Динко Телеќан
Елекот е однадвор црн, однапред од рапава, кадифена, одзади од мазна, сјајна ткаенина. Однатре на сивкавата, веројатно некогаш бела заднина има исправени пруги, темносиви, црни и речиси избледени црвени. Има по два мали џеба одлево и оддесно, десетина копчиња. Од внатрешната страна неколку крупни дамки, како на тие места да се разлеала вода. Тоа е наводно пот пролеана при јавањето; на хемиското чистење рекоа дека на таквите дамки не им можат ништо. Елекот има барем осумдесет години. Ми го подари одамна мојата покојна драга тетка, сестра на мајка ми, како една од ретките работи преостанати од вујко Звонко, кога ѝ реков дека елекот ми се допаѓа. Го носев во посебни пригоди: на неколку венчавки, на рецитали, на доделувања дипломи. Меѓу оние ретки преостанати работи беше и врамена фотографија од непрежалената кобила на Звонко, Марта, која висеше во станот на баба ми и потоа смени уште неколку адреси. Портретот во сепија од верното животно во крупен план, со блескави сапи, со наочници. Коњољубец, вујко Звонко беше брат на баба ми.
Годината 1943, дедо ми, таткото на мајка ми, значи маж на истата баба, побегнал од Загреб во Рим, па во Америка. Било тоа, по сѐ изгледа, во последен миг. Дедо ми, имено, бил православец, дојденец од Војводина, од тогашниот Велики Бечкерек, денешен Зрењанин. Неговото бегство и подоцнежниот живот и смртта во Њујорк се приказна за себе, раскажана на друго место, а можеби и уште ќе биде раскажувана. Тогаш вујко Звонко се доселил во станот на баба ми во центарот на градот и тие неколку години ѝ бил замена за татко на мајка ми, машка рака. А таа рака била прилично цврста: мама се сеќава како на масата, како тригодишно девојче, за да ја научи на убаво однесување, Kinderstube, вујко ѝ ѝ ставал по една книга под секоја пазува. Ако, при обедувањето, една или двете книги ѝ паднеле на под, ќе го исукал ременот од панталоните (замислувам дека тоа биле панталони за јавање, излижани од седлото на грбот на Мартина) и со него ќе го шибнел девојчето по грбот, како кобилата со камшикот. На баба ми не ѝ било драго, ама молчела. Во стомакот ѝ била тетка ми, која нема директно да се сеќава на вујкото и која шеесет години подоцна ќе ми го подари неговиот елек.
Во службената семејна приказна, онаа што ја раскажуваше баба ми и која со уште некој додаден детаљ ја прераскажуваа нејзините ќерки, значи мајка ми и тетка ми, на вујко Звонко најпрво му ја заплениле кобилата, а кратко потоа партизаните дошле по него и го стрелале, иако сиромавиот ништо не погрешил освен што, ете, по тогашната инерција завршил во регуларната, домобранска војска, баш како сите оние фини загрепски момци што не сакале „в шума“, во партизани, а не биле баш ни зли усташи. На самиот крај на војната некој познајник дошол кај вујко ми и баба ми на врата и со загрижен, тивок глас му рекол дека би било добро да се скрие, да побегне. Баба ми се обидувала да му тутне на брата си дукати в рака, го наговарала да се прибере, да побегне, макар привремено, на село, кај роднини, можеби некако во странство, таа има врски и познанства. Вујко Звонко велел дека тој нема од кого и од што да бега, дека неговата совест е чиста и дека останува таму каде што е. И тогаш некои двајца грубијани дошле по него, а баба ми останала сама со двете мали ќерки, без мажот, без братот и без гроб на којшто би можела да отиде над него да се помоли. Така гласеше приказната.
Баба ми и брат ѝ имале братучед Влада. Околу него немало спор: баба велеше, додуша тивко, речиси на носот, дека Владек бил црна овца и дека го обесиле, и тоа за нозе, во Максимир. Ама нејзиниот Звонкец, тој не, тој не бил таков, тој бил фајн загрепски дечко, прашки студент, молим лепо, образован и пристоен, никаков усташ.
Многу години подоцна, дојде времето на интернетот. Време кога на Гугл впишуваме поими и имиња што ни се важни поради нешто, а и оние што не ни се толку важни, да речеме името и презимето на некој од истите училишни клупи. Така мене ми дојде да видам дали пишува негде нешто за (пра)вујко ми Звонко.
И да, пишува сенешто. Има документи, има сведоштва.
Да речеме, во создавањето на нацистичката, „независна“ држава Хрватска, трабант на Третиот Рајх, еден од клучните настани било таканареченото Бјеловарско востание, кое се одиграло баш спроти самото прогласување на таа творба, прогласување што на крајот се случило баш во тој град. На почетокот на април 1941 во Бјеловар стигнал, меѓу туѓите, капетан Звонимир Сироватка, на чело на востаниците од 105 пешадиски полк – „главешина на побунетиот стожер“, така го викале. Влатко Мачек, тогаш потпретседател на сојузната влада (познат, ете, баш по изјавата дека е „елечето раскопчано“), стои натаму, „ги повикал бунтовниците да се вратат на положба и дека тој им гарантира дека ништо нема да им се случи“, ама овие тоа веднаш го одбиле. Еден од тие денови, Звонимир Сироватка го повикал Мачек и му соопштил дека на неговите барања „не може да им се излезе во пресрет“, зашто „секој војник изјавува дека нема да се бори за српската влада против пријателскиот германски народ и војска“. И германската војска, ете, сметал вујко Звонко, била пријателска. И тоа во април 1944 година, во екот на Хитлеровата инвазија на Југославија и Грција. Утредента – благодарејќи, значи, меѓу другото, и на залагањето на Звонко – прогласена е сателитска нацистичка држава. Во документот на новопрогласената НДХ се наведува дека „околината на Бјеловар е опседната од Срби, кои прават насилства“. За тие „насилства“ да се спречат, таму е упатен Звонимир Сироватка, сега веќе домобрански „коњанички капетан“, со триесет и пет жандарми, а „побарана е и заштита од германската војска“.
Неполни две недели подоцна, издадена е наредба во која стои дека „сите офицери, подофицери, воени службеници и жандарми Срби од православна вера мора најдоцна до 30 април да ги испразнат сите станови во воените згради. Надлежните заповедници ќе ми достават попис на сите Срби станари во воените згради со назнака кога ќе биде испразнет станот“. Потпишан е „капетан Звонимир Сироватка, Пополнително заповедништво Бјеловар“.
Она, пак, унапредување го потпишал Поглаварот лично.
Во исто време, сестрата на Звонимир со сопругот Србин е во Загреб, каде што овој ќе остане уште две години, додека не му догори до нокти.
А што се однесува на она мистериозно одведување, и за тоа постои прецизен, студен податок: во „Смртните пресуди на Воениот суд на Командата на загрепското подрачје“ стои: „Сироватка Звонимир, Загреб, 1902, пресуда на Воениот суд 121/26 од V. 1945, начин на извршување на пресудата: стрелање“.
И вистина е, збор нема, братучедот на Звонко и баба ми, Владо Сироватка, бил полош. Многу полош.
Имено: „Владо Сироватка, усташки полициски агент, чиновник што истовремено како известувач работел и за Германците“, така вели еден извор.
Мира Паут, членка на главниот одбор на Обединетиот сојуз на антифашистичката младина на Хрватска, пред комисијата за воени злосторства во Топуско сведочи дека во октомври 1941 е уапсена и одведена во Звонимирова број 2, во усташкиот уред на вториот кат, каде што веќе ја чекал усташкиот агент Владо Сироватка, подоцна поради своите „заслуги“ преместен во Гестапо. Го опишува: „Во униформа, висок, очите му беа безбојни, ама погледот бодеше како игла“; раскажува како ја фрлале на под, ја удирале, како на некои места ѝ распукала кожата, и како Сироватка седел на неа и баш на тие рани почнал да гаси цигара; како потоа ѝ налеале рицинусово масло во грлото и ставиле сол, како на секој нејзин одговор „не знам“ Сироватка ќе запеел некоја песна, нешто како „Ne znam gdje je moja draga“; како веќе била доцна ноќ кога ја однеле во ќелија и како куќата во која се наоѓал „Sing-Sing“ се наоѓала недалеку од црквата Св. Ксавер, во близина на денешната последна трамвајска станица на Михаљевац.
Денес е тоа убава приватна куќа обрасната со вистерии, во убавиот и питом дел на Загреб.
Речиси шеесет години подоцна, во старечкиот дом покрај последната трамвајска станица умре братучетката на Владек, баба ми, веројатно никогаш не дознавајќи ништо за Синг-Синг. Веројатно и не сакајќи да дознае ништо за Синг-Синг, ни за сѐ што правел нејзиниот братучед, како ни за улогата на брат ѝ Звонко во таа лута војна, една од трите војни што ѝ го испресекле животот. Мојата добродушна, наивна, несебична баба, која во стационарот на Ксавер, речиси слепа и во длабока деменција, речиси слабичка, со напукнат глас потпевнуваше оперни и оперетни арии, и во проблесоците на долгорочното памтење се присеќаваше на неостварената љубов со младиот капетан во прекрасна униформа со блескави петлици.
Кога сме кај мажите во одежда – Владек, на пример, колку што се знае, не ја удирал својата внука со ремен. Не ја удирал дури ни младата скоевка, само ѝ ги зачинувал раните со догорчиња и уште малку ги посолил, весело потпевнувајќи. Не иселувал ни Срби од нивните бјеловарски станови.
Го замислувам како со врзани раце, со уште неколкумина повидни усташи, ги водат во разлистениот пролетен Максимир, во пресрет на иднината во која никој од неговите потомци нема никогаш да кажува дека бил драг, пристоен, образован загрепски дечко, нечиј мил, непрежален вујко, како таму, во тој разлистен Максимир, го чека подготвена јамка, во која во последен миг одлучуваат да му ги стегнат нозете а не вратот, и како уште долго се клати во наопачка положба додека безбојните очи му се ококоруваат и се превртуваат.
Некаде во истите тие пролетни месеци, по вујко Звонко, кој гние во неозначената јама, се ронат солзи. Дури и поради кобилата Марта понекојпат се шмрцнува.
Повторно го отворам орманот, го вадам елечето, го симнувам од закачалката, го гледам, го вртам. Се присеќавам на сите оние бирани згоди во кои сум го навлекувал, чувствувајќи се баш некако важно што на себе имам стогодишен елек – види го само, кој има таков?
Што ќе правам со него? Да го запалам?
Барем ќе знам како: со зажарениот портокалов врв на цигарата притиснат во средината на дамката од потта на правујкото. Ќе гледам како подгореното место се шири, како густиот лут чад се расплинува, како се собира распламтената ткаенина, се смалува, исчезнува.
Превод: Ѓоко Здравески
Динко Телеќан
Динко Телеќан е роден 1974 г. во Загреб. Ги објавил збирките песни: "Kreševa" (1997), "Градини и Црвената мена" (Vrtovi & Crvena mijena, 2003), "Зад" (Iza, 2005), "Пласт игли" (Plast igala, 2011), "Додека не ти догорат очите" (Dok ti oči ne dogore, 2017) и "Доволни причини" (Dovoljni razlozi, 2021), книгата "Слободата и времето" (Sloboda i vrijeme, 2003), патописните книги: "Лотос, прав и афион" (Lotos, prah i mak, 2008) и "Азиска свита" (Azijska suita, 2015), книгата "Пустина и други не-времени огледи" (Pustinja i drugi ne-vremeni ogledi, 2009) и романот "Дезертер" (Dezerter, 2013), за којшто ја добил наградата „Крунослав Сукиќ“ за Книга на годината што придонесува за подобро разбирање, миротворство, ненасилство и човекови права. Преведува од англиски и шпански.
Контакт: dinko2612@yahoo.com
ažurirano: 23/09/21