Aнета Велкоска

 

 

Тоти ја вдиша пареата од чајот од шумски плодови и гласно воздивна за да може целиот свет да го слушне. Го потопи чајното колаче до половина и педантно го вшмука под мустаќите, топејќи го една минута, дваесет и една секунда и десет стотинки. Имаше совршени триесет и два заба; триесет бели, еден златен, еден сребрен. Косата му беше залижана како на италијански мафијаш, образите сочни како грчки портокали, очите му наликуваа на африкански дијаманти. Ја лапна и другата половина од колачето и отпи голема голтка чај, воздивнувајќи силно така што пареата му излегуваше од усната празнина, правејќи го да наликува на митски змеј што се изгубил низ времето и заглавил среде една војна.

Тодор или нагалено Тоти е воен ветеран од некогашната југословенска војна. Тој беше чистач на бојното поле и имаше задача брзо и посветено да ги чисти убиените војници од теренот и да ги закопува во заедничка гробница. Последниот рекорд во реализирање на командите го постави непосредно по завршувањето на војната, со резултат од еден час, дванаесет минути, четириесет и пет секунди и три стотинки за чистење на дваесет и двајца убиени војници и нивно закопување. Тоти никогаш не уби никого. Тој беше професионален воен чистач и се врати дома жив, здрав, со вкупно тринаесет ордени за храброст, шест значки, четири дипломи, два пехари, едно признание за воен чистач за врвни воени достигнувања и со мноштво препораки.

Од сите четириесет и седум вработени чистачи за време на војната, Тоти беше единствениот со решение за работа, со здравствено осигурување, со додатоци за дополнителна работа. Тој секогаш беше на врвот на листата за најдобри воени чистачи, имаше три празни места под него, па се редеа другите вредни чистачи. Тоти со сопствени средства си набави осумнаесет современи алати за работа, девет средства за хигиена, пет машини за дезинфекција, три комлети со специјална облека. Од командантот доби и оружје, но ѝ го отстапи на војската. Тој во војната влезе за да чисти и така остана до самиот крај.

Домот му беше беспрекорно уреден и иако имаше многубројни украси, книги и ситници, тие секогаш беа исчистени и блескави. Облеката му беше испеглана и наредена според бојата. Имаше вкупно дваесет костуми, дваесет чифта чевли, дваесет шапки, дваесет часовници, дваесет бастуни. Доколку му се оштетеше некоја кошула, часовник или чевел, тој го фрлаше целиот комплет.

Поседуваше седум сервиси за јадење и секој се употребуваше во различен ден. Седмиот сервис беше златен и го користеше во неделите. Тогаш Тоти свечено излегуваше на улицата и на децата им делеше 101 бонбона, седумдесет и седум чоколади, триесет и три сокови, единасет гуми за џвакање. На возрасните им ги донираше старите весници од таа седмица, па се повлекуваше во својот двор, чистејќи наоколу до доцна навечер. Соседите на шега велеа: „На Тоти и ѓубрето му е чисто!“

Тоти го џвакаше второто колаче со истото внимание со кое ја прекопуваше бавчата зад куќата секој прв ден во месецот. Тоа претставуваше ритуална техника што на крајот завршуваше со откопување на еден стар сандук којшто Тоти го отвораше, ги чистеше предметите: еден воен дневник, две волнени ќебиња, три различни бомби, пет фотографии, осум куршуми, деведесет и девет писма од саканата Драгана. Внатре беа и воените награди. Всушност, Тоти внатре ја имаше заробено војната. Откако за миг ќе ја ослободеше, тој ја чистеше војната и повторно ја заробуваше, ја закопуваше под земјата. Таа беше најчистата војна што постоела зашто го имаше Тоти за чистач.

Го голтна остатокот од чајот како да ја голташе сопствената судбина со идентитет на непостоечка реалност. Влезе во кујната, ги отпочна подготовките за ручекот. Во тепсијата нареди шест големи српски компири, четири дебели хрватски моркови, еден словенечки кромид, две парчиња босанско месо, пет големи лажици македонски зејтин, седум црногорски зачини, три косовски тазе јајца, немаше веќе празен простор. Ручекот го смести во врелата рерна и си ги оближа усните, знаејќи дека со сласт ќе ја исчисти целата тепсија, пренесувајќи ја во својот стомак.

Југословенската манџа исчезна за четириесет и четири минути, осумнаесет секунди и две стотинки низ системот за варење на Тоти, а тој ја залеа со сортно европско вино и вдиша густ американски воздух, заспивајќи во лежалката над закопаната војна. Нежно занесен од галењето на околните палми, тој повторно во сонот ја откопа загинатата Драгана, јадеа евтини крофни, без да ги чистат дамките од чоколадните трошки, се смееја громогласно и весело и трчаа покрај брегот на морето. Настапи тишина. Мртва. Откако Тоти виде дека огромно пространство му доаѓа во пресрет со чисти раце, му дозволи да го прегрне и за точно пет минути, дваесет и седум секунди и девет стотинки потона во чистилиштето на душата.

 

  Aнета Велкоска

Aнета Велкоска е родена во 1978 година. Живее и работи во Скопје. Работно искуство: професор, ТВ-новинар, библиотекар, писател. Добитничка на награди за поезија, проза, драма. Дела: "Што ја нервира вечноста" (2001), "Дали сите богови се романтични" (2004), "Прв македонски лексикон" (2004), "Втората љубов на каменот" (2009), "Најџиновското џуџе и најџуџестиот џин" (2010), "Лошиот Јин и Добриот Јанг" (2018), "Бескрајна рамка" (2019). Пишува драмски и филмски сценарија. Автор е на повеќе мултикултурни проекти.
Контакт: aneta.7.atena@gmail.com, Facebook: Aneta.Velkoska.

 

 

ažurirano: 19/09/21