Вериме Зимбери – Белули

 

 

Најавен неред со месеци. Спиење со страв, непознати луѓе околу куќа… Дедо ми ги гледа сите можни вести на телевизија и честопати по завршувањето на вестите тивко вели: „Нешто ќе се случи“ или „Војната е многу лоша, помогни ни Господе да преживееме“.

Се раздени на 2 мај 2001. Некаде околу 3 часот попладне почнаа да пукаат во воздух, пукотници кои ги немав слушнато никогаш. Поминаа покрај мојата куќа стотици војници одејќи кон планината, бидејќи куќата беше до планината. Луѓето изразуваа еуфорија од тоа што се случуваше, се слушаа патриотски песни од војниците и коментари на луѓето дека ја добивме војната и објавивме „слободна зона“. Неколку старци, како и дедо ми, велеа: „Војната само што почна, ништо не сме победиле, но посакувам да не изгубиме многу…“. Заврши 2 мај со еуфорија, со надеж дека сега сме слободни и раздени 3 мај… Наутро се разбудив, се спремив за на училиште… Дедо ми ми рече: „Чедо мое, а да не одиш денеска на училиште, вчера објавија слободна зона, да почекаме да видиме што ќе се случи денеска“, тивко, не сакајќи да ме уплаши… Јас инсистирав да одам бидејќи што и да се случеше, училиштето ќе работи, како што можеше да размислува 14-годишно девојче, кое немаше идеја што е тоа војна. Се спремив и излегов на улица за да ги чекам другарките од маалото  да се сретнеме и да продолжиме заедно за на училиште, како секој друг ден. Се сретнавме и само што си рековме „Добро утро!“, една на друга, започнавме да разговараме за вчерашниот настан, какво било чувството да бидеш слободен, во слободна зона, како ние Албанците ќе ги имаме нашите права, ќе можеме да се школуваме на мајчин јазик и други разговори…

Кога пристигнавме во училиште, директорот на училиштето ни рече: „Училиштето не работи оваа недела, ќе ве известиме кога ќе почне да работи“. Тргнавме кон дома… Некаде напладне вестите на македонските телевизии говореа за ултиматумите кои ги направила Република Македонија дека ќе почне со бомбардирање на некои села, каде што како прво се споменуваше нашето село – Слупчане.

По наредба на дедо ми, спакувавме малку облека, ќебиња и садови и се сместивме во подрумот на куќата на чичко ми, кој имаше околу 20 метри квадратни, во кои бевме 50 души, меѓу кои и жени, деца, старци. Таму се сместивме со надеж дека ќе седиме неколку часови. Еден час откако се сместивме, започна бомбардирањето на селото во кое беа опфатени и куќите. Ни стигна веста дека се убиени двајца селани. Како проаѓаа миговите стануваа сѐ потешки. Јас со себе ја зедов и училишната чанта, па така почнав да пишувам белешки во една тетратка, која се претвори во дневник. Со започнувањето на гранатирањето од страна на македонската војска започна и вознемиреноста на цивилното население, започна и стравот, врисоците на бебињата во колевка, треската на бремените жени, парализираните старци, ужасот веќе започна. Минаа неколку денови со гранатирање и ние веќе почнавме да размислуваме дека сигурно ќе умреме, но по кое гранатирање по ред, не се знаеше. Недостигот на вода и леб почна повеќе да се чувствува. Загинатите животни пред вратата на куќата започнаа да ги даваат своите вирални ефекти. Во текот на неколкуте минути на престанок со гранатирање, успевавме да наполниме вода, која не беше доволна ниту за пиење бидејќи веќе бевме педесетмина. По неколку денови престој во подрумот, едно ладно и темно утро, една бремена жена ја фатија болки и сите симптоми на породување.  Ја сместија во еден агол на собата и по неколку часови таа се породи. Штотуку роденото бебе умре, а жената остана парализирана за цел живот. Додека го пишував ова, жената за која раскажував почина.

Имаше моменти на ужас до 24.5.2001, датум кој ќе го паметам додека сум жива, ден кој започна со застрашувачка бука од гранатирањето, ден кој започна со гладен за леб и жеден за вода стомак, ден кога уште од 9 часот наутро врискањето стана уште поголемо, кога во подрумот каде што бевме сместени, пукна граната, создаде дим и огин, страшни гласови, викање, барајќи го секој своето дете или деца, мајките, застрашувачки моменти кога гледаш како бегаат педесетмина низ неколку мали скали, низ кои не можеа ниту двајца да поминат и по неколку минути се сместивме во друг подрум и се пребројувавме дали сите останавме живи или не… се плашевме кога ја гледавме крвта како тече како вода и се тешевме дека е доволно што останавме живи, дали има пулс… Чекајте, уште не сум завршила, знам дека чекате да ви кажам колку загинаа. Умреа многу, многу умреа. Во истиот час пукна граната и во друг подрум загинаа десетмина, најстариот 33, а најмладиот 6 месеци. Умре мајка со две деца, умре седумгодишно девојче, ми умре другарка, братучетка ми со која разговаравме за слободата на 2 мај, која ми беше и другарка од одделение, умре тоа амбициозното девојче, кое сонуваше да стане докторка и која уште од 6 одделение говореше француски, кој го научи само од книги, и наставникот по француски ја нарече „кралица на одделението“…

Дојде татко ѝ за да види каква е состојбата во нашиот подрум и одеднаш му дојде веста дека во другиот подрум ќерка му е на умирање и да оди да ја види за последен пат. Момент на кој се сеќавам е како лицето на чичко ми поцрне, како стана темно и како безмоќно стана на нозе и отиде да си ја види ќерката за последен пат. Така и бидна, само што ѝ го погали лицето, таа умре.

Пак не заврши сѐ бидејќи многу семејства се сместија во друго село, по неколку денови ужас кој го доживеавме сите, особено бремените жени. Дојде време да се породи и втората бремена жена од семејството, која се породи и умре заедно со детето. Го доживеавме и врвот на ужасот…

Дојде август, се потпиша Охридскиот договор и почнавме да се враќаме во нашите разрушени куќи, без светла. Но, барем немаше војна.

Спомените остануваат. Прашањата се вртат. Кој беше жртвата во овој случај? Кои се криминалците во оваа војна? Кој беше виновен за овој конфликт? Беше ли коректна војна кога загинаа деца?

Јас во мојата глава ги решив овие прашања. Додека го пишувам ова, се наоѓам во просториите на Здружението за развој на заедници, за меѓуетничка соработка, за соживот меѓу луѓето, без разлика на националноста. Со моето учество на тренинзи за мир во Република Македонија јас научив многу, запознав многу Македонки, кај кои не гледам никаква разлика од себе. И тие се луѓе како јас, и тие се погодени од конфликтот, и тие биле жртви на војната како јас. Има од тие кои изгубиле член од семејството исто како јас, и јас со цело срце ги канам да пиеме кафе или кога ме канат, одам со големо задоволство, бидејќи знам дека ние имаме многу заеднички работи, ние сме од ист вид – луѓе. За нас не постои говорот на омраза. Станавме другарки и мислам дека ќе останеме другарки, без разлика на тоа како ќе течат работите бидејќи важно е да имаш другарки, не е важно на која националност ѝ припаѓаат.

На 9 мај 2015 настаните што се случија во Куманово, откако видовме многу немири, првата личност на која ѝ пишав беше мојата другарка Македонка (Сандраштосеслучува). Откако разменивме неколку пораки со Сандра, се почувстував некако олеснето, видов дека нешто политичко се случува таму, а не меѓуетничка војна.

Војната никогаш не била добра. Во војна, според мене, нема победник. Секако дека има само губитници, има жртви, има ужаси, има солзи, има загуби, загуби, ништо друго. Се надевам и посакувам секоја млада девојка и секое младо момче, од која било националност да се, Албанци или Македонци, да не растат со говор на омраза, да не воспитуваат генерации кои прават етнички разлики, бидејќи само оној којшто не ја почувствувал војната мисли дека таа не претставува нешто лошо. Тој/таа што го почувствувал/а, знае, разбира дека никогаш не посакува да се случи истото. Не гледам причина и начин да се мрази нечија националност. Секој во овој свет претставува свое психосоцијално мислење, идеја и субјект. Секогаш поаѓам од идејата дека има добри Македонци и добри Албанци. Поединците и тие кои профитираат од создавањето непријателство кон другите, немаат националност. Економијата и економската благосостојба не познава националност. Тешките политички, економски и социјални состојби доведуваат до ширење на конфликтот и за да ѝ служат на каузата на другите, тие го добиваат називот „меѓуетнички конфликт“.

За мене многуетничкото општество има голема вредност, има многу културни вредности, има многу заеднички вредности, има многу заеднички нешта за кои има простор за дискусија. Животот во мешани средини е предност, луѓето се соочуваат со запознавање на разни култури, имаат можност да научат повеќе јазици. Затоа ние, граѓаните на Република Македонија, особено во етнички мешаните градови, треба да бидеме среќни што живееме во такви средини и да не дозволиме на тешките политички настани и личните профити на политичарите да влијаат на заострување на меѓуетничките односи.

 

Превод: Крешник Ајдини

 

  Вериме Зимбери – Белули

родена на 7.7.1987 г. Основно и средно училиште заврши во Слупчане и Липково, Кумановско. Во 2008 г. заврши студии на Економскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово. Во 2014 се здоби со титулата магистер на науки за маркетинг менаџмент на ДУТ. Сега е активистка за човекови права, особено за правата на жените. Учествува на многу семинари за мировни акции во рамките на разни невладини здруженија. Учествуваше и на школата за лидершип и говор во јавност, реализиран од ПОИНТЕД – Тетово.
Контакт: zimberi1987@gmail.com, https://www.facebook.com/vera.zimberibeluli

 

 

ažurirano: 31/01/20