ѓудерија

 

– Се вакциниравте ли?

– Да – одговорив, ненадејно пронижана од чувство на вина.

– Колку пати?

– Два.

– Двапати?

– Да.

– А, зошто не се вакциниравте и третпат?

Почнав грозничаво да нагаѓам кој одговор би можел да биде точен. Не знам ни зошто се вакцинирав, а камоли зошто не се вакцинирав. На крајот на краиштата, тој е мајстор. Електричар. Што и да треснам, белки нема да ми ги откаже услугите поради тоа? Дојде по препорака на мој добар пријател.

– Ќе видиш, човекот е мек ‘ко лепче и ептен чесен. Нема да те одере, тоа е сигурно – храбар беше Марко опишувајќи го. – Такви мајстори денес веќе нема, веруј ми!

Му верував и, сега, со интуиција на очајничка на која половина светло во станот со години не ѝ функционира, се обидувам да го смислам одговорот што нема да го одврати Мајсторот од воведувањето ред во мојот домашен електроинсталациски хаос.

Се решив за искреност.

– Па, не знам, всушност, зошто не се вакцинирав и третпат. Не се сеќавам. Можеби зашто во тој миг сметав дека веќе нема потреба. Короната и онака ја добив и ја прележав. Како и секој чесен Хрват – додадов будалесто, обидувајќи се, како и обично, да ја амортизирам неугодната ситуација со хумор. Хуморот отсекогаш ми беше најдобар имагинарен пријател.

Тој влетуваше секогаш кога требаше. Понекогаш и кога не требаше.

Ме гледаше. По ѓаволите, се чувствувам како некој во моментов да одлучува за мојата бедна и, инаку, ненаклонета судбина.

Како воопшто се најдовме во овој апсурден дијалог? Кога стигна, го прошетав низ станот, според чија состојба можеше на прв поглед да се заклучи речиси сè што е важно за мене – живее сама, нема баш многу пари и има две леви раце.

Одеше пред мене ѕверејќи се на сите страни како инспектор по заштита на трудот, повремено наведнувајќи се за да не удри со глава во довратникот. Цело време со полупотрошениот дрвен молив во мал бележник запишуваше што и да запишуваат мајсторите во малите бележници. Моливчето и бележникот ме охрабрија. Човек што со мал дрвен молив запишува работи во мал бележник, едноставно не може да биде лош. „Ни скап“, додаде во мојата глава оној дел од мозокот задолжен за математика и за домашен буџет. Скапоцена трошка.

Со страхопочит на личност што има две леви раце и воопшто нема техничка интелигенција, му се мотав зад грбот, молејќи им се на сите богови во кои не верувам, а не верувам во ниеден, значи ги има многу и би требало да помогнат, Мајсторот да ја процени ситуацијата во моја корист. Пред него веќе двајца мајстори ме одбија. Не им се исплати, велат. И да сакаат не можат да ме одерат, само кожата од мене, а во години сум кога баш и не се тепаат за кожата.

Како од таква безопасна ситуација одеднаш се најдовме на масата, јас во својство на испитувана и осомничена, а тој во својство на себе? Мислам дека почна со моето брзоплето: „Да не сте за кафе?“ Сакав да го одоброволам, за не дај боже.

Го прифати кафето, а јас, сакајќи да водам некаков small talk, леле, ги споменав ситните здравствени тегоби поради кои докторката ме упати на систематски преглед. Зошто не почнав да зборувам за времето? Елем, од систематскиот преглед до прашањето за вакцинирање има мал чекор, и тој подготвено зачекори.

Моето: „Не сметав дека ќе ми треба трета вакцина“ му послужи како отскочна штица. Море, каква штица, трамбулина. Скокна и – нашиот разговор отскокна во ненасетени антиваксерски височини.

Беа потребни околу шест минути small talk за да сфатиме и двајцата дека пиеме кафе со природниот непријател. Сркна од кафето и рече:

– Систематски, а? Сега ќе ви објаснам каква измама е официјалната медицина. И плус ќе ви дадам неколку добри совети како да ги избегнете нивните измами.

И по цена на тоа да останам да живеам во вечниот мрак на незнаењето за официјалната медицина и мракот на непоправените електрични инсталации, ја кренав раката.

– Не, нема. Не лутете се, ама навистина веќе не можам да го слушам тоа. Инаку, советите ги ценам само кога ќе ги побарам.

Сама себеси се запрепастив од авторитативниот тон, кој инаку баш и не ми е својствен. Денешната младина би рекла, „издоминирав“. Веднаш зажалив. Глупачка! Сега ќе почне препукувањето, а тој ќе си замине и – чао за сите поправки! Барем прво да почнеше со работите, па тогаш да почнев со разговор. Вака, на почетокот беше Словото, а потоа останав без Светло.

Ја спушти главата, се загледа во шолјата пред себе. Малку го прочисти грлото. Почувствував како сите мускули во телото му се напнуваат. Боже, сега кога ќе почне да ме убедува, сосема игнорирајќи го моето барање за поштеда од тие теми. Сега кога ќе почне да ме вакцинира. Потоа прозборе.

– Се извинувам, во право сте. Не требаше да почнам со тој муабет. Уште еднаш се извинувам. Туку, да се вратиме на работата. Сега ќе ви направам попис, грубо, трошоци за материјал и за рака.

Моите одбранбенонапнати мускули се збунија и неславно се издишаа. Не стигнав да се начудам докрај, продолжи и ми ја кажа цифрата.

Зјапав во него.

– Видете, Мајсторе, тоа е нереален износ. Па, не можете ни патните трошоци да ги покриете со тоа!

Нешто промрмори.

– Чекајте, не слушнав што рековте?

– Велам – продолжи со мирен глас – дека верата ми забранува да пљачкам луѓе.

Прснав во смеа. Уште и духовит е – види го! Верата ми забранува! – во кругот во кој се движам тоа секогаш значи заебанција. Ме погледна сериозно.

– Не се шегувам.

Пак зјапав.

– Леле, извинете, навистина, не сакав да се потсмевам. Ги почитувам сите! – возвратив панично, свесна дека во моментот звучам како сите оние од социјалните мрежи што ја почнуваа реченицата со „ги почитувам сите…“, но потоа доаѓаа до она „но“. Јас барем го немав тоа „но“, се тешев. Или барем мислев дека го немам.

– Значи, вие сте верник? – со тон како да го прашувам: „Значи, вие им продавате хероин на децата пред основните училишта?“

– Да. Верник, Хрват и католик. Јас и сите мои.

Зошто ми го кажува ова сега? Можеби неговата хрватска интуиција му дојавила дека не сум само ваксерка, што е доволно лошо, туку и производ на мешан брак. Чекај, чекај. И ние националност за трка имаме.

– Јас сум атеистка од мешан брак и за време на војната хрватските војници сакаа да нè исфрлат од станот. Ни рекоа дека Хрватска не е наша земја, па ни станот не може да биде наш.

Молчеше.

– Мислам, што се однесува до станот – продолжив – ако сум јас пола-пола, ако српската страна на моето семејство немаше право на станот, белки хрватската имаше. Така што би било чесно да ни одземат само половина стан.

Ме погледна.

– Вие од сè правите зафрканција, а? – рече.

– Па, што да правам. Некој пие, некој се дрогира, јас се зафркавам. Треба да се преживее.

– Жал ми е, жал ми е што сте го преживеале тоа – рече тивко. – Срам ми е. Јас не сум од оние што веднаш почнуваат да зборуваат: „Тоа не биле хрватски војници.“ Беа, беа. Знам јас. И тоа треба да се прифати. И да се признае. Војната, што сè сум поминал и сум видел… На моите сè им беше запалено, таму на село. Сè гореше.

Нагло стана, се рашета по кујната и со едвај чуен глас додаде:

– Бев на работ од бездната.

Чекав, наполу преплашена. Не бев сигурна дека сакам да слушнам за таа бездна.

– Бев на работ од бездната. И да не беше свештеникот и верата, денес не би разговарале овде.

Ми го сврте грбот и со брзо движење на раката ги избриша очите. О, мајко моја. Што е сега ова.

Мојот хумор веднаш детектираше претешка ситуација и помислив – да не е антиваксер, Хрват и верник, сега би го прегрнала. Малку фалеше да му го кажам тоа. За среќа, навреме запрев.

– Сакав да ви кажам, знаете, дека не е секој родољуб усташ.

– Јас и не мислам така – додадов брзо. Можеби малку пребрзо. Наеднаш имав огромна потреба да му покажам дека ние „од другата страна“ не сме лоши луѓе.

– И не е секој верник глупав и фанатичен.

–Знам, знам, никогаш не сум мислела дека…

– Само кај нас левицата и десницата се мразат и се гледаат како непријатели – додаде.

– Навистина – едвај дочекав. – Но, знаете, јас не сум таква. Не ми е најважно некој да е „наш“. Туку да е човек. Макар бил и од другата страна, ме разбирате што сакам да кажам?

– Разбирам, разбирам – кимаше со главата.

Се гледавме в очи и помислив дека тој и јас во некој друг контекст, во некоја друга земја, можеби би биле многу добри пријатели. Да се сретневме, да речеме, пред да нè ранеше балканската и коронска судба. Можеби и тогаш би биле на различни страни, зашто тие страни секогаш и секаде постојат, но и покрај нив би можеле да бидеме пријатели. Добро, идеализрам. Но, еве, можеби барем не би се доживувале како непријатели. Колку прекрасно би било тоа. Нека целиот овој свет…

– Вие сте добра личност – ме штрекна од моите Јалта, Јалта застранувања неговиот одеднаш необично мек глас.

– Ви благодарам – одговорив и среќна и збунета.

– Што се однесува до работата, ви одговара ли задутре наутро?

– Секако – реков.

Имав потреба да му кажам уште нешто, уште сешто да му објаснам, а не реков ништо освен, повторно:

– Ви благодарам. И за цената знам дека можевте да ми наплатите двојно.

Застана и, не гледајќи ме, отклучувајќи ја вратата од својот автомобил, дофрли:

– Да не сте неверничка, ваксерка и само половина Хрватка, ќе ви беше и поевтино.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Слободанка Боба Ѓудерија

Родена сум на 2.11.1963 во Шибеник, на Денот на ослободувањето на Шибеник. Од 1965 живеам во Сплит. Првите јавни литературни почетоци ми беа на блогот Marchelina и во „Слободна Далмација“, каде што објавував хуморески во подлистокот „Помет“, под уредништво на Ќиќа Сењановиќ. Сум пишувала колумни за портали и за печатени медиуми во Хрватска, во Србија, во Босна и Херцеговина. Авторка сум на неколку збирки раскази, на две збирки поезија и на еден роман. Членка сум на Хрватското друштво на писатели.
Контакт: Patreon https://www.patreon.com/c/Bobaduderija

 

 

ažurirano: 03/03/25