Надиа Герас

 

 

Го расфрли месото од сандакот по цела куќа. Летно време, брзо засмрде.

Кој би го јадел ова? Ако го преживеам ова, веќе не јадам месо, се зарекувам. И така во шеесет и петтата стана вегетаријанка. Кога почна сѐ, се собраа сите и побегнаа пред војската што грмеше во далечините.

Каде би одела? Требаше да се грижи, шталата полна. Големи горештини. Наточи вода во кантата, секаде каде што имаше место. Да не скапе добитокот од жед. И го ослободи.

За секој случај.

Што ќе ѝ направи војската? Од што би се плашела?

Синот ѝ загина во војска. Првите години од војната.

Не се знаеше кој го убил. Неговите или нивните. Не се согласуваше ни со своите ни со нивните.

Ѝ го донесоа да го исцелива. Му замотаа завој околу главата. Кога го положија на креветот, почна да му ги собува чевлите. Беа калливи. Некое момче остана со неа сѐ додека не го истера од сопчето. Не се противеше многу. Го имаа пратено да ѝ помогне, ама таа не е од оние на кои треба да им се помага. Не плачеше, не врискаше и не паѓаше во очај. Само сакаше да биде насамо со него.

Ги спушти зелените платнени ролетни на прозорците и вратата ја потпре со столче. Чу движење во ходникот, лелекањето на снаата, која си го изгуби мажот, гласот на внукот, кој пробува да ја смири мајка си. Уште ништо не разбира.

Таа му ги собува чорапите. Стапалата убави, ниеден плускавец нема. Како некој господски син. Ги покрива сепак. Му го наслушнува срцето. Тивко е. Знае таа што значи тоа, ама сепак му го трга од устата повојот што ја прекрива. Го прави тоа брзо, со надеж што уште побргу ја напушта.

 

Шарлах доби околу четвртиот роденден. Падна голем снег. Високата температура три дена не го пушташе, го замотуваше целиот во ракија за да ја извлече горештината од него. Сета работа ја остави и се затвори со него в соба. Му ги броеше вдишувањата. Ги дочекуваше со радост оние длабоките, а се будеше кога ќе го преземеа оние кратките. Опасните.

Четвртиот ден рече, „Јас сум, мајко, гладен“.

Ракијата извлече сѐ.

 

Оваа мака за ракијата е претешка.

Остана со него така во мир додека ударите на вратата не се засилија и повикувањето не стана толку гласно, што сама себеси не можеше да се чуе.

Остана крај него во собата и кога го однесоа, и по погребот на гробиштата, и меѓу сите оние луѓе што дојдоа нешто да ѝ кажат.

 

Го виде скриена меѓу пченките. Беше многу млад. Воената униформа преголема. Се одвои од групата што кружеше околу куќата и тргна право кон неа. Како да знаеше каде се крие.

Беа гласни како и сите ослободувачи. Се тргна од нив веројатно за на мира да се измоча. Ја виде кристалната ваза. Се наведна, ја подигна, ја погледна и нежно ја спушти. Имаше црвена дамка на образот. Онаа со која се раѓаш и која никогаш не те напушта. Само со време малку потемнува, да те мачи секое утро. И потсеќа дека си среќен зашто, ете, можело да биде и полошо. Погледна за миг околу себе и погледите им се сретнаа. Се сепна и тргна назад.

„Не ти правам ништо“, викна таа.

„Ти ебам!“, беше единственото нешто што рече пред да ја симне пушката од рамо и почна на ѓутуре да пука по пченката. Не ја погоди, а ни неговите другари, кои, исто така, запукаа. Кога падна ноќта и таа остана сама во ослободеното село, се завлече во плевната и во мирисот на летото заспа. Се разбуди петнаесет години подоцна со рак на белите дробови.

 

Колку беше убав кога дипломираше. Се облече тогаш и таа убаво. Бела кошула со сини ситни цветчиња. Ја симна марамата од глава. Таа шамија носеше постојано, не затоа што беше покорна и скромна жена, туку за да ѝ ја чува косата од правта и сеното.

Се возеа во Aмито до Загреб.

Сите што во војна тргнуваат, мислат, нема баш нив, а родителите дека нема баш нивниот син. Таа не беше од тие. Знаеше, ако почне војна, нејзиниот син ќе загине. Тие што имаат карактер први страдаат, па со јанѕа ги слушаше воените труби што ечеа на телевизија. Сакаше каубојски филмови, неделно попладне, оној спикерот со длабок глас и спикерката што имаше ќерка Срна и син Исток.

Тоа со имињата ѝ се допаѓаше. Во нејзиното село како да имаше само едно име за машки.

Пред војната телевизијата ѝ се згади. Кога ќе ја вклучи, се кара со неа, не ѝ останува должна, туку колне и проколнува.

Го тераше да оди во Австралија, Канада, каде било. Додека уште се можеше. Можеше каде што сакаше со толкави школи, ама не, нејќе тој. Не знаеше тој ниту разбираше дека таа војна може да биде толку страшна. „Паметни се луѓето, не се будали“, ја смируваше кога таа ќе започнеше со тоа.

Кој уште слуша мајка. Ајде ти биди мајка и препушти му на детето безглаво да оди во пропаст, а да не опоменуваш и да не лелекаш.

 

Во селото по Луњата се врати само Даница, нејзе во Србија не ѝ се допаднало, па некое време живееја заедно кај неа во старата куќа.

Мислеше дека никогаш нема да се смее, ама Даница знаеше да ја насмее.

Ги зачува радијаторите од големата куќа од првиот налет на пљачкашите. Смрдеата ги истера.

Кога дојдоа по вторпат, не обрнуваа внимание на смрдеата. Ги симнаа радијаторите, внимателно ги натоварија на камион и ги одвезоа. Се помачија само околу печката за централно, затоа што беше тешка.

Кристалите што ги посеа по полето со пченка зад куќа, ги собра едно утро и ѝ ги прати на снаата во куфер, заедно со нешто малку пари што ги чуваше и криеше за не дај Боже. А тоа не дај Боже дојде. Кристалот не го миеше нешто детално пред да го спакува. Се имаше завлечено земја во оние длабоки засеци и кристалот малку ја имаше променето бојата. Би требало со четкичка да се чисти. За тие работи не се грижеше ни кога беа во витрината.

Сега ја потсеќаа на времето кога кристалните садови имаа некаква смисла. Затоа ги праќа, да им се најдат во новиот живот. На снаата и внукот.

Ги замота во свадбена бовча со реси.

Не сакаше в болница.

„Рак ли е?“, го праша докторот. Не го запозна докторот поради себе, туку поради внукот. Беше болежлив од раѓање, па се спријатели со докторот. Доаѓаше на колбаси и домашна храна во нивната куќа.

„А што да ви кажам.“

„Нема врска, докторе“, го тешеше. „Имам уште малку работа да завршам. Само не праќајте ме во болница. Дома ќе средам тоа.“

В болница ја одвезоа кога веќе не можеше да дише, па падна на скалите. Даница повика брза помош и таа се најде во соба со пет кревети. Пак можеше да дише.

И тие што скокаат в море да се убијат и удават, претаат во потрага по уште еден здив. Никој не скокнува, па едноставно престанува да дише. Дишењето само својата волја ја има, па и таа жедно го прифати кислородот.

Знаеше дека свежиот воздух е важен, ама овој во боцата ѝ направи чудо, така што се поткрена во креветот. Ги слуша жените во собата. Ги набљудува оние што ги посетуваат. Им ги гледа торбите со украси. Злато се носи. Лакирани нокти ѕиркаат од сандалите. Денес и на малечките дечиња им ги лакираат ноктите. На тоа се чуди таа од својот кревет. Се чуди и на тоа што сите носат чоколади, ментол-бонбони и сокови. Секоја болна цел дуќан има настегано во малото креденче крај креветот. Сокови во тетрапак наредени по масичките. На нејзиното креденче ништо. Таа сето свое си го стави во фиоката. Ѝ нудат и нејзе, ама таа никогаш не била по слаткото, се заблагодарува, ама не зема.

Го препозна уште од врата. По црвенилото на образите. Само сега окрупнел. И лицето малку му се раширило, црвенилото како малку зголемено и набрекнато.

„Ајде, бабо, те возам на рендген.“

Беше нежен. Клекна да ѝ ги најде влечките под креветот и количката ја приближи до креветот, па почна да ѝ дава насоки.

„Фати ме ти мене, бабо, околу вратот, така ќе ти биде полесно.“

Кога ја смести во количката, го поправи креветот да не го остават така истуткан и гол, и тоа ѝ се виде убаво. Се гледа, убаво воспитан.

„Фала, синко.“

Ја возеше во лифтот. Ја туркаше по долгите мрачни подруми на болницата, ја влечеше дури и по скалите, а потоа седеа еден крај друг и чекаа на ред пред рендгенот.

„Одам да запалам една. Ќе останете тука или и вас да ве истуркам на воздух?“

„И јас ќе дојдам со тебе, синко.“

Ја истурка на малото плато пред металната врата за достава и седна на ѕитчето. Извади кутија цигари.

„Не е здраво, ама годи. Не ви нудам. Вие не би смееле.“

Таа се смее.

„Од каде си ти, бабо?“, прашува помеѓу два долги дима.

„Од селото во кое беше и ти. Беше крај мојата куќа. Ја најде мојата ваза. Не сакав да те уплашам.“

„Пукав ли јас по вас?“

„Пукаше.“

„Оф, леле, колку ми е драго дека не сум ве погодил.“

 

Утредента ја одвезоа на некој друг преглед.

Рекоа: „Не смеете да се мрднете додека не ви кажеме дека смеете“. Едвај го издржа тоа. Ѝ беше жал што не дојде тој да ја вози. И по малку жалеше што му рече дека бил кај неа.

Тој е единствениот тука што го познава. И сега го избрка од себе.

Кога ја вратија по тој долг преглед, на нејзината масичка ја дочека мала кристална ваза и три виолетови меури хортензија.

Ги набрал во својата градина. Го знаеше тоа.

Ѝ беше драго за цвеќето, а жал за вазата.

Не е белки дека ја купил, се загрижи.

Попладнето дојде облечен во тренирка и свежо избричен. Седна на нејзиниот кревет и ја фати за рака. Имаше големи дланки, а нејзините сосем се имаа вовлечено во себе, само малку венички намотани околу коските. Како никогаш да не работеле и товарот на животот нејзин како да не го носеле.

„Не требало.“

„Мајка ми ви ја испрати вазата, а јас го набрав цвеќето. И нејзе ѝ е драго дека сте жива.“

 

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Надиа Герас

Надиа Герас е родена во Франција, во 1963 година. Дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Белград, филмска и ТВ-режија на Академијата за драмски уметности во Загреб. Двапати станала мајка. Четирипати останала без својот јазик. И покрај тоа и понатаму пишува. Контакт: nadiageras@gmail.com

 

 

ažurirano: 01/02/20