Веса Ќена

 

 

Се сеќавам дека првпат јадев путер од кикирики во текот на војната, а јас бев една од бегалците во Гостивар. Беше солен и сладок, но повеќе солен, една чудна комбинација, исто толку чудна колку и фактот декане бев во својот дом, ниту со целото мое семејство, воопшто не знаејќи што се случува. Имав осум години кога беше војната и за мене зборот војна беше многу далечен. Се сеќавам како јас и сестра ми Хана плачевме во Гостивар поради војната, за Тато, за браќата, за ова, за она. Плачев дека бев бегалец и поради тоа требаше да плачам, а потоа излегував и играв.

 

Се родив и пораснав без глас, единствениот начин да комуницирам беше преку Мама. Мама беше мојот глас. Нејзиното уво ги слушаше сите работи и одговараше за мене, а по одредено време ги научи одговорите и веќе не ги смени. Кога јас сакав чај, таа велеше: „Не, Веса не пие чај“, или: „Извади ѝ уште едно парче пита на Веса, во последно време ѝ се отворил апетит.“

 

Бидејќи бев петто дете во двособен стан, никогаш немав моја соба. Најчестата игра што ја играв беше во бањата, кога седнував до машината за перење алишта, ја отворав вратат и глумев како продавам билети на шалтер, додека не дојдеше некој кому очајно му требаше бањата и ми правеше притисок да излезам.

 

Но, еднаш требаше да ги продадам сите билети.

 

Во Гостивар бевме сместени во домот на тетка ми и го имавме сиот тој простор за себе. Таа имаше голема куќа, двор, а во дворот и летна куќа; играв со братучедите, сѐ изгледаше подобро. Само што недостасуваа Тато и моите тројца браќа.

 

Таму запознав неколку другарки и се сеќавам дека, кога игравме МИС и кога ќе дојдеше редот кандидатките да кажат една желба, јас, со поглед на жртва, велев: „Тоа што најмногу го сакам на светот е Косово Република.“ Потоа и моите другарки велеа дека сакаат Македонија да биде република и така игравме расеани. Зборот „република“ беше само еден збор што го имавме слушнато од возрасните и го врзувавме со сѐ.

 

Два дена пред да почне бомбардирањето, Мама, Хана и јас тргнавме за Гостивар, оставајќи ги Тато и двајцата браќа, кои не сакаа да го напуштат Косово. Другиот брат живееше во Швајцарија.

 

Веса не сака грав, веќе јадеше. А, мене ми крчеа цревата.

 

Вторпат јадев путер од кикирики кога добивме некаква помош. Не беше веќе толку чудно, можеш да решиш да се насочиш на еден вкус, а овој пат јас го чувствував само благото. Брат ми беше дојден од Швајцарија и ни беше донел мене и на Хана облека, барбики и ролерки. Но, не изгледаше среќен, ниту тој, ниту Мама, ниту семејството на тетка ми. Мама одеше на граница да ги бара синовите, зашто Тато ѝ имаше кажано дека не се веќе во станот, тој останал сам во двособниот стан. А, мене и на Хана мислите ни беа во Канада. Некој ни имаше кажано дека можеме да одиме и ние само тоа го сонувавме.

 

Господине, повелете билетот. Ја ставам раката во машината за перење облека и го вадам оттаму малиот Тато, и го прашувам: „Тато, што правиш тука?“ А, тој вели: „Врати ме, врати ме во машината, зашто се кријам, затвори ја вратата, пушти ја машината, нека ме земе водата.“

Јас му велам: „Но, можам да те земам со себе, имам многу пари.“ Тато ми вели: „Не, не, немам каде да одам, само пушти ми ја водата!“

 

Утредента, пред да одам в училиште, во куќата на тетка ми немаше никаква атмосфера. Мама плачеше, Хана седеше до неа, тетка ми нешто викаше. Брат ми имаше оставено писмо во кое напишал дека ја зел облеката и заминал во војна.

 

Хм, мислев која облека, сигурно била многу важна облека, штом сите плачеа. Можно ли е да зел нечиста облека, зашто во машината немаше никаква облека. Секако дека почнав и јас да плачам, додека ги гледав сите загрижени.

 

Ѝ шепнав на Мама: „Ќе ми купиш путер од кикирики?“, а таа само ми рече: „Оди на училиште.“

 

Имавме математика и требаше да ја повториме таблицата за множење, која не можев да ја научам.  Но, бев единствена што е бегалец и учителката многу ме сакаше. Секогаш кога ќе ми дојдеше мене редот, барав да одам во тоалет и така се спасував.

 

Во куќата на тетка ми беше многу тмурно, никој не сакаше да игра, а Мама, сакајќи да ми го одвлече вниманието, ми постави лесно прашање: „Колку е 5 х 5?“

 

5 х 5 е еднакво на… хм, броејќи со прстите на масата, 1, 5, 2, 10, 3, 15, 4, 20, 5, 25. Еднакво на 25… 5 х 5 е еднакво на 25.

 

Последен пат кога јадев путер од кикирики беше денот пред да се вратиме во Косово.Знаев да го контролирам вкусот, а ми требаше нешто благо. Беше благ, но ми остави вкус на солено, чувство што ќе ме следи долго време. Не знаев дека токму на враќање кон дома со Мама и Хана, и никој друг, ќе го прекинам молкот и нема повеќе да имам потреба од увото на Мама.

 

Мама мислеше дека е добра идеја моите ролерки, штом не ги користам, да му ги подари на синот на тетка ми, повеќе симболично, затоа што престојувавме во нивната куќа. А, тоа за мене беше голем удар. Не само што се враќавме во двособен стан, туку се враќам и без ролерките, а тоа не можев да го издржам.

 

„Не, ролерките не ти ги давам, тие се мои и ќе ги земам со себе.“

 

Ги зедов ролерките и почнав да трчам. Реков: „Јас знам каде е автобуската станица, ќе одам таму да чекам.“ Јас трчав, а Мама трчаше по мене. Знаев дека ќе ме стигне, но не сакав да се предадам. Таа ме фати за раката и ми ги зеде ролерките. Во нејзините очи видов дека сум претерала.

 

Не знам зошто им беше уништен светот на Мама и на Хана, но мојот беше уништен за еден пар ролерки!

 

Превод: Крешник Ајдини

 

  Веса Ќена

Веса Ќена е родена во 1991 година во Митровица, Косово. Дипломирала драматургија на Приштинскиот универзитет. Има напишано неколку драми: "По ѓаволите со Тито", "Скутот на Дедото" и "Панталоните на Кангу", а коавторка е на драмата "Тие ќе дојдат". Во 2011, Веса, заедно со Хана, Лола и Алкета, го основа уметничкиот колектив Хавеит, со којшто главно го користат медиумот на јавни изведби, обработувајќи социјални прашања, како што се зајакнување на општествената позиција на жената, правата на ЛГБТ+ заедницата и други теми.
Контакт: vesaqena@gmail.com

 

 

ažurirano: 28/09/21