Ернад Осмиќ

 

 

„Оди во мајчина ти!“ – одеднаш одекна на перонот. Женски глас. Не беше гласно, но доволно да се пробие низ густиот германски јазик што го исполнуваше воздухот.

Тој се сврте во правец на пцовката. Девојката од подот креваше два листа што ѝ паднаа од рацете. Ги истресе од коленото, па повторно ги стави меѓу останатите листови во своите раце.

„Во мајчина ти“, помисли тој. Не го чул тоа со години. Мајка му знаеше да го каже тоа. Како метнизборка. Веројатно доволно емотивна да изрази фрустрација, но не толкаво табу за да се смета за простаклак. Повторно погледна кон девојката. Таа го забележа, но со погледот проскита низ него, па повторно пред себе.

Први август е. Во Хамбург сѐ уште траеше фестивалот. Округот Алтона беше прекриен со плакати и транспаренти. Единиците на Комуналец ги отстрануваа шарените конфети од улиците, фрлани во текот на денот врз минувачите и учесниците на уличните забави.

Германците сакаат да се маскираат. Го забележа тоа уште првата година кога се досели. Во февруари ги имаа своите традиционални маскенбали, кон крајот на октомври го имаат Halloween, а во Хамбург е традиционален градскиот фестивал кон крајот на јули и почетокот на август. Се помири со тоа дека во овој период вагоните на градското метро постојано се полни со шарени костими и пијан свет.

Со крајот на окото забележа дека девојката со листовите гледа во негов правец. Тој се сврте, а таа веднаш го тргна погледот. Одлучи да ѝ пријде. Таа нервозно гледаше настрана, па махинално го извади мобилниот од џебот и почна да гледа во него.

На перонот седеа две жени облечени во огромни и груби костими. Барем мислеше дека се жени. Не беше сигурен. Не ги ни загледа многу. Да ги загледаше, ќе забележеше кај едната многу изразено Адамово јаболко.

„Добар ти е костимот“, рече тој самоуверено кога ѝ се приближи на девојката. Таа го погледна и внимателно го одмери, па се сврте напред.

Помисли дека погрешил. Можеби таа воопшто не го рекла она што го чу. Си го прочисти грлото и се правеше дека ништо не се случило.

„Исто и твојот“, рече таа, сепак, и се насмевна попустливо.

Пред нив помина група до бесвест нашминкани луѓе. Тие двајца малку се поместија наназад за да ги пропуштат.

„Сѐ можам, ама мислам дека никогаш нема да се навикнам на ова“, прошепоти таа додека гледаа по нив.

„Не знам што да кажам…“ процеди тој. „Веројатно тоа е цената на високиот стандард.“

„Замисли да е вака кај нас?“

„Кај нас не би ни дошло до ова“, се насмеа тој. „Ама, што да се прави…? Затоа ние имаме свои накази.“

Таа се насмеа и со раката го тргна праменот коса од лицето.

„Баш!“ – рече и повторно ги намести листовите кои цело време беа на раб повторно да ѝ испаднат од рацете. Тој забележа дека меѓу нив има еден познат формулар.

„Кога почнуваш со Ausbildung“ – ја праша одненадеж.

Таа погледна со чудење во него, па во првиот лист на врвот од купот, Ausbildungsvertrag.

„Аха… во ноември. Дотогаш морам да извадам сѐ што ми треба. Не знам дали ќе стигнам.“

„Ќе мора да побрзаш. Чув дека има голема гужва во амбасадата во Сараево… мислам. Претпоставувам дека мораш таму… поради нагласокот… и тоа…“

„Да, да“, одмавна таа со раката „чув дека е ужас, но уште порано се пријавив за термин.“

„Па, ништо тогаш. Го носиш оној Ausbildungsvertrag и тоа е тоа. Како си со германскиот?“

„Така-така… Положив Б2.“

„Тоа ти е и повеќе од доволно.“

„Па, да… тоа ми го рекоа и овие… ама се надевав дека веднаш ќе почнам со полна плата, а не да имам обука од три години.“

„Тоа можеш единствено ако имаш диплома.“

„Имам, ама веќе не ја признаваат“, објасни револтирано. „Откако беше она со купените дипломи, сѐ проверуваат.“

Нему одеднаш пред очи му протрчаа сцените кога пред неполни три години ги собираше сите можни документи за да се спаси од Босна. Она големо чекање во амбасадата, понижувањето и малтретирањето во текот на првата година кога дојде во Хамбург. Со гадење ја протресе главата. Низ пршлените му минаа морници.

„Имам ПТСП од бркање на документите“, рече кисело.

„Дали и ти си Ausbildung или…“

„Да, ама не сум за Pflegekraft. Јас сум негувател во градинка. За два месеци ја завршувам третата година, па започнувам постојан работен однос.“

„Блазе си ти…“

„Ќе помине за час“, ја тешеше. „И не знаеш како ќе пролета. Особено е добро ако немаш никој свој овде; кога имаш можност, земаш да работиш прекувремено. Забораваш и на неделите и на месеците. Милина“ – саркастично додаде на крај.

Таа загрижено се насмевна.

„Немам никој свој ни овде ни во Босна, така што ми доаѓа исто“, рече таа горчливо низ насмевка. „Отсекогаш бегалка. Се селев еднаш во војната. Се селев вторпат во мир. Се селев кога почнав да студирам. Повторно се селев кога ги завршив студиите. Се отселив од дома за да се осамостојам. Чекав работа. Бев прескокната зашто има поитни и поподобни. И повторно се селев во Германија“, воздивна таа. „И овде веројатно ќе се селам додека не најдам стан, а да не е дупка.“

„Јас во три години променив пет стана.“

„Ете, гледаш“, затресе загрижено со главата.

На клупата на перонот на другата страна на шините се чу гласен крик. Група момчиња им врескаа на мажите облечени во drag. Тој помисли дека станува збор за кавга, но кога виде дека нашминканите мажи им испраќаат бакнежи на момците, а овие ги прифаќаат без колебање, сфати дека сѐ било на шега.

„Што да се прави“, воздивна тој кога помина мешаницата на спротивниот перон, „кога човек би можел да живее како што треба, свој на своето, сѐ би било многу полесно.“

„Дали и вие моравте да бегате?“

„Двапати“, рече тој накратко.

„Ете, гледаш. Се знае кој го кочи животот во Босна“, додаде таа. „Се знае заради кого ни е судено постојано да се селиме.“

Тој ја погледна со крајот на окото, но не се сврте кон неа. Повторно го местеше праменот коса зад увото. Нему тоа му се допаѓаше.

„Сѐ се знае, а сите се прават дека не знаат“, продолжи таа. „А најголеми трпки ми поминуваат кога ќе чујам дека постојат три вистини. Не! Постои една вистина. Но, додека овие не го прифатат тоа, нема ништо од соживотот за којшто постојано зборуваат.“

„Во право си“, кимна со главата, одобрувајќи ги нејзините зборови. „Јас така некогаш се запрашувам како не им било грозно да станат, да земат пушки во рацете и да тргнат на туѓиот мир.“

„За тоа ти зборувам“, се вцрвени таа. „Тоа е крвожедно. Тоа не знае да живее само со себе во мир, а камоли со некој друг.“

„Задоено со омраза од раѓање“, го накалеми тој заклучокот на сѐ што беше кажано. Таа кимна со главата.

Се погледнаа. Прво таа се насмевна, па тој. Мажите облечени во drag сега стигнаа на нивниот перон. Пееја и фрлаа конфети. Останатите патници кои чекаа метро не им обрнуваа внимание.

„Ете ги кон нас“, шепна таа.

„Не грижи се, питоми се“, се насмевна тој. „Замисли кај нас да се појават во јавност вака, во женска облека.“

„Тоа ќе им биде последно“, се насмевна таа како и самата помисла некој да ги нападне физички да ѝ беше доволно забавна.

Нашминканите мажи почнаа да ги вадат од своите вратови ѓерданите од шарени цветови и да им ги нудат на луѓето на пероните. Овие главно одбиваа. Некои, пак, се насмевнуваа и дозволуваа да им закачат шарен ѓердан преку главата. Во далечината се чу метрото кое незапирливо стигнуваше на станицата.

„Ова е моето“, рече тој и го извади мобилниот од џебот.

„Јас чекам единаеска“, се надоврза таа и нервозно погледна низ перонот.

„Дали си на Фејсбук?“ – запраша тој нешто погласно зашто чкрипењето на возот завладеа со станицата. „Да не биде дека немаш баш никого кога ќе дојдеш.“

Таа се насмевна, како да го очекуваше тоа прашање.

„Алма“, рече таа, па повтори погласно: „Алма Захировиќ“.

Тој со телефонот в рака застана за миг, па во пребарувањето го впиша нејзиното име. Таа се наведна над неговиот телефон и со прстот покажа на својот профил.

„Таа сум“, рече и се помести чекор наназад зашто возот почна да кочи, а ветерот што го произведе се закани дека ќе ѝ ги растури листовите по целиот перон.

Чкрипењето беше заглушувачко. Трансвеститите беа оддалечени неколку чекори. Тој не зборуваше ништо и со бледо лице типкаше по мобилниот.

„Испрати ли барање?“ – праша Алма, а тој кимна со главата. „Како се викаш? Да знам кој ме додал, немам интернет овде, па ќе морам кога ќе дојдам во хостелот.“

Тој се доближи до нејзиното уво:

„Лазар Стевиќ“, рече и се помести наназад.

Чкрипењето во метрото во тој миг стана заглушувачко. Трансвеститите стигнаа до нив. Пееја и ги китеа со цвеќе. Конфетите паѓаа по нив, а ветерот ги затвори во невидлива обвивка во која владееше застрашувачки молк. Така стојат и без зборови гледаат еден во друг, опкружени со шаренилото на светот.

 

Превод: Иван Шопов

 

  Ернад Осмиќ

Ернад Осмиќ е роден 1989 година во Брчко (БиХ). Во 1992 година со семејството се сели во Хамбург (Германија), во родниот град се враќа 1999 година, а нешто подоцна почнува да пишува. Објавил две збирки поезија: "Инаетот на јазикот" и "Босански робот". Има ќерка. Се вика Лејла.
https://ernadosmic.blogspot.com/

 

 

ažurirano: 04/02/20