Џенета Ровчанин
Јусуф седеше под оревот, а цигарата му догоруваше помеѓу пожолтените прсти, горејќи му ги јаболчињата. Мува не го лази! За час изгоре до филтерот. Кога посегна по втора од кутијата, погледот му го запре цветниот фустан што блесна како сновидение: кадрици руса коса невино паѓаа преку тенкиот грб, мешајќи ја бојата со класјето на дното од нивата. Две панделки ги стегаа кадриците, а две ножиња – како две пчелички – брзо се сменуваа, губејќи се во полето. Не можеше да одолее Јусуф, а да не се насмее со крајчето од усната, наведнувајќи ја главата срамежливо, крадешкум, како мравки да го полазија по табаните. Мислеше: „Опомена – тој тоа не смее. Ѓаволска работа е смеењето“, го правдаше тој чин со лудачка помисла, ја правдаше Јусуф таа своја закоравена тага со храброста на силниот татко. Селма покрај него секогаш чувствуваше потреба да го насмее со шегите, како само децата што умеат. Ѝ велеше дека мора да ги заузда своите недозреани шеги. Ќе го кренеше тоа свое прсте и ќе го потпреше на носот, баш како што ја учеше мајка ѝ во постелата пред вечерната молитва. Селма сѐ памтеше: и мајчините утрински ритуали за разубавување, и нејзините долги фустани, и цвеќето во коса штом пролетта ќе букнеше на прозорците и ќе ги простреше своите крпи по целиот, по малку загниен оревов под. Го паметеше и смеењето на татко си кога навечер ќе се вратеше од на нива, ќе ја фатеше мајка ѝ околу половината, па ќе ѝ шепнеше нешто на уво, а таа ќе се засрамеше и лицето ќе ѝ го украсеше блага насмевка. Мирисаше на росна трева секогаш. Ќе клекнеше Јусуф пред Селма, подавајќи ѝ пет ореви од десната рака, а таа со своите стапала бргу ќе ја скршеше секоја лушпа… Тоа веќе одамна го нема. Навечер легнува в кревет без никаква молитва, фино мушната веднаш до вратата, со наивна детска мисла: мајка ѝ ќе се откопа од под студената сребреничка земја, а утрото ќе ја дочекаат топли уштипци и шолја ладно млеко. Се будеше секогаш во девет, потскокнувајќи до дневната да ја здогледа, а кога ќе ја најдеше, ќе отрчаше до кујната, гледајќи дури и зад вратата. „Нема“ – ќе ги кренеше рачињата во вис, слушајќи ги само капките што се слеваат до дното на белото лонче крај прозорецот. Во куќата на Јусуф Абаџиќ тишината ги штипеше клепките, куќата беше гробишта на двајца живи луѓе, тивка и стушена, со чуден мирис што го затвора грлото, со слабо треперливо светло, со рустикален мирис на копнеж по Фатима, по нејзините мили и нежни раце, по нејзиниот мирис, кој Јусуф сѐ уште го осеќа кога ќе ја спушти главата на перницата, а пред очи му блеснува нејзината рака како ита да му ја тргне солзата што капе без престан. Ќе легнеше свртен настрана, цврсто стегајќи ги очите за да не го сонува пак тој ден. Залудно. Повторно ќе почнеа да му се редат слики, живи слики: мирисот на питата со зелје, мирисот на свежите краставички на масата… може да се каже дека секоја куќа макар еднаш замирисува така, ама нема секоја куќа мирис на крваво тесто и крвави краставици што испаруваат од софрата, заедно со свежата крв од човечкото тело… од телото на Фата. Стануваше Јусуф минативе три години секоја ноќ од постела, во некоја глува доба кога само скакулците се препелкаат во тревата. Ќе се фатеше за глава, а од устата тивко ќе му излеташе: „Оти не мене место тебе“.
Кога некој ќе тропнеше на вратата, на Јусуф срцето му слегуваше в петици, а потоа ќе му појдеше в уши. Ќе замолчеше неколку мига додека конечно не ја отвореше вратата. Тоа секогаш беше комшијата Саво, неговиот човечки милостив поглед. Селма го викаше чичко Зав. Гласот на Саво ги повикуваше сите прастари светци на мештаните кога низ Сребреница ќе одекнеше: „Јусуфе!“ Црномурен, со две очи како две зелени џамлии, итро ќе погледнеше сѐ одеднаш, ништо не му се провлекуваше. Густите црни трепки фрлаа сенка на и така темните кругови под очите, па никогаш не можеше да се распознае дали му е погледот згаснат од некоја лута мака, па секој миг ќе заплаче, или од некоја вродена жалост ќе се сруши на првите раце што ќе му се подадат. Имаше во Саво нешто тажно, понизно, речиси детски тивнато. Рамената стиснати низ телото, чевлите вечно поголеми за два броја, ги носеше така и своите и туѓите печати од страшното страдање. Саво постојано ги милуваше со поглед и ги гушкаше со срце сите оние потажните од себе. Деведесет и петтата, воените канџи се длабоко зариени во луѓето од Сребреница, во нивните огништа, во нивните куќи, во нивните срца. И во вратовите. Најмногу во вратовите. Војната никогаш не мириса спокојно; доаѓа кога најмалку ја очекуваш, голорак и смирен, па те демне и те напаѓа – под истиот оној фенер каде што ја ручаш надежта и верувањето дека Таа, Војната, никогаш нема да ги искрши прозорците, световите, штотуку настанатите семејства… Беше 1998 година, а Јусуф од 1995 отпатува само телесно, душата никако. Сѐ почесто копнееше по смртта, по студената сребреничка земја; одеднаш тагата му се причини како пиреј што колку и да го корнеш, уште повеќе расте. Одлучи, и тоа беше конечната пресуда. Таа ноќ долго седеше со листот хартија пред себе и се остави себе на него, сето свое мртвило и бесмислата, и просто си замина. Таа ноќ во куќата на Јусуф Абаџиќ, освен тишината, заживеа и чкрипењето на малото дрвено столче под неговите стапала. Падна на оној загниен оревов под и сѐ се изгасна – и погледот, и болката, и сјајот во косата и мирисот на жив човек.
„Зав, ќе се разбуди ли татко ми додека да пораснам?“
„Тој е секогаш буден и пази на тебе.“
„Имаше ли татко ми душа?“
„Да. Огромна.“
„А ти зошто ме зеде мене?“
„Зашто те сакам.“
„А таа твоја љубов до Бабин Дол ли е?“
„Не. До ѕвездите.“
„А знаеш до каде е мојата?“
„До каде?“
„Како одовде до оној авион горе на небото.“
Џенета Ровчанин
е родена во Сараево во 1994 година. По завршувањето на гимназијата упишува студии по јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Во текот на основното и средното образование објавува трудови во училишните списанија. Нејзината прва објавена песна е објавена во меѓународната збирка поезија „Море на дланка – тело од сол“ (More na dlanu – tijelo od soli), потоа следува збирката поезија од десет млади автори „Со поезија го менувам светот“ (Poezijom mijenjam svijet). Пишува и проза и поезија.
ažurirano: 27/01/20