Хоја Огризовиќ
Неговата соба е во делот од куќата што гледа кон соседниот двор.
Тоа е најоддалечениот дел од куќата и тоа е добро. Има денови и ноќи кога не го слушам. Тогаш можам мирно да гледам ТВ или да спијам. Телевизорот, за секој случај, го засилувам. Навечер понекогаш земам половина од неговите апчиња за спиење. Нему му давам две. Понекогаш и тоа не му е доволно.
Почна од простатата. Мажите во тие години често имаат зголемена простата. Не знаев дека повеќето од нив, всушност, имаат рак. И татко ми има рак. Почна оддолу, се рашири нагоре. Сега, пак, го мачи желудникот. Онколошката комисија ми кажа дека во тие години болеста бавно напредува. Му извадија дел од утробата. Она што остана, чека на ред. Со тие остатоци чекам и јас. Го замислувам денот кога ќе го нема, а со него и сето она што ми го навлече во животот.
Кон крајот на осумдесеттите одев во основно училиште. Татко ми и мајка ми ја изградија куќата кон крајот на седумдесеттите, една година пред моето раѓање. Приземјето беше завршено, а катот остана за подобри времиња. И ден-денес кон улицата гледа терасата без ограда и штрбавите прозорци и врата.
Кон крајот на осумдесеттите татко ми со мештаните од селото оди на демонстрации за подобра иднина на нашиот народ. На ѕидот во кујната е закачена иконата на Свети Јован, тоа е нашата слава, а покрај неа главата на политичарот во кој тие години, а и подоцна, верува како во бог. Тие години сѐ почесто ги споменува Турците. Вели, ако еднаш ги решивме Турците, ќе можеме и сега. Мајка ми е тивка во тоа време. Мислам дека во неа уште тогаш постоеше никулец на болеста што за’рти дури откако татко ми своеволно замина на бојното поле. Ја паметам како седи на масата и пуши. И, како не ме ни погледнува, туку само вели – оди в соба.
Една зима, пред крајот на првото полугодие, таа умре во најлоши маки. Оној никулец ѝ се рашири низ целото тело. Во болницата само ја отворија и ја затворија. Кога умре, не успеаја да му јават веднаш на татко ми, па на погребот до нејзиниот ковчег, од нашата куќа стојам само јас. Свеќата и кандилото во собата горат со денови. Една роднина веднаш дојде да биде со мене. Таа по цел ден седи во кујната и пуши. Тие денови секое утро одам во шупата по јаглен.
Набрзо по зимскиот распуст продолжив да одам на училиште. Еден ден, додека ручав со мојот роднина, на вратата се појави тој. Татко ми. Јас веднаш се расплакав, а тој само цврсто ме фати за рамото и ми рече да престанам. И дека е тоа Божја волја. И дека никому не му е лесно.
Татко ми остана во куќата неколку дена. Онаа свеќа и кандилото, не престанаа да горат. Дење куќата ни беше полна со роднини и соседи, сите сакаа да знаат како е таму, а тој, глумејќи сталоженост, која никогаш ја немаше, зборуваше дека и оваа војна, како и сите претходни, ќе ја добиеме, и дека сиот накот што се собирал со децении – треба да се убие. Тогаш, едно утро, набрзина се врати назад. Пред да замине ми пријде, цврсто ме стисна за вилицата и ми рече да ја чувам куќата. Не ме гушна. Ни тогаш ни никогаш. Затоа, сега кога ги слушам неговите офкања, и јас него не сакам да го гушнам. Од смртта на мајка ми поминаа речиси триесет години. Триесет години чекам и тој да умре.
Онаа роднина што дојде за да не бидам сам, за неколку недели мораше да се врати кај своите. „Тука сме за сè што ти треба“, рече и си замина.
Кога војната заврши, татко ми дојде дома како победник. „Ги убивме како зајаци, сега сѐ е чисто“, таа реченица им ја повторува на сите. Некогаш навечер се опива, па ми се јавува да ми каже каде сѐ бил и што правел. Јас доаѓам и седнувам крај него, зашто, ако одбијам, сиот се вознемирува. Еднаш така избезумен ме удри и ми ја раскрвави долната усна. Потоа рече дека јас сум крив за тоа и, како да не му е доста од сѐ, уште и јас морам да го заебавам. Кога ќе се напие, ми раскажува за селата во кои биле. Јас сите тие села ги замислувам како нашето село, но не знам дали смеам тоа да му го кажам. Кога ќе заврши со приказната, погледнува во Свети Јован и се прекрстува. Мислам дека со годините научив да ги заборавам деталите што ми ги раскажуваше. Сѐ што правел било за подобра иднина на нашиот народ и – за мене. Најдобрите години од животот тој ги дал за нас, за нашиот народ и за мене – тоа секогаш го повторува и, додава – не му е жал. Бог го предодредил за тоа.
Кога се врати од војната, не се ожени повторно. Никогаш не разговаравме за тоа, само роднините и комшиите често повторуваа дека би било добро да најде некоја жена, зашто животот не е за да се помине сам како куче. По војната татко ми ѝ се врати на својата работа, поправаше бојлери и машини за перење по селото. Луѓето го викаа и често плаќаа повеќе одошто треба. По средното училиште јас се обидував да најдам работа, но безуспешно. Потоа почнав да помагам при товарење шут и друг отпад. Луѓето често ме викаа и ме плаќаа исто како и него, и повеќе одшто треба.
Една пролет татко ми сѐ почесто навечер не доаѓаше дома. Кога ќе се вратеше утредента, никогаш не прозборуваше ни збор за тоа каде бил. Мене тоа не ми пречеше, дури се надевав дека еднаш можеби и ќе остане таму каде што отишол. А, потоа, една вечер, кога добро се напи, ми рече дека оди кај мајката на мојот другар од училиште, која веќе долго беше вдовица. „Не може маж довека сам“, ми рече. „Ти треба жена во животот“, додаде. „И тебе ти треба“, ме погледна. Јас на тоа не одговорив ништо. „Белки ќе најдеш жена, ако даде Господ, подобро отколку да не најдеш, па да се убијам, да не даде Господ“, изговори и замолчи. Не му кажав дека имав девојка, но ме остави.
Додека лелека од собата, сфаќам дека не можам да се сетам на ниедна среќна ситуација со него. Или беа несреќни или толку бледи што ги заборавив. Помислувам дека дојдов на прагот на четириесеттите, толку имаше тој кога отиде во војна. По своја волја – тоа го нагласува и денес. Тој сега има повеќе од седумдесет. Ќе доживеам ли јас толку? Помислувам дека сѐ ќе биде добро кога ќе умре.
Ракот полека се шири низ неговото тело. Иако болеста бавно напредува, има денови кога забележувам дека погледот му се стеснил, а кожата му станала жолтеникава. Собата го примила неговиот мирис. Некогаш не влегувам цел ден, потоа навечер му ја менувам пелената. Го погледнувам така измочан и посран и не ми е жал за него. Телевизорот во неговата соба работи без прекин. Додека му ја менувам пелената или му носам лекови, знае да гракне дека нема да останеме живи од накотот што надоаѓа, и дека сето тоа треба да се убие навреме, и дека тоа не се мигранти, туку накот. Додека го зборува тоа, татко ми ги стиска дланките. Помислувам дека е добро што лежи вака посран, зашто да е здрав, можеби би отишол на граница да ги убие сите. „Не можеш жив да останеш од Турците“, вели.
Есента полека се вовлекува во улиците и во куќите. Го ложам шпоретот – смедеревец, кој успева да ги загрее само кујната и дневната соба. Кај него ја вклучувам греалката. Не знам како ќе ја платам струјата, зашто тој постојано вика да ја засилам, вели дека умира од студ. Комшиката ми рече дека можеби е попаметно да го пренесам во кујната, па навечер да ја затворам вратата. Ѝ одговорив дека тоа не доаѓа предвид и дека кујната и собата се само за неа и за мене. Кога тој ќе умре, комшиката и јас ќе се венчаме. Сега речиси секоја вечер водиме љубов. Ќе се венчаме и ќе имаме три деца. Кога ќе ѝ го кажам тоа, таа благо се насмевнува и додава: „Бог нека ни прости“, па погледнува во иконата на Свети Јован и се прекрстува.
Есента премина во зима. Лелеците од собата се изретчија. Остана само мирисот.
Неколку дена по славата татко ми умре. На погребот дојде половина село. Сите ми повторуваа дека бил чесен човек, херој и штета е што денес повеќе нема такви луѓе. Во ковчегот, кај ногата, му ја ставив иконата и главата на оној политичар, нека му се најдат.
Кога ќе поминат четириесет дена, ќе ги варосаме сите соби, а на ѕидот ќе закачиме нова икона. Помислувам на животот што е пред нас и сфаќам дека првпат по толку години – не сакам смрт.
Превод: Иван Шопов
Хоја Огризовиќ
Хоја Огризовиќ (Нови Сад, 1984), проф. по биологија. Пишува кратки раскази. Го има најдоброто куче на светот. Живее во Срем.
ažurirano: 25/09/21