Анте Сториќ

 

„Глеј го, Мими, каков е“, вели мајка ми.

„Што му фали?“, одговара таа, додека околу вратот ми го врзува дотраениот жолт чаршаф.

„’Ко грмушка е. Треба итно да го шишаме!“

„Е, немој сега така.“

„За еден месец почнува школото. Нема да го пуштат вака во четврто одделение!“

„Сега ќе го средиме, донт вори. Ќе биде убав ‘ко Сандокан.“

Седам пред огледалото среде ходникот, Мими ми го става лонецот на глава, па со ножиците ги сече вишоците коса.

Кога ѝ се обраќам, вели: „Те молам веќе немој да ме викаш тетка Милана. Ти реков веќе. Звучи ‘ко некоја баба.“

Потврдувам со главата и велам Мими.

„Можеш и на француски… Mí – mí“, дофрла мајка ми.

Се смеат.

Таа е пријателка на мајка ми и колешка од сметководство.

Единствената возрасна личност што, горе-долу успешно, ја викам по прекар.

Додека ме потстрижува, вели: „Насмеј се малку, ѓа’ол да те земе.“

Се зацрвенувам.

Не разбирам зошто татко ми за неа вели дека е грда ‘ко лопов.

Едно лето мајка ми и мене нè викна во село покрај Прокљанското Езеро, во куќата на своите родители.

Појадувам сендвич со сланина, првпат пијам киселина.

Додека Мими ме учи скокање на глава, мајка ми пливајќи вика: „Богами, полесно е во море.“

Потоа малку пливам краул и нуркам во плиткото, а Мими и мајка ми си ставаат шампон косата, па ја плакнат со нуркање, по што се сончаат топлес.

Мајката на Мими од вратата вика: Како не ви е срам!, и: Ставете нешто на себе!

„Тешко тебе ако те види татко ти“, вели.

Тие се смеат.

Подоцна во куќата нејзиниот татко ме вика да одам со него да фрлам мрежа, на што мајка ми одговара: „Ајде вие фино одете сами. Тој баш и не умее со рацете. Ќе ви ja замрси мрежата.“

Приквечер, сепак, одам со него.

„Ти само седи тука“, вели.

Додека со кајчето се возиме по работ на езерото, седам покрај дрвената кутија со парангал во која за малку ќе седнев и го гледам татко ѝ на Мими како ја фрла мрежата во солената вода.

Навечер, под одрината пред куќата, вечераме салпи испечени на скара и плукаме рибји коски.

Татко ѝ на Мими кажува вицеви на кои само тој се смее, па кога Мими ќе почне да прераскажува духовити анегдоти од работа, ѝ вели: „Ќерко мила, ама мелеш.“

„Нашол кој да каже“, вели мајка ѝ на Мими.

По вечерата, пиејќи го домашното вино од татко ѝ на Мими, Мими и мајка ми се опиваат.

Избирам касети и ги ставам во касетофонот, Мими и мајка ми играат во дворот, пеејќи ги Замисли живот у ритму музике за плес и Додирни ми колена.

Татко ѝ на Мими ги гледа со скрстени раце и врти лево-десно со главата; мајка ѝ вели: Ц, ц, ц. Доаѓајќи по нас, татко ми свирнува, па чека со лактот потпрен на покривот на југото 55.

Родителите на Мими ни подаруваат домашни памидори и најлонска кеса полна со смрзната риба извадена од сандакот.

При разделбата, мајка ми се заблагодарува и ги бакнува сите по трипати; татко ми по долгиот бакнеж ја тргнува главата.

 

По неколку месеци, се развеселувам кога слушам како мајка ми ѝ телефонира на Мими, за потстрижување.

„Мајко мила, ама се лицкате“, вели татко ми, па запејува: „Милааанааа Пилааанааа.“

„Не сери“, одговара мајка ми.

Кога дојде, Мими ми подари касета што ја преснимила од својата плоча: нов албум на групата Филм – Земја на среќата.

Додека ме потстрижува, ја гледам во одразот, потајно ја мирисам.

Откако мајка ми ми ја измива косата, додека не заспијам, ја преслушувам касетата; под собната ламба го читам списокот песни испишан со виолетово пенкало, гледам во малечките букви од нејзиниот ракопис.

 

Утредента, додека родителите беа на работа, пронајдов „Старт“ скриен под постелнината во орманот од нивната соба.

Ја пуштам Земја на среќата, го листам списанието.

На брачниот кревет, легнувам покрај отворената дуплерица.

Се присетувам на голите гради на Мими.

На местото каде што се усните на девојката, ја бакнувам хартијата.

 

По неколку недели од својата соба ја слушам мајка ми како во кујната, со кафе по ручекот, му вели на татко ми дека Мими веќе неколку дена не дошла во канцеларијата, дека не се јавува на телефон, дека некоја колешка за неа вели оти е кучка трофазна и нека се гони одовде и таа и цела нејзина фамилија.

„Подобро да си одат. Гледаш какво време дојде“, вели татко ми.

Доцна навечер ѕвони телефонот.

„Каде си?“, вели мајка ми со плачлив глас.

„На село. Кај мајка ми.“

„Како се тие?“

„Добро… белки.“

„Па, што ќе правите?“

„Не знам. Не знам ни каде ќе одиме ни што ќе правиме.“

 

Неколку дена подоцна лежам во креветот, низ ролетните гледам блесоци.

Низ градот одѕвонуваат детонации, се слуша пукање околу касарната.

Кога засвирува сирената за општа опасност, набрзина се облекуваме, со брзи чекори влегуваме во пештерата адаптирана во засолниште.

„Сите ќе нè заколат“, вели некоја постара сосетка.

Наутро едно момче од соседството ми се потсмева затоа што сум се измочкал во сон.

За време на повремените гранатирања на градот, со мајка ми сум во засолништето повеќе од еден месец.

Присилно се навикнувам на спиење во целосен мрак.

Повремено, кога татко ми ќе дојде од боиштето, ќе отрчаме до куќата за туширање.

Пред спиење, за да не ги слушам ‘рчењата, чкрипењата со заби и бладањата, ставам слушалки на ушите; вокменот ги врти страните на касетата од Мими: Љубовта е закон, Роб на љубовта, Добри вибрации, Воз до земјата на среќата, Ќе ти дојдам во соништата…

 

За време на затишјето, татко ми стигнува дома од боиштето.

Ми вели да одам во собата и да го вклучам касетофонот, па ја затвора вратата од кујната.

Ја стишувам музиката и го ставам увото на вратата од собата.

Не ги слушам.

Излегувам од собата, се прикрадувам до вратата од кујната.

Татко ми вели дека чул од некој војник дека се убиени родителите на Мими.

Ги тепале со кундаци, потоа, пикнати во рибарска мрежа, ги влечеле по брегот на Прокљанското Езеро, по што ги полеале со бензин и ги запалиле.

Мајка ми низ солзи прашува за Мими.

Татко ми молчи.

 

Една ноќ сонувам дека сум стар приближно колку Мими.

Стоиме прегрнати на некоја ледина, се бакнуваме в уста.

Ја сакам.

Облечен сум во воена униформа.

Приоѓа камион.

Возачот вреска да влезам во кабината.

Со глава извадена низ прозорецот на возилото, гледам како Мими ми мавта со дотраениот жолт чаршаф.

Ѝ мавтам.

Наеднаш, Мими само исчезнува.

Жолтиот чаршаф се лелее на наелектризираниот воздух.

За време на возењето сфаќам дека ги пренесуваме труповите на родителите на Мими.

Скокнувам од камионот.

Додека бегам, рафален оган од калашников ме покосува од зад грб.

Се будам.

Од покривот на пештерското засолниште, вода ми капе по лицето.

 

Неколку години по војната заѕвонува телефонот.

„Кој е сега во ова време?“, вели татко ми и се јавува.

Го слушам гласот на Мими.

Татко ми ѝ ја подава слушалката на мајка ми.

„Мило ми е што те слушам“, вели мајка ми.

Кратко разговараат.

Мајка ми ја спушта слушалката, па оди во бањата.

Слушам липање.

Татко ми го засилува звукот на телевизорот.

 

При една од последните посети на Шибеник, делумно од сведочењето на таткото на една пријателка, кој неодамна се обеси, делумно од пронајдените судски списи, дознавам дека покрај пристаништето Мандалина, во преземената касарна на ЈНА во јужниот дел од градот, пред крајот на зимата 1992 година, во просториите на воениот затвор Кулине се доведени дваесетина заробени војници и неколку цивили. Секојдневно ги удираат со тупаници, палки, кундаци; ги клоцаат, ги шибаат со кабли.

Ги мачат со оголени жици од струја и електрошокери, ги тераат на меѓусебни сексуални односи.

Една од заробените жени повеќекратно ја силуваат, ја принудуваат на полов однос со еден од цивилите.

Таа жена е Милана Јанковиќ.

Мими.

Додека фризерката со машинка ми ја отстранува израснатата коса, на радиото засвирува Воз до земјата на среќата.

Таа потпевнува, па ме забележува во одразот на огледалото.

„Плачеш ли?“, вели.

Молчам, со дланката ги бришам образите.

„Па, песнава не е тажна“, вели таа и продолжува со потстрижувањето.

  

Превод: Иван Шопов

 

 

  Анте Сториќ

Анте Сториќ живее и работи во Шибеник, каде што е роден 1980 година. Автор е на кратки раскази, кратки играни филмови, документарци, музички видеоспотови и рап-поезија. Ова му е второ учество на конкурсот Бибер.

Kontakt: ante.storic@gmail.com

 

 

ažurirano: 10/02/23