Бојан Тодоровиќ
Таа саботна ноќ алармот ѕвонеше во време кога обично лежам в кревет. По утринската рутина, седнав во автомобилот и тргнав на пат. Секој петнаесетти во месецот има панаѓур во Шид, гратче во Срем на српско-хрватската граница. Возењето до таму одамна е веќе научено, секоја нерамнина, секоја дупка, необична крошна или смешна куќа. Сонцето почна да излегува и небото изгледаше како да е цртано со пастелни бои, поубаво од кој било залез. Расцутените листови сончоглед почнаа да се исправаат. Правеа мислите расеано да се расејуваат по августовскиот панонски пејзаж. Без оглед на моето уживање во автомобилот, секое одење на панаѓур ми делуваше како мачење, требаше да имам најдолг распуст во животот, да полагам приемен за факултет како моите врсници, но болеста на татко ми си поигра со нас подолго отколку што очекувавме. Кога го завршив училиштето кон крајот на мај, ја презедов пазарската работа зашто тато се разболе. Меѓутоа, како што поминуваше летото, се ближеше и неговото закрепнување, па одлучив да ја напуштам Србија кога ќе оздрави. Надвор веќе потполно се раздени додека чекав во ред пред куќичката за плаќање на своите два метри тезга. Иако сонцето ја пржеше шофершајбната, ветерот дуваше толку силно што ми беше неопходен елек. Зрната песок и земја ми влегуваа во сите пори на телото, дури и во устата, па забите ми произведуваа звуци како да се кршат едни со други. Го паркирав автомобилот и преминав отспротива под шаторот да испијам кафе и да се разбудам. Само неколку маси беа зафатени. Покрај шаторот веќе се печеа десет јагниња и пет прасиња. Кај шанкот на една од масите седеа пријателите на татко ми, Марко и Пинки, па им мавнав, а потоа седнав на нивната маса. Двата лика, во раните педесетти, навалени во столовите ги галеа своите папоци на исфрлените дебели, влакнести стомаци, ги извадија апостолките и ги ставија босите нозе преку нив. Одвреме-навреме ветерот ќе дувнеше и ќе турнеше некој чадор, а жарот под прасињата и јагнињата ќе се распрснеше во воздухот во портокалово-сивкаста боја и се лепеше по рацете на луѓето наоколу, па тие дуваа во него за да се отарасат. По улицата помина мустаклест човек кој нудеше сончоглед, кикирики и чоколатца, извикнувајќи во некој чуден ритам. Вревата се зголеми за неколку децибели зашто полека луѓето пристигнуваа на панаѓурот. Кога почнав да ја истоварам својата стока, Марко и Пинки ми рекоа дека сум луд што го правам тоа, подобро да му дадам сто динари на еден од „црномурестите“, кои тивко се моткаа наоколу. Марко набрзо ми одржа лекција за ордите луѓе кои се намерачиле во Европа да земаат туѓи работни места и ја менуваат нејзината демографија. Пинки додаде дека кога веќе сме им дале некакво засолниште, можат и тие нешто да придонесат. Овие реченици по автоматизам одѕвонуваат секаде, од шаторот, преку кафулето, од продавачите на пазарот или гимназиските професори, таа зараза луѓето ја пренесуваат како стаорци, излегува од нивните усти како смрдеа. Излегов од шаторот, а потоа го отворив гепекот и почнав да изнесувам сѐ. Прво ја изнесов металната конструкција на тезгата, составена од десетина метални шипки со закачалки на дното и врвот. Кога ја монтирав, на неа ставив дрвена летва како држач, а потоа две големи бели милјеа кои имаа цветна шара извезена со црвен и зелен конец. Полека почнав да ја изнесувам на тезгата сета стока за земјоделски машини, почнувајќи од поголемите елементи како карданот, а потоа пумпата за вода, пумпата за масло, фаровите и останатото. Во еден миг на тезгата на Марко и Пинки се појавија двајца момци кои почнаа да ја изнесуваат содржината од својот автомобил, додека овие двајца и понатаму седеа под шаторот и пиеја пиво. Момците интуитивно пакуваа по тезгата, еден разни видови чорапи, а другиот прашоци и разноразна козметика. Инаку, илјадници луѓе како нив двајца со недели се моткаа на просторот околу панаѓурот, зашто на само два километри одовде се наоѓа бегалски камп, еден од многуте на границите на Србија со соседните земји. Сместени се во камп ограден со жица којшто потсетува на логор. Еден од нив, кој ја изнесуваше стоката за широка потрошувачка, заврши со работата и отиде под шаторот да ги земе стоте динари од Пинки. Другиот се мачеше со чорапите, па му кимнав со главата и промрморев нешто како „еј“, а тој збунето ги затвори очите како вид гестикулација. Ме праша на англиски дали ми треба нешто, а јас реков дека не треба и го прашав што прави овде и како се вика. Во тој миг, се појави постар човек пред тезгата да праша колку чини AC-пумпа за трактор IMT. Гледајќи во момчето покрај мене, искоментира да се пазам да не се крене во воздух и сите да нѐ убие. Елем, татко ми има суеверен обичај да му подари на првиот муштерија што било што сака да купи заради што поголем пазар. Јас на овој дедо пумпата што ја сакаше му ја наплатив 25 евра наместо 20, колку што инаку чинеше. Генерално, цените ги одредувам произволно, не се држам фиксно, како што ми издиктира татко ми. Ги набљудувам луѓето кои се движат по улицата и доколку страствено погледнат во некој производ од тезгата, веднаш знам дека долго го бараат и дека се спремни да платат многу повеќе отколку што всушност вреди. Марко се врати и му се развика на момчето кое му ги местеше чорапите, а јас страсно влетав во расправата и му реков да го остави на мир, дека му дал невозможна задача да намести сѐ како што сакал. Марко нѐ опцу обајцата, па јас му реков да се носи и тргнав да го испратам овој во некој случаен правец. Ми се заблагодари и рече дека се вика Абед, дека е во кампот веќе еден месец, дека волонтерите му даваат храна зашто сите пари ги потрошил на подмитување полицајци во Грција. Претепан е кога се обидел да влезе во Унгарија, па слушнал дека во Шид се попопустливи и дека некако ќе се дограби до Европската Унија, за да дојде на крај во Германија. За миг застанавме.
„Кого имаш во Германија?“, го прашав.
„Никого од роднините, но еден пријател од интернет ми вети дека ќе ме прими кај него на неодредено, додека не се снајдам…“
„Аха, а со што се занимаваш?“
„Со новинарство. Работев во едно сатирично списание, пишував колумни, а со години цртам карикатури од хоби. Не ги објавувам зашто не сум толку вешт. А ти? Пазар?“
„Ах, не прашувај. Татко ми е болен па го менувам, наскоро и јас ќе одам во Германија кај тетка ми. Работев во градежништвото, имам и измамничко искуство од пазар, белки ќе најдам некаква работа, ха-ха.“
„Ха-ха. А јас никогаш не сум работел нешто друго освен пишување, ниту сакам, плус, врзан сум за својот јазик којшто го сакам, неговата музика која со години ја истражувам и зборовите кои ги нижам на хартија како бисери. Не можам да замислам да пишувам на кој било друг јазик, не поминува ни еден ден да не се запрашам зошто воопшто тргнав и каде. Ти во Германија барем ќе бидеш работник, а јас едно големо Ништо.“
„Еј, не претерувај, секогаш можеш да бидеш карикатурист.“
Се насмевна. Помислив дека шегата ќе го навреди, но сепак успеа да се издигне од своето страдање и да му се насмее в лице. Беше многу слаб, со вжарени образи и малку искривен нос, го замислив како работи некоја физичка работа и тагата ми се вовлече во телото како влага во ѕидови. Не знаев ништо за војната од која доаѓа и во тој миг ништо не ми беше важно освен тоа што се чувствував непријатно зашто никако не можам да му помогнам. Му реков:
„Види, јас сум за најмногу три месеци во Германија, ако ти затреба што било, запиши го мојот број, сигурно ќе го користам некое време додека сум таму.“
„Договорено, ако воопшто некако се пикнам таму“, одговори.
Стоев во место додека тој си заминуваше. Одеше со спуштена глава меѓу тезгите, повремено шутирајќи камења на улицата од чакал и не констатираше никого, додека сите зјапаа во него, таков, парталав и забавен. За миг ми се причини, каква иронија, дека е прекрасно да се биде бегалец. Никој не те познава, можеш да мочаш или да плукаш на улица, мештаните секогаш ќе зборуваат дека всушност и си го направил тоа. Вревата од луѓето се мешаше со музиката која доаѓаше од неколку звучници и правеше какофонија што не можев да ја поднесам. Одеднаш се уплашив за својата тезга и стоката на неа, па брзо отрчав назад. Денот продолжи вообичаено, луѓето доаѓаа и си заминуваа, главно повеќе прашуваа глупости отколку што купуваа работи. Сонцето беше во самиот зенит и ветерот ја донесуваше топлината во бранови. Насекаде имаше прашина, а јас седев на работ на својот ширум отворен гепек и од него ги поздравував купувачите. Го набљудував човекот спроти мене кај скарата како ја брише потта со подлактицата, го чепка носот и ги пика рацете во свежото месо за да направи плескавици со нив. Помеѓу нас двајца воздухот се матеше од врелина и глетката беше иста како кога го гледаш неодредениот простор над асфалтот на трките од Формула 1. Околу 12 часот му се јавив на татко ми и му кажав отприлика колку пазар има и дека наскоро ќе си тргнам дома. Недели и месеци поминуваа, моето заминување во Германија се ближеше, татко ми во меѓувреме некако се избори со своите бубрези и повеќе не му бев потребен како замена на пазарите. Тетка ми прилично добро ме угости, променив веќе неколку работи овде, имам девојка и многу пријатели. Синоќа, додека бев излезен и барав место за паркинг, ми стигна СМС-порака која прво ја игнорирав во сета таа брзина, а кога седнав во кафулето и го извадив телефонот на масата, во нотификациите пишуваше непознат број и подолу порака на англиски: „Ми ја објавија првата карикатура, ха-ха. Абед.“
Превод: Иван Шопов
Бојан Тодоровиќ
Бојан Тодоровиќ е роден на 19.11.1992 во Шабац. Објавуван е во книжевните зборници "На улица газат боси луѓе" и "Сањаториум", во рамките на проектот Работилница за креативно пишување на новосадскиот CK13, како и во разни книжевни портали (Strane, Eckermann, Rez...). Неговиот поетски ракопис "Чарли или добрите момчиња од лоши држави" ги добил наградите Милутин Боиќ и Првенец. Збирката е објавена кон крајот на 2016. Бојан живее и работи во Нови Сад.
bojantodorovic.tumblr.com
instagram.com/bojancharlie
ažurirano: 04/02/20