Сања Михајловиќ-Костадиновска

 

Мама ми имаше кажано дека има големи и мали зборови. Учителот Аралампие изгледа само ги знаеше малите оти цело време велеше: да, не и молчи. Ама јас, сепак мислев дека учителот Аралампие е голем човек, оти имаше големо име. Аралампие. Мислиш ќе те голтне со името. Ам. И со очите. Големи како чинии. На училиште сите ме викаа скратено Ице. И јас многу го мразев тоа мало име. „Ице, седи!“ „Ице, подај!“ „Ице, оди по цигари!“ „Ице, ова. Ице, она.“ Кога почна војната, ја прашав мама: „Мамо, а војна е голем или мал збор?“ Мама само ме погали по главата и ми кажа: „Страшен збор е тоа, сине.“ Ама не ми кажа дали е голем или мал. Штом сите зборуваа за него, мора да е голем. Ама мене ми се чинеше некако мал: вој-на. Како иг-ра. Зашто ние децата си играме. Или како змеј. Сега веќе немам змеј, зашто ми се фати на едно дрво и бато не сакаше да се качи да ми го земе и јас три дена плачев. Или како цокле. Зашто еден ден тато цело време врескаше каде му е цоклето, каде му е цоклето, и кога мама донесе една мала даска, јас не можев да се изначудам како може човек да вреска толку многу за една толку мала работа.

Го кажав ова на мама, а таа се насмевна и ми кажа дека малите зборови не се мали затоа што се куси. И ми рече да помислам, на пример, на мама, вода, леб, и дека иако се мали, сепак се многу важни. Мислам дека ѝ поверував, ама една вечер пред спиење си мислев мама да не ги измешала работите, зашто еве сладолед е ем долг, ем голем збор. Или велосипед. Или Гевгелија. Ама потоа помислував на возот што нè носеше во Гевгелија кај дедо, а воз е многу мал збор, може и најмал, ама да не беше возот, ние немаше да можеме да стигнеме кај дедо. Немаше да го сретнеме кондуктерот што секогаш ми намигнуваше и ме пушташе без карта. Ама еве кондуктер е долг и голем збор. И тежок. И страшен. Може пострашен од војна, ама никој не се плаши од кондуктер, а сите се плашеа од војна. Мислам дека не е мал зашто кога почна војната, учителот Аралампие ни кажа дека ќе трае долго и дека може нема да го завршиме одделението. А јас знаев дека многу зборови што се големи траат долго. Како на пример, риболов, приказна, летување. Мислам дека е голем и зашто мама еднаш ми рече да не зборувам за војната, оти тоа било работа на големите. Ама јас и не сакам да зборувам, јас само сакам да ми кажат дали е голем или мал. А тие упорно ми велат, мал си, не треба да знаеш. И јас не знам како да им кажам дека знам дека сум мал, ама дека еден ден ќе бидам голем. И тогаш што ќе правам? Кој ќе ми каже ако не ми кажат сега? Како цело време ми велат дека мора да научам да ги мијам забите, да ги врзувам врвците, да јадам со десна рака, да не зборувам со полна уста, да си го истресам курето кога ќе мочкам. Ме научија на овие работи, а не сакаат да ми кажат за војната. Јас мислам дека ќе чекам да им заврши таа нивна војна и после ќе им кажам убаво. Дека војната е мал збор зашто кога ќе го напишам во тетратката, ни до пола ред не стига.

 

 

  Сања Михајловиќ-Костадиновска

e доцент по шпанска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Докторирала на Универзитетот „Комлутенсе“ во Мадрид. Активно се занимава со превод и пишување прозни дела. Добитничка е на повеќе награди за кратки раскази, како и на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите“ за 2015 година, што ја доделува издавачката куќа „Темплум“.
Контакт: sanja.flf@gmail.com

 

 

ažurirano: 31/01/20