4. 11. 2026.

 

Седмиот регионален конкурс за краток расказ „Бибер“ им го посветивме на студентките и студентите во Србија, кои од самиот почеток на нивното движење ни одржаа безброј лекции за ненасилна борба, солидарност, заедништво, поддршка, љубов, волја, храброст, емпатија, помирување, почитување и други важни општествени вредности. Конкурсот беше отворен од декември 2025 година до мај 2026 година. Пристигнаа повеќе од 400 раскази.

Тричленото жири, составено од Данијела Репман, Лејла Каламујиќ и Жељко Белиниќ, избра 22 раскази кои ќе бидат вклучени во збирката „Бибер 07“ и објавени, додека три раскази беа избрани од организацискиот тим на конкурсот „Бибер“. Во соопштението на жирито, кое се наоѓа во продолжение на овој текст, наведени се и расказите што ги освоија првите три награди.

Во збирката ќе се најдат следните раскази, наведени овде по азбучен ред:

  • „Bilo jednom jedno danas“, од авторката Адиса Муховиќ од Сараево
  • „Cirih – Sarajevo“, од авторката Деана Мандиќ Антиќ од Базел, Швајцарија
  • „Četnik“, од авторот Дино Меѓедовиќ од Тузла
  • „Čovek niotkuda“, од авторот Имер Топаница од Косово Поле
  • „Dar za hrabrost“, од авторката Маја Халапир од Самобор
  • „Доме, сладок доме“, од авторката Марија Бошковска од Битола
  • „Џем од црни сливи“, од авторката Јована Матевска Атанасова од Битола
  • „Indeks“, од авторот Сенад Јусиќ од Бугојно
  • „Ista zemlja“, од авторката Елма Маринковиќ од Бојник
  • „Kako sam likvidirala (ne)prijatelja“, од авторот Гент Маркај од Ѓаковица
  • „Kaput“, од авторот Филип Новаковиќ од Бања Лука
  • „Кожата што не беше моја“, од авторката Ангелина Наџаковска од Скопје
  • „Mater“, од авторката Валентина Баталиќ од Сплит
  • „Ne berite divlje jagode“, од авторката Антонела Соленички од Загреб
  • „Out of order“, од авторката Љиљана Д. Ќук од Земун
  • „Pavel“, од авторот Бранко Латинчиќ од Нови Сад
  • „Plava kutija“, од авторката Аида Шечиќ Незиревиќ од Травник
  • „Povratak“, од авторот Марко Радојевиќ од Беране
  • „Pozdrav“, од авторката Наталија Кантар од Белград
  • „Prolazi anđeo“, од авторката Маја Ручевиќ Карановиќ од Загреб
  • „Sabin“, од авторот Ведран Јуриќ од Загреб
  • „Sito pa besno“, од авторот Владан Периќ од Нови Сад
  • „Stan“, од авторката Ива Хлавач од Валпово
  • „Sve te sitnice“, од авторката Ива Хлавач од Валпово
  • „Ženski toalet na drugom spratu“, од авторката Косана Бекер од Панчево

 

Бибер е конкурс за краток, ангажиран расказ на албански, македонски, босански, хрватски, српски и црногорски јазик. Темата на конкурсот е помирувањето во контекст на наследството од војните и насилствoтo во земјите од поранешна Југославија, а доаѓаат во предвид и раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази кои се бават со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство кон другите, храбри раскази кои се осмелуваат да одат во „непријателски“ чевли, раскази кои ги туркаат границите и ни отвораат патишта за да градиме посигурна, побезбедна и послободна иднина за сите. Седмиот конкурс, кој е посветен на студентите, беше отворен и за раскази за студентската борба за правда, слобода и рамноправност. Конкурсот го организира тимот на Бибер на Центарот за ненасилна акција Сараево-Белград.

Повеќејазичната збирка раскази „Бибер 07“ ќе биде објавена до почетокот на март 2027 година.

Им честитаме на авторките и авторите чии раскази влегоа во потесниот избор, им се заблагодаруваме на сите што учествуваа на конкурсот, на жирито за соработката, како и на тимот кој ја направи претселекцијата.

Во продолжение го пренесуваме соопштението на жирито.

Тимот на Бибер

 

 

Соопштение на жирито

 

Жирито на седмиот регионален конкурс Бибер, во состав Жељко Белиниќ, Данијела Репман и Лејла Каламујиќ донесе одлука да ги награди расказите:

  1. Павел од авторот Бранко Латинчиќ
  2. Сито па бесно од авторот Владан Периќ
  3. Четник од авторот Дино Меѓедовиќ

 

Првонаградениот расказ Павел е напишан на книжевно уверлив јазик и без додворување на стереотипите за епската големина на војниците и војните. Расказот ги демистифицира општоприфатените обрасци, фрлајќи поинаква светлина врз претпоставената храброст и слепата послушност на (зло)употребениот човек, принуден да бие туѓи битки. Небото, еден од немите актери во оваа приказна, кое не се грижи за ниту едно човечко име, стои надвиснато над рамнината и сивата матна река. Овој вечен набљудувач на менувањето на магливите утра не се грижи ниту за младиот Павел, Русин од Војводина, кој заминува во војна како воен резервист со пушка и рибарски стап, наивно обидувајќи се да ги зачува остатоците од безгрижноста што до неодамна била дел од неговото секојдневие. Заробен во стапицата на бесмисленоста на наметнатите улоги и очекувања, во/на земјата што отсекогаш ги менувала границите, имињата, владетелите, знамињата (и во тој процес одземала човечки животи), Павел станува свесен дека војната во која го испраќаат не е негова војна. Затоа, единствената рационална одлука е да ја избегне. Сведувајќи го дејствувањето на поединецот на апсурден обид за осамена побуна, авторот нè упатува на поширокиот контекст – на минорноста и минливоста на самиот човек наспроти сè што опстојува како константа – рамнината (земјата), небото, реката. Надвор од таа константа, единственото нешто што на човекот сè уште му останува секогаш достижно е самата смрт, неумолива и неизбежна.

 

Второто место го освои расказот Сито па бесно. Станува збор за внимателно скроен портрет на осумдесет и кусур годишната Сава, чиј живот го одбележале сиромаштијата, болката и осаменоста. Раскажана во минималистички манир, приказната за Сава истовремено е и приказна за судбината на илјадници наши жени предци кои немале право на сопствен избор и кои биле принудени да живеат исклучиво за доброто на другите. Меѓутоа, ова е приказна и за сите оние тивки борби што овие жени морале да ги изнесат на свој грб. На крајот, Сито па бесно е сведоштво за одразот на женското искуство низ времето, за препознавањето на женското страдање и улогата на жените за време на големите општествени промени, но и за силата на бунтот за кој, како што ќе се покаже, никогаш не е предоцна.

 

Третото место му припадна на расказот Четник, суверено раскажан со густ метафоричен јазик. Станува збор за гротескно-реалистична антивоена приказна која бескомпромисно ги разградува механизмите на овдешната, но и универзалната воена митологија: непријателот е замислено, дехуманизирано чудовиште, кое и по краткотрајната освестувачка сведеност на банална, смртна човечка појава, повторно се враќа на „почетните поставки“ па во колективната свест продолжува перпетуирано да живее како заводлив и токсичен мит. Во овој расказ, Оние кои го виделе мртвото тело на четникот, под јазик ја ставаат семката на приказната која во наредните денови ќе изрти во големо дрво, во цела шума во која живее големото влакнесто чудовиште од легендите.