Анета Тасевска Петрушевска
Јурумлери, 2019. Во домот на семејството Ристовски наутро секогаш мирисаше убаво. Од кујната допираа мириси на пита, мекици или зелник. Виновникот за тоа ова утро се исправи над своето дело. Жолтеникаво-златната боја ѝ се смешкаше на жената со црвени образи, мајка на три деца. Вртената пита испаруваше и се смешкаше. Откако заврши восхитувањето, ја покри со крпа, одозгора стави една помала тава и ја изнесе на балконот.
„Само една минута да се излади, а јас за тоа време ќе ја поставам масата.“
Минута подоцна, населбата која се протегаше покрај пругата ја разбуди силен женски крик. Се стрчаа трите деца, нејзиниот маж Венко и соседите.
„Што е, Наде?“, праша сосетката Марица.
Наде седеше покај масата на балконот, лута и збунета. Децата беа во куќата, мали се, би се изгореле, Венко беше во подрумот и зошто би сторил такво нешто, мачката не може да ја грабне цела тава. Размислуваше и размислуваше, но виновникот за исчезнатата пита не го откри.
„Штета за питата, штета, ама ти и онака не даваше да пробаме“, се пошегува соседот Мите, кој случајно минуваше покрај куќата враќајќи се со полни торби од пазар.
Тоа не беше единствената работа која исчезна од населбата. Таа недела кошулата на соседот Мите, која жена му ја распрострела на жиците надвор да се суши, едноставно ја снема, исто и ќебето од дворот на Стаменови, кое Марица го изнела да го истресе. Од кокошарникот на Раде скоро секој ден недостигаа јајца, а потоа на крајот од неделата ја снема кокошката која Наде ја вареше во голем покриен лонец на шпоретот на балконот.
„Е, ќе те фатам“, луто рече таа, „зошто само од кај мене храна да крадеш?! Што не ја зеде кошулата на Венко. Стара е, а не сака да си купи нова.“
Потоа во мислите малку горделиво додаде, „Бидејќи сум највредна и најубаво готвам“ и отрча кај сосетката Добринка на кафе, да се пофали со својот заклучок.
Наредните денови истражуваше. „Животинче не е, човек е, само човек може да направи толку лошо. Храна и облека, или му треба, или сака да наштети“, размислуваше додека сомнежливо ѕиркаше во дворовите кога се враќаше од пазарење. Да не го видеше Мите како се враќа од пазар со торбите, сомнежот ќе паднеше врз него.
„Шегобиец е голем, но и многу скржав. Ништо не им зајмува на соседите, а сака наутро да дојде на ракија кај Венко мој.“
Потоа забележа дека црвената сардела која минатата недела падна од балконот и чијашто саксија се скрши беше засадена во друга, која не ја препознаваше. За доброто дело му се заблагодари на сопругот додека тој гледаше вести, и затоа само промрморе нешто и ја заврте главата кон телевизорот.
По неколку дена повторно се слушна женски крик во населбата. Сега Марица ја обвини Наде дека ѝ ја украла саксијата. За да ја смири и да ја испраша, Наде ја покани на кафе и торта, но освен фактот дека Марица таа саксија ја фрлила во купот ѓубре во дворот, не дозна ништо друго. Истиот ден Раде се пофали дека нашол десет евра фрлени во неговиот кокошарник. Тоа уште повеќе ја разлути Наде.
„Нему десет евра за десетина јајца, мене украдена саксија за вртена пита и кокошка. Неправда. Кој и да е, не го цени мојот труд“, негодуваше таа.
Една вечер, во подрумот на соседот Новица беше откриен крадецот. Се собра целото маало да го види. Младо црномурно момче, со насолзени очи, седеше стуткано во ќебето на Стаменови. Најстариот син на Наде беше викнат да преведува бидејќи момчето нешто кажуваше, но детето им откри дека крадецот зборува француски.
„Од утре и тој јазик ќе го учиш“, рече мајка му разочарано.
Решија да го остават во подрумот додека не откријат кој е младиот крадец. Следното утро ја донесоа учителката од блиското училиште и таа им кажа неверојатна приказна за студентот кој бега со надеж дека ќе го спаси својот живот и ќе ја пронајде својата сестра, која исто така избегала од виорот на војната.
„Е, тука за живот треба многу работа, дете“, му рече Ристе на студентот, „но ако сакаш, остани. Почнува летната сеидба, ќе ни треба помош. За возврат ќе имаш кревет и плата.“
Потоа се закараа соседите кој да го угости и да му помогне на младиот човек, кого животот меѓу куршуми и урнатини не го штедел.
„Кај нас ќе остане“, го прекина Наде, а учителката преведуваше, но непоканетиот гостин учтиво се заблагодари и ги кажа своите намери. Планираше да го продолжи својот пат. Имаше немир во душата додека не ја открие судбината на својата сестра. Единствено таа му остана.
Како што се појави, така по два дена и исчезна. Повторно ја снема питата на Наде, но на масата на балконот имаше букет пролетни цвеќиња.
„Никој не знае каде ќе нѐ однесе патот, денес сум јас овде, утре може да бидеме како него, младо дете оставено само на себе.“
Никој не знаеше и дека секое утро додека не замина непоканетиот, добредојден, селски гостин од далечна земја, Наде стануваше малку порано од вообичаеното и месеше по две вртени пити, оставаше трошка добрина скриена меѓу две тави на балконот.
Анета Тасевска Петрушевска
Анета Тасевска Петрушевска е родена 1983 г. во Скопје. Детството го минува во родното Сопиште, местото што засекогаш ќе остане нејзината најголема инспирација.
Средно училиште завршува во ДСУ „Владо Тасевски“, насока – техничар за ПТТ сообраќај, а дипломира на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како инженер по електротехника и информациски технологии. Денес работи како електроинженер. Пишува поезија и проза. Омилена книга ѝ е "Петтата" гора од Паоло Коељо.
ažurirano: 04/02/20