Абид Јариќ

 

 

Кога Ливањка умре, тој се всели во нејзината куќа.

Ливањка беше без пород, иако велат дека некогаш одамна се омажила. Тој се појави одненадеж, се всели во куќата на Хазна и почна да го обиколува гратчето, безволно одговарајќи на прашањата на љубопитниците кои се надеваа да дознаат што било за овој странец. Единствено им рече да го викаат Зеба и дека тој е внук на Ливањка, иако сите знаеја дека таа немаше никакви роднини. Кога еден ден се појави на општинската врата и покажа некоја хартија свиткана во ролна и подврзана со црна лента, никој повеќе не се сомневаше дека тој навистина има право на таа куќичка.

Поминуваа деновите.

Само ретки во гратчето веруваа дека овој човек не е сатана. Зашто, како инаку да се протолкува тоа што вдовицата на Поштарот, и покрај жестокото противење на својот брат, секоја недела пече пита, ја завиткува во бела марама извезена со црвени ружи и ја закачува на надвратникот на неговата куќа? Или она кога месарот Касап го заболе главата и од неговото викање не можеа да спијат ни во третото маало, а овој само со прстен му допре едно место на куќата и Касап веднаш заспа – по два дена и две ноќи?! Ако човекот не е мрачен, како тоа секоја кокошка што домаќинката не може да ја фати нему му слетува на рака да клукне што и да има на дланката? Кога неодамна го касна побеснетиот Кудров, тој само ја протресе ногата и ништо не му се случи. А што би му се случило кога има ѓаволска крв, велеа. Ловците го бркаа Кудров цел ден и дури пред мрак го стигнаа на Големата меѓа и го убија на место; велат дека човекот плачел и крвава пена му излегувала од устата, па било страшно да го гледаш. А тогаш, ако нема урокливи очи, зошто мајките ги сокриваат децата од него, а децата како за инает итаат кон него, да им даде мали шупелки, не поголеми од показалецот? Ако не е мрачен, зошто со часови седи зад куќата и со часови гледа во небото како од него да симнува само нему познати знаци кои утре ќе ги употреби за своите црни магии? Некои одеа дотаму што тврдеа дека тој и не е човек, туку некаков призрак кој дошол којзнае од каде во овој град, да го плаши чесниот свет и да не му дава мир. Само призраците имаат на лицата таква маска од која не може да се прочита ништо. Некој се сети и на стариот Маќан, кој велеше: Кога ваквите, како што е овој, ќе почнат да одат по земјата, вистинските луѓе ќе мора да исчезнат. Ќе нема место и за нас и за нив.

Сега кога Маќан повеќе го нема, сите се согласија дека бил во право.

Честите заминувања на младичот во блиската шума не можеа да останат незабележани.

Бидејќи беше дојденец, не беше тешко да се заклучи дека се наоѓаше под будното око на сите мештани кои во странецот не гледаат пријател, а посебно ако странецот има намера засекогаш да остане во нивната средина. Не беше тешко да го следат помеѓу буковите и еловите стебла и на планинските рамнини обраснати со леска. Густата плетка овозможуваше да се следи секој чекор на непознатиот. А тој застануваше само покрај омориките и, ако гранките беа ниски, ќе исечеше само една, и тоа онаа свртена кон север. Потоа со остар нож ја вадеше кората од неа, го мирисаше дрвото, долго го гледаше, го допираше со врвовите на прстите и го сечеше на неколку парчиња со иста должина. На крајот сето тоа ќе го поврзеше со коноп и го ставаше во големата волнена торба на која некоја вешта ткајачка исткала златножолт сончоглед.

Оној кој го гледаше подоцна на другите им раскажуваше сѐ што видел. А тие едноставно заклучуваа: тоа не е човек, туку шејтан.

За волја на вистината, најмногу ги нервираше неговата рамнодушност кон сите тие приказни.

Каков човек е ова, се прашуваа во чудо, да му ставиш ружа под носот, тој и тогаш би ја душкал засекливата трева? Во последно време, среќавајќи се со него, се смееја гласно иако немаше причина за тоа. Како да им каже дека грешат? – се прашуваше овој човек. Како да се смеат на несреќата која е насекаде околу нас? – Тоа страшно го мачеше. Дали да им каже дека, без оглед на нивната смеа, синот на неговиот прв комшија, шумарот, и утре ќе дојде на неговата врата нудејќи му го за ситна пара она што го украл од куќата? Или дека онаа жена од куќата на крајот на сокакот никој нема да ја спречи и понатаму да го изневерува мажот зашто овој е стар и изнемоштен и не може да ја следи на нејзините замрсени патишта што водат до многу врати? Пела, трафикантот, и понатаму ќе се фали дека пее најдобро иако уште одамна го изгубил слухот. Варош и понатаму ќе му се смее на црковниот клисар кој, поради долгото воздржување, станал малку свој, без оглед што понекој сѐ уште го запира на улица и го прашува за совет.

Со текот на времето се откажа од намерата да им објаснува што било. Ја разбра нивната неволја како што се помири и со својата. Војната веќе одамна заврши, но во светот внесе сомнеж, па никој никому повеќе не верува. Претпазливоста посебно се искажуваше кон странецот.

Сомневајќи се дека ќе може да живее од продажба на дрвени птици, тие веруваа дека тој има некаков скриен дукат што не се троши и од којшто може убаво да се живее.

Никој никогаш не видел како настануваат неговите фигури. Но кога ќе беа завршени, на луѓето им се чинеше дека птиците лесно ќе им се измолкнат од прстите и ќе одлетаат кон сонцето, како што тоа птиците и инаку знаат да го прават. Некои тврдеа дека држејќи ја дрвената птица на дланката, ја чувствувале топлината на нејзиното малечко тело и дека топлината се ширела наоколу како опоен мирис, па го зафаќала човечкото битие потопувајќи го во расположение слично на она кога посакуваме мигот на среќа и благост никогаш да не помине. На големите панаѓури кои во ова гратче се одржуваа четирипати годишно се продаваше сѐ и сешто, но сите сакаа да ја купат неговата птица од дрво. А најскапи беа ластовичките.

Со првиот мрак ќе седнеше на клупата зад куќата.

Раката полека тргнуваше кон џебот и прстите нежно ја допираа шупелката. Потоа усните ќе се приближеа до писката, влажни и треперливи, како да сакаа првиот допир да биде што понежен и помек. Градите се дуваа, а образите се празнеа и полнеа во неправилни интервали. Прстите во неверојатен ритам минуваа преку дупките на цевката. Како што одминуваше свирењето, нему главата сѐ повеќе му се креваше кон небото, а очите, навлажнети и ширум отворени, ја растеруваа ноќната темница. Лицето тогаш му се опушташе и како никогаш да не го имал оној тврд и вкочанет израз поради кои луѓето го избегнуваа. Се чекаше само мигот кога телото ќе се одвои од клупата и ќе се вивне кон небото. Да го гледаше некој, ќе видеше како сиот трепери додека прстите ги завршуваат последните акорди и како на крајот се стресува, главата му паѓа на градите, а десната рака со шупелката тешко се спушта низ уморното тело.

Ова беше за тебе, Птичар. Само за тебе, да знаеш, и за твојата свадба што ќе ја нема, тивко ќе прошепотеше.

Потоа од грлото му се искраде тивка воздишка, како и секогаш кога човек се ослободува од товарот што не може да го носи.

Таа ноќ не му бучеше во главата.

Тоа не е добар знак, мислеше. Веќе навикна на чувството кое со години немилосрдно го прогонуваше. Сѐ од војната. Немаше волја да излезе во градината и да седне на клупата зад куќичката, далеку од сите очи. Легна на креветот и се сврте кон полуотворениот прозорец. Не помина многу време и сликите почнаа да се нижат. Како секојпат. По истиот редослед.

 

 

2.

 

Знаеше да каже: Кој ќе убие ластовица, ќе направи непростлив грев. Ластовицата е птица која ја заслужила божјата милост. Кога Маченикот се скрил пред прогонителите под мостот, калуѓерката сакала да го издаде. Калуѓерката[1] извикнувала: Тука е, тука е! Ластовицата цвркотела: Не е тука, не е тука! Поради сторениот грев, Бог ја проколнал калуѓерката, а ја благословил ластовичката.

Го викаа Птичар.

И имаше другар Зеба.

Страчката не ја сакаше.

Таа ги донела трњето со кои е крунисан Маченикот. Ластовичката, криејќи се од мачителот, доаѓала и во клунот однесувала по еден трн којшто на Маченикот му ги прободувал челото и очите. Поради тоа страчките не ги убивал, туку ги фаќал и ги мачел со истите маки – забодувајќи им во главата трње или чички.

На Велики петок им плати на некои деца да исчистат неколку гнезда од ластовички и во нив да стават парчиња разни колачи.

Веруваше дека ластовичките зимуваат во вода.

„Тие се кријат во реките и езерата“, тивко велеше, со затворени очи. „Со нозете или крилата се спојуваат во гроздови и спијат под вода. Напролет од водата излетуваат само младите ластовички, а на старите им опаѓаат пердувите и се претвораат во жаби.“

„Некогаш на небото имало три сонца“, му велеше на Зеба, а тој му веруваше. „Меѓутоа, змијата царица изела две, а третото ластовицата го сокрила под крилото и го однела високо на небото. Тие две бледи и суви сонца што понекогаш се гледаат на небото се оние кои змијата ги испила, а она што сега нѐ грее го сочувала ластовичката.“

Знаеше речиси сѐ за ластовицата. И дека во исламот ја викаат џенетска птица. Зеба не му кажа дека Персијците веруваат оти цвркотот на ластовицата ги разделува другарите и го уништува пријателството. Би го повредил кога би му кажал дека таму ја сметаат за злокобна птица.

Продолжи да ги убива птиците и таа пролет додека го чекаше враќањето на првите ластовици. Пукаше само еднаш и никогаш не промашуваше.

 

**

Таа пролет ја очекуваше со многу страв.

„Ако првата ластовица се појави сама, од мојата женидба нема ништо“, го уверуваше Зеба. „Ако дојдат во пар, ќе ми бидеш кум. И ќе ги свириш нашите омилени песни на твојата шупелка, да знаеш.“

Додека го велеше ова, лузната на левата страна на лицето како малку да се издолжи.

Таа пролет, првпат откако се познаваат, една ластовичка, погодена, му падна пред нозете.

А потоа, во раната есен таа година, и Зеба се најде на неговиот нишан.

 

**

Од блискиот густеж доаѓаше слабо шуштење придушено од горчливиот мирис на дивите ружи. На Зеба му се причини дека гледа темносини пердуви од крило на ластовица. Земјата веќе се вовлекуваше во модрикавата копринена ноќ како во некаков источен парк.

Со врзани раце мноштвото се разбранува и неговата воздишка се крена до самите врвови на блиските елки. Со наведнати глави се нишаа во ритамот на слабите колена што се приближуваа до работ на камениот амбис. Отворот под окрвавените нозе изгледаше како вретено, а неговото дно, како бодликава стрелка, ја погодуваше секоја зеница во мноштвото.

„Момци, имам верба во вас. Не трошете муниција. Завршете работа со еден куршум“, с’скаше гласот на командантот.

 

**

Тројцата дојдоа до работ. Небесната грмотевица ги придуши трите истрели. Грмеше од ведро небо.

 

Тројца нови веќе стоеја над бездната.

Се чекаше заповед.

„Пукај“, заповеда командантот.

Едно тело остана на работ од бездната. Некој пријде и силно го турна со војничката цокула. Потоа неколкупати цокулата ја провлече низ тревата.

„Сакавте земја, еве ви ја!“ – опцу и застана во стрелачкиот вод.

Цевките од пушките веќе ги порамнуваат следните тројца на работ од амбисот. Овие им помагаат во тоа и се трудат сѐ да испадне како што бараат цевките од пушките.

Кај осудениците на смрт најстрашна е нивната солидарност со казната.

Шестемина тргнаа во исто време. Грубо и со пцовки ги раздвоија во две групи.

„Не брзајте. Вие сте фин народ и држете се до редот. Долу секако ќе бидете заедно“, промрморе командантот и кратко се закикоти.

Мирно и без паника, тие ги подредуваа стапалата. Ноздрите им се шират, а градите се дават во блуткавиот мирис на барут и запалена ледина.

 

**

Зеба е последен и сам. Гледа во своите дланки чиишто прсти за некој миг ќе се згрчат долу – на дното.

„Отстапете!“ – згрме некој. „Тој е мој!“

Зеба го препозна гласот и нешто луто го касна под левата града.

А тој, птичарот, се наведна и ја врза врвката на војничката чизма. Го правеше тоа мирно како пред себе да има цела вечност. Кога заврши, се исправи и се загледа некаде низ лисјето кое трепереше во синкавиот самрак.

Четири силни раце, како клешти, го зграбија Зеба и го поставија на работ од бездната.

Не се противи.

Пак се заедно.

Птичар и Зеба.

Само што овој пат не се еден до друг, туку еден зад друг.

Стрелачкиот вод стои нем и без движење. Цевките се оставени покрај нозете.

 

**

Зеба го чувствува неговиот здив. Длабоко и во правилни интервали испушта воздух низ носот како некогаш, како и секогаш кога со првиот куршум непогрешливо ја погодуваше целта.

На двајцата низ грбот им потекоа поточиња пот.

Мора да е некаков сон, вриеше во него. Па ова не може да биде стварност.

Слушна како куршумот влегува во цевката.

Помеѓу небото и земјата почна да се згуснува модрата коприна.

Кога ќе биде веќе? – се забодуваше во свеста на Зеба со таква сила што посака да викне: Ајде, Птичар, што чекаш? Време е!

Кај осудените на смрт најнеразбирлива е нивната храброст.

 

**

Цевката зад грбот на Зеба исплука оган.

Зеба само малку се заниша, но не почувствува болка.

Зарем може да се умре без болка, се пресече.

А потоа му текна. Не смее да го чека вториот куршум.

И се вивна во воздухот.

Сите тие, виолетови од самракот и неми од чудо, видоа како една ластовичка лета кон небото на црвена молња која одеднаш го осветли целиот простор.

 

 

3.

 

Кога изутрина го најде некој кој на внуката за роденден сакаше да ѝ купи ластовичка, веќе беше студен. Лицето само малку му се издолжи и омекна, а полуотворените очи вкочането гледаа кон полицата преполна со изрезбани птици меѓу кои се истакнуваше дрвената фигура на некој младич со длабока лузна на левиот образ.

 

Превод: Иван Шопов

 

[1] Се мисли на вид птица, Vanellus vanellus (заб. на прев.)

 

  Абид Јариќ

Абид Јариќ е роден во Дувно, БиХ, 1950 година. Завршил Филозофски факултет во Задар. Од 1997 година живее во Зеница, каде што работи како гимназиски професор и директор. Автор е на значајни трудови од областа на јазикот, книжевноста и педагошката практика. Застапен е во повеќе зборници на кратки раскази. Автор е на четири книги: "Подградински раскази", "Големата дупка" (роман), "Бело на црно" (колумни, статии и коментари) и "Човек во видокругот" (раскази).
Повеќепати е наградуван (Наша ријеч, Улазница, Средби Зија Диздаревиќ, Симха Кабиљо, Милутин Алемпиевиќ и други).
Контакт: jaric.abid@yahoo.com

 

 

ažurirano: 04/02/20