Мања Величковска

 

 

Секогаш сме за поголемите сили. Русија, САД, Германија и Франција. Никој не е за Македонија… Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Хрватска и Словенија се јадат некако, но Албанија и Бугарија – никако. Во светот на игрите, тоа се слабаци. Избереш ли некоја никоја, и ти си никој. Балканот, ни велат домашните, е никаков и никој. Но којзнае што значи тоа да си некој таму некаде. Овде, тоа е едноставно. Во Напаѓам, напаѓам моќта се мери по можноста да напишам големо име со искршена вар, останата во некој од напуштените дворови. Да го исцртам избраното име како да е свето. Околу него да ми играат ореоли од нацртани растенија. Да го накитам. Да е со ѓердани, со раскошни везови. Да го украсувам додека варта не ми ги изгори рацете. Додека не ме заврне.

Просторот меѓу зградите од нашето маало е поплочен со рапави и мазни плочки уште од времето на Југославија. Рапавите формираат големи квадрати, со празнина во средината, што ние ја делиме на четири еднакви делови. И во својот дел го пишуваме своето име. Правејќи ком-па-ни-ја одлучуваме кој ќе напаѓа. Држејќи стапче во десната рака напаѓачот замавнува во еден правец, а потоа го фрла гранчето на нечија територија и бега. Нападнатиот, пак, заедно со останатите, веќе избегал. Се враќа да го земе стапчето и ги запира растрчаните. Стоп! – извикува. Нишани од својата територија за да нѐ погоди и замавнува со стапот со надеж дека ќе го цивне избраниот нападнат.

Во последен миг одлучува дека сум му поблиску. Подло се врти и ме погодува. Се наситува на она што следи. На земањето дел од мојата плочка, чија површина под неговата вар полека се намалува.

Играта не завршува сѐ дури еден не го поседува целиот квадрат, а тоа може да трае и со часови.

Си бегаме по дома дури кога се руча и кога е најтивко. Кога сѐ мириса на манџа. Кога сме на најбитното. Кога не ни се оставаат земјите и не ми се остава нацртаното, а сепак си заминувам затоа што и онака губам. Ние сме под таква ѕвезда родени, сине! – ми вели баба ми. Никогаш не добиваме. И јас не ќе добијам ништо од ова, па си тргнувам накај дома.

И нема ниту час и половина кога повторно се симнувам по скалите и излегувам. Го држам моливчето Бак меѓу показалецот и средниот прст, што е дел од мојата нова финта. Го носам длабоко вкопан во кожата, како цигарче на кое уште графитот останува да му гори. Чекај да го преместам прст подолу за да се сетам на тебе утре – велам додека го вртам како паричка меѓу испотеното меѓупрсје, кое денеска ме пече.

Како старите.

Ги слушнав како ги преместуваат прстените од едниот на другиот прст за да се присетат утредента дека нешто некому ветиле. Но јас немам прстен и не сакам прстени. Го имам Бак и имам рана, што значи дека отсега ќе го правам ова само кога ќе е потребно. Се штрекнав од болка сабајлето, кога острицата ми влезе директно во мевцето. Се чаталев пред Џина и Кристина, па од срам не сакав да ја извадам црнката да не ја видат крвта што ми потече. Така ти требало – ми рекоа дома. Родителите прво ја соопштуваат грешката, а потоа ми ставаат хидроциклинче за да ми помине.

Како оној пат кога седевме во дворот на станот којшто беше огласен за продавање. Кога знаевме дека никој нема да нѐ фати и останавме да си играме куќа со часови. Кога на враќање мајка ми ме пресретна. Кога ми залепи шлаканица и ме гушна.

Така, година подоцна, работите ги правам само за инает. Го земам Бак, за инает. Ги рипам скалите и ја затресувам зградата за инает. Несмасно лизгајќи се по мермерот на влезот успевам да закочам. Надвиснувајќи се врз оградата зјапнувам кон подрумот. Издвојувам плунка и бавно ја испуштам од устата. Чекам да го видам нејзиниот одблесок. Мрак. Ја слушам како капнува. Кап. Со јазикот длабам под долните заби, надразнувајќи ги жлездите за овој пат да соберам уште поголем сок. Мојот секрет ќе ја парализира темнината. Јас сум машка летачка скорпиичка што ја користи својата плунка за да ја занесе партнерката за време на парењето. Со тоа го одвлекувам вниманието од себе и шпринт бегам додека не се разбудила. За инает.

Секако не знам ништо за подрумите. Што си е сигурно – сигурно си е. Семејствата што се селат најчесто немаат таква просторија. По војната многумина немаат каква било просторија. Се претпоставува дека немаат ниту многу други работи и кога нешто имаат, тоа ги прави соседите уште пољубопитни.

Сакајќи да го испитаат штотуку населениот стан доаѓаат со секакви проблеми. Утрово одненадеж ми се појави црна дамка на таванот – ми вели бабичката под нас. Се прашував дали е од кај вас – туку ќе рече и влегува да провери. Не знам. Овде нема ништо истурено. – Ѝ посочувам кревајќи го тепихот, а таа не го слуша тоа. Го обиколува станот. Воодушевена е што од мебелот, што од боите. Се прашува кој ли ги правел полиците за книги вградени во ѕидот. Се обидувам да ѝ кажам дека се таму од претходно, но таа ме гледа со недоверба затоа што сум дете. Сепак, не го очекувала ова. Ете. Овде живееле мирни луѓе. Навистина мислела дека ќе начека нешто сосема поинакво и не ја прашувам што. Сакам да си замине, а таа уште се потпира со лакотот на влезната врата и ми раскажува како успеала да го купи својот стан кога ненадејно добила пари од продажба на претходно купени акции. А што се тоа акции? Ми раскажува за нејзиното искуство во банката откако дознала за добивката. Не се разбирала во тоа, но ме убедува дека тоа е вистинското решение за нас.

И мислејќи си на ова, одам во погрешна насока и решавам да се вратам на местото од преѓеска, кога гледам дека останатите се веќе пристигнати. Се делат во две групи за да играат Граница. Нога пред нога оди едниот што дели. Нога пред нога оди другиот што дели. Се газат. Двајцата се нишаат лево и десно и го балансираат сопственото тело во просторот како да одат по жица. Едниот победува. Ме здогледува и ме повикува да се приклучам кон тимот што бега. Тимот што брани, пак, брои до триесет и го чува квадратот од нас кои трчаме во неопределена насока и се криеме.

Клечиме во еден бункер од грмушки. Привремено го населуваме овој мал простор и седиме овде додека другите не се откажат од барање и не си заминат дома. Но сите знаат дека никој не се откажува. Ние чекаме, а тие нѐ бараат. И кога, еден по еден, решаваме дека конечно ќе ја напуштиме скривницата за да фатиме Граница, јас останувам последна. Истрајна сум. Си легнувам врз тревата. Чекам ли, чекам. Ги допирам гранките над моето лице. Ги мирисам листовите кои ги дробам со прстите. Си легнувам на стомак и барам дупки од скакулци. Брцнувам со Бак за да извадам еден.

Порано ги земав дома. Ги затворав во тегла и ги чував на наткасната до креветот. Едно утро се разбудив наоѓајќи остатоци. Јас сум спиела, а тие се јаделе меѓу себе. Вистинска борба за преживување на најсилните. Но, сега, ни скакулец нема. Наместо тоа слушам звук на нечие приближување. Чувствувам страв. Ќе ме фатат. Но, гледам и гледам – само еже. Го фрлам Бак во тревата и го земам ежето в раце. Му ги галам боцките и го пуштам на земја. Не боли, ама пече. Кај врвовите од прстите чувствувам непрекинато жиркање под кожата и го пуштам ежето да си оди. Ѕиркам низ бункерот и ги гледам сноповите нарасната и изгорена трева како се нишаат во далечината. Неискосената ливада е како жолто разбрането море каде што се испреплетуваат патиштата на ежињата и на скакулците.

Се загледувам, а потоа решавам да го најдам Бак и него нигде го нема. По некое време се откажувам и излегувам оттука. Поткревајќи си ги позеленетите фармерки одам кон Границата, кога ги здогледувам моите, веќе фатени, како седат на плочката.

Ме гледаат и лути се. Кристина ми покажува некаква тревка пред очите.

Татко ти бил во војска? – ме прашува.

Да. – одговарам. ­

А главата вака му летнала? – извикува со смеење и го удира крајот од боцкавото растение што паѓа на земјата.

 

Ме обвинуваат затоа што не сум ги спасила. Наоѓаат причина да ме задеваат велејќи ми дека сум машкуданеста. Прашуваат што сум барала да облекувам машки панталони и бои. Сум се чаталела. Поради мене изгубиле, ми велат, а јас не сфаќам што ми зборуваат. Сега сите се смеат и чувствувам дека некој ми ги тегне панталоните. Сѐ нешто брзо се случува.

Не можеш да ми ги соблечеш, Џина. Што е со тебе? – му велам на две години помалото девојче од мене и го засрамувам.

Не, не можам. Ама ако те удрам таму долу ќе те боли, нели? Ајде да видиме дали си машко.

Џина зема сила и ме удира меѓу нозете толку силно што паѓам на земја. Таа е херој, а останатите ѝ се восхитуваат додека се виткам врз квадратот на којшто си игравме прееска. Сите се силат, но штом почнува да грми, се разбегуваат од страв накај дома. Тогаш останувам за да им покажам. Лежам врз плочката за да заборавам на ова и на варта која сега сегде ме допира и ме пече.

Си замислувам квадрат во умот и го запечатувам сеќавањето во него. Како вреќа го полнам со спомени и останувам на земјата да ја чувам варта под мене, да не се измие.

Лежам со часови за дождот да направи силуета од моето извиткано тело врз квадратот. За да го исцрта последниот пат кога сме играле Напаѓам, напаѓам и Граница. За квадратот да запомни и за инает.

Така му требало.

 

 

  Мања Величковска

Мања Величковска (Скопје, 1995) дипломира на Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Моментално е на магистерски студии на програмата Естетика на Институтот за философија на истиот универзитет. За време на своето студирање, волонтира во издавачките куќи Готен и Темплум. Сега работи како проектна асистентка во Коалиција МАРГИНИ. Дел е од тимот на неформалната регионална група Pobunjene čitateljke, а во слободно време пишува проза и книжевна критика.
Контакт: manjavelickovska6@gmail.com

 

ажуриран: 02/03/20